/ Прочитано:

1.019

Српските адвокати упорни: Нов штрајк против понижувањето и дискриминацијата врз адвокатурата

Среда, 17 септември 2014 – Адвокатите од цела Србија денеска ја прекинаа работата и на тој начин предизвикаа блокирање на работата на речиси целото правосудство. Диксриминирани сме во однос на нотарите и бараме измени на законите кои не дискриминираат и ја понижуваат дејноста, но бараме и оставка од министерот за правда, децидно велат тие.

Како што наведуваат од Адвокатската комора на Србија, спроведувањето на штрајкот значи дека нема да се одржуваат судења, истраги, сослушувања во полицијата или во обвинителството кога според закон мора да присуствува и бранител. Тоа значи дека адвокатите не доаѓаат на судски процеси, истраги, сослушувања во полиција или обвинителство во случаи во кои според закон е неопходно присуство на адвокат, ниту остваруваат други правни дејности.

Поради новите даноци, кои се многу високи, белградските адвокати штрајкуваа минатата среда и претходно, а денеска кон нив се приклучија адвокати од цела Србија.

Тие се против повеќекратното оданочување на нивната дејност и бараат од Министерството за финансии да ги стави вон сила новите решенија, а кои се однесуваат на адвокатурата и плаќањето на новите финансиски обврски, но исто така бараат и измени на законите за нотаријатот и вонпарнична постапка.

Покрај новите оданочувања, причина за штрајкот е и донесувањето на разни прописи со кои се одземаат надлежностите на адвокатите и им се доверуваат на нотарите и медијаторите.

Адвокатите се револтирани и од самиот начин на утврдување на новите давачки кои според нив, се засновани на „нејасни и неодредени критериуми“, а реформите во правосудството ги оценуваат како тенденциозни, дискриминирачки и неуспешни, за што и бараат оставка од министерот за правда, Никола Селаковиќ.

(М.В)