/ Прочитано:

5.395

СТАПИ ВО ПРИМЕНА НОВИОТ ЗАКОН ЗА СКИЈАЛИШТА: Должности, обврски и забрани за скијачите

На 1 јануари 2017 година стапи во примена новиот Закон за скијалишта. Со овој закон се уредуваат условите за уредување, одржување, опремување и користење на скијалиштата, правата и обврските на управувачите и корисниците на скијалиштата, обезбедување услуги на скијалиштата, обележување и поставување на сигнализација на скијалиштата, користење на превозни средства на скијалиштата, безбедност и ред на скијалиштата, подучување на скијалиштата, како и други прашања што се од значење за користење на скијалиштата.

akad 7

Законски обврски за скијачките центри

Според новиот Закон, скијачкиот центар е задолжен да ја контролира општата состојба на скијалиштето и да го одржува во исправна состојба. Одржувањето на ски-патеките опфаќа летно и зимско одржување. На скијалиштето мора да биде поставена соодветна сигнализација, така што да не може лесно да се отстрани и да соодветствува на реалните околности на патеката.

Ски-патеките се класифицираат и се обележуваат според степенот на тежина, во зависност од својствата на подрачјето, односно површините преку кои се протега патеката.

„На диви ски-патеки, необезбедени патеки и патеки надвор од ски-патеките, скијачите можат да скијаат на сопствен ризик и на своја одговорност. Скијачкиот центар на скијачите на необезбедени патеки им обезбедува вообичаени информации за времето, за снежните врнежи и за опасностите од завејување. На дивите ски-патеки, скијачкиот центар е должен во рамките на скијалиштето да постави соодветни предупредувања и знаци“, се пропишува во Законот.

Скијачкиот центар се обврзува да има соодветни уреди и опрема на скијалиштето во согласност со овој закон, за тоа да биде безбедно за користење, потоа да обезбеди спасувачка служба, давање на медицинска помош, да обезбеди систем на врски на скијалиштето, следење на временската состојба, да има план за работа, да утврди правила за користење на ски-лифтовите, жичарниците, ски-патеките, како и други услови пропишани во овој закон.

Скијачкиот центар ја обезбедува спасувачката служба самостојно или во соработка со соодветна федерација, којашто е обучена за обезбедување прва помош на повредени, односно загрозени скијачи на ски-патеките и средствата и објектите на скијалиштето. Скијачкиот центар е должен да има редарска служба, шеф на патеките, а при тоа во овој закон се пропишуваат и обврските што треба да ги почитуваат скијачите при користењето на скијалиштето, односно при скијањето.

На скијалиштето може да се организираат спортски приредби (натпревари, вклучувајќи тренинзи и манифестации) со согласност на скијачкиот центар, под услови и на начин утврден со Законот за скијалишта. Исто така, во согласност со Законот, може да се организира и подучување за скијање. За непочитување на законските одредби, скијачките центри можат да бидат казнети и со глоби до 3 000 евра.

Во Законот се дефинира дека „скијач е физичко лице кое во рекреативни цели се занимава со скијање на скијалиште, или се наоѓа на ски-патеката со цел да скија“. За скијачите во членот 51 се пропишува дека се должни да ги почитуваат правилата за ред на скијалиштето и упатствата и предупредувањата што им ги даваат редарите.

Кои се должностите на скијачите според новиот Закон за скијалишта?

Скијачите се должни да ги почитуваат правилата за ред на скијалиштето и упатствата и предупредувањата што им ги даваат редарите. Според Законот, скијачот е должен

1) на патеката да се однесува на начин што не ги загрозува или повредува другите;

2) да вози внимателно и брзината и начинот на возење да ги прилагоди кон своето знаење и условите на патеката (опкружувањето) и делот на патеката, на временските и снежните прилики, како и на бројот на скијачи на патеката;

3) да одбере линија (правец, насока) на возење така што не ги загрозува скијачите кои возат пред него и да биде во можност благовремено да одбегне судир со било кое лице или објект пред себе;

4) да ги претекнува другите скијачи, било лево или десно, секогаш на такво растојание кое што им дава доволно простор за сите нивни покрети (движења);

5) кога сака да се вклучи во возењето на определена патека или кога, по сопирање на патеката, продолжува да вози, задолжително да се увери, со гледање над и под себе, дека може тоа да го направи без опасност за себеси и другите;

6) да не застанува ако тоа не е нужно (прекин на возењето) на тесни и непрегледни делови на патеката и во случај на пад, што е можно побрзо да ослободи простор;

7) во случај кога се качува, односно се враќа по патеката или кога се симнува пешки за движење да го користи исклучиво работ на патеката;

8) да ги почитува поставените ознаки и сигнализација;

9) во случај на несреќа на патеката да даде помош на другите;

10) во случај на несреќа, без оглед дали е сведок или учесник, да ги даде своите податоци за идентификација на надлежната служба на скијачкиот центар (редарска или спасувачка);

11) да ги почитува упатствата на редарите;

12) да скија со исправна и соодветна опрема, а посебно да користи скии кои што се опремени со средства (везови и друго) кои можат да ја сопрат скијата во случај таа да се оддели од скијачот;

13) да не остава на патеката или да фрла на патеката предмети и материјали што можат да ја попречат или загрозат безбедноста на другите скијачи;

14) за скијање на скијалиштето да ја користи исклучиво маркираната патека, освен во случај на опасност;

15) ако скијалиштето се наоѓа во заштитено подрачје согласно закон да ги почитува правилата кои се за користењето на заштитеното подрачје утврдени, во согласност со законот, од правното лице кое што управува со заштитеното подрачје;

16) скијањето да го прилагоди на условите на патеката кога неповолни временски услови го зголемиле степенот на тежина на патеката и

17) задолжително да носи заштитна спортска кацига на сите ски патеки, освен на оние што се обележани како лесни патеки – со зелена боја, а доколку е на возраст до 14 години на сите ски патеки.

Што не смее да прави скијачот?

Според новиот Закон за скијалишта, скијачот не смее:

1) да скија на скијалиште, односно патека која што е означена како затворена;

2) да уништува, отстранува, оштетува или на друг начин да ги загрозува поставените ознаки и сигнализација на скијалиштето;

3) да скија на патеката доколку е под дејство на алкохол, дрога или некој психоактивен лек, односно средство кое што негативно влијае на неговите способности;

4) да го напушти местото на судир со друг скијач пред да ги даде податоците за идентификација на редарската служба, освен во случај кога тоа е неопходно поради давање итна медицинска помош на повредениот, во кој случај по предавање на повредениот на медицинска грижа, ќе се јави на најблиската редарска служба на скијачкиот центар;

5) да поставува било какви ознаки или да остава било какви работи (без надзор) на скијалиштето без дозвола на скијачкиот центар.

Лица со сноуборд, лица што се натпреваруваат и се учесници во други скијачки дисциплини се должни покрај мерките утврдени со ставот 2 од овој член, да преземат и други мерки кои што се соодветни на природата на конкретната зимска спортска активност, во согласност со соодветните меѓународни спортски активности (правилата на FIS).

M.В