/ Прочитано:

1.351

ССНМ, МИМ и ИКС го поддржуваат протестот на ЗНМ и бараат фер и правично судење за Божиновски

Во заедничкото соопштение тие најавуваат дека утре ќе го поддржат протестот пред Основниот суд Скопје 1 - Скопје, каде што треба да започне судењето за Божиновски.

Зоран Божиновски

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии го поддржуваат Здружението на новинарите на Македонија во напорите за обезбедување на фер и правично судење за новинарот Зоран Божиновски. Во заедничкото соопштение тие најавуваат дека утре ќе го поддржат протестот пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, каде што треба да започне судењето за Божиновски.

„ССНМ, МИМ и Институтот за комуникациски студии јавно и недвосмислено го поддржуваат Здружението на новинарите на Македонија во напорите да обезбеди фер и правично судење за Зоран Божиновски. Правниот систем во Македонија не смее да се користи за политичка одмазда и за пресметка со неистомислениците. Правото на фер судење е базично човеково право и државата треба да го обезбеди тоа право за сите граѓани на Република Македонија“, се вели во соопштението од ССНМ, МИМ и ИКС.

Зоран Божиновски се наоѓа во притвор откако во април годинава беше екстрадиран од Србија во земјава. Според обвинителниот акт кој го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција, Божиновски се товари дека ги сторил кривичните дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик.

Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“, но бидејќи беше недостапен, предметот за него беше раздвоен. За „Шпион“ Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе пресуда која беше обжалена пред Апелациониот суд. Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое исто така утре на јавната седница во Апелација, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.