/ Прочитано:

2.172

Стапија во примена законските измени за поефикасно намирување на обврските врз основа на придонеси од задолжителното социјално осигурување

На 1 јануари 2017 стапија во примена одредбите од Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување во врска со пресметка и уплата на придонеси од страна на извршители.

fotografija

Со овие измени на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување се воведува правна можност и законска обврска за пресметка и уплата на придонеси од страна на извршители и се воведува поефикасна постапка за пресметка и исплата на плата и придонеси од страна на стечаен управник и Управата за јавни приходи во специфични случаи.

Од Комората на извршители истакнуваат дека законските измени се иницијатива на Комората, а со цел поефикасно намирување на обврските по основ на придонеси од задолжителното социјално осигурување, што пак е во интерес на граѓаните, а особено на работниците.

Во таа насока, а поаѓајќи од практичните проблеми на кои укажувала Комората на извршители, од Министерството за финансии велат дека новите законски измени за придонеси од задолжителното социјално осигурување имаат за цел побрза и поефикасна постапка за наплата на социјалните придонеси и зголемување на сигурноста на граѓаните за остварување на правата од задолжително социјално осигурување.

Во образложението на новите законски измени се вели дека со законските измени се создава законска обврска за извршителите за изготвување на пресметка на придонесите наплатени со извршување на судска пресуда.

„Имено, извршителот, во согласност со Законот за извршување, извршува судски пресуди од работни спорови и наплатува парични средства за придонеси од должникот работодавач кои не може да ги уплати на уплатните сметки за придонеси без месечна пресметка на придонесите поднесена до Управата за јавни приходи, без декларација за прифаќање на месечната пресметка и налог за плаќање издадени од Управата за јавни приходи“, се посочува во образложението на законските измени.

Во ваквите случаи, се истакнува во образложението, поради работодавачот кој не постапува по судска пресуда, кој најчесто не поднесува ниту месечна пресметка за платата и придонесите за кои со судска пресуда е задолжен да ги плати, може да дојде до вакуум и наплатените парични средства од извршителот да не може да се уплатат на уплатните сметки за придонеси и тужителите да не може да ги остварат правата од задолжително социјално осигурување, иако за тоа постои судска пресуда.

„Со цел надминување на ваквата состојба, со измените на Законот се предлага извршителот во ваков случај да има обврска да поднесе пресметка на придонесите и платата, надоместок на плата или друг паричен надоместок, утврдени во судската пресуда за која спровел извршување. Со целината на споменатите измени, кои се предложени, треба да се зголеми сигурноста на вработените кои правата на социјално осигурување ги остваруваат преку судски спорови против работодавачите и да се намалат нивните трошоци“, се вели во образложението на законските измени.

Покрај проблемите со наплата на придонесите со спроведување на судска пресуда, се додава во образложението, во пракса има проблеми и во стечајните постапки кога од стечајната маса во определен процент се распределуваат средства за наплата на стечајните побарувања по основ на плата, надоместок на плата, друг паричен надоместок и придонеси.

„Проблемите произлегуваат од тоа што наплатените средства од распределба на стечајната маса најчесто не се доволни за исплата на целата бруто-плата за определен месец и постои потреба да се направи корекција на месечната пресметка поднесена од работодавачот пред отворањето на стечајната постапка, за што стечајниот управник нема овластување да врши промена. Со тоа, средствата од распределба на стечајната маса најчесто стојат нераспоредени и неуплатени на уплатните сметки за придонеси, со што вработените не можат да ги остварат соодветно правата од социјално осигурување. За надминување на овие проблеми, со предлог-законот стечајниот управник се задолжува да  поднесе пресметка за вработените лица кај работодавачот кого го застапува и кого го претставува, за месеците пред отворање на стечајната постапка, сразмерно на делот на стечајната маса што се распределува за уплата на придонесите за соодветниот месец. Конечната обврска за придонеси останува во согласност со пресметката на работодавачот и пријавеното стечајно побарување“, се посочува во законското образложение.

Исти проблеми се појавуваат и кога Управата за јавни приходи спроведува присилна наплата на долг по месечна пресметка (освен присилна наплата од парични средства), при што наплатените средства не се доволни за исплата на целата бруто-плата за определен месец и постои потреба да се направи корекција на месечната пресметка поднесена од работодавачот за да се обезбеди исплата сразмерно на наплатениот износ.

За таа цел, се вели во законското образложение, со предлог-законот се предвидува во постапка на присилна наплата, Управата за јавни приходи да може да изврши службено утврдување на обврската за уплата сразмерно на наплатениот износ на придонеси во постапката,  со што се коригира обврската за уплата на работодавачот кој треба да ја доплати разликата.

Загрозување на социјалната сигурност на граѓаните има и поради тоа што некои работодавачи не ја исполнуваат законската обврска за поднесување на месечната пресметка. Со изрекување на глоба за сторен прекршок целосно не се елиминираат последиците од неисполнување на законската обврска од причина што Управата за јавни приходи досега нема овластување да изготви службено задолжување на работодавачот и да спроведе присилна наплата на службено пресметан износ. За надминување на оваа состојба, предвидено е службено утврдување (задолжување) на придонесите, а по вака извршено службено утврдување, Управата за јавни приходи ќе може да изврши и присилна наплата во согласност со членот 23 од овој закон.

Бидејќи Управата за јавни приходи, се истакнува во законското образложение, не располага со податоци за пресметка на придонесите по осигуреник (број на работни часови, надоместоци, додатоци на плата, вид на стаж, трансакциски сметки и сл.), се предлага Управата за јавни приходи да го изготвува службеното утврдување на износот на бруто-плата од последната пресметка што ја поднел работодавачот, односно износот на просечна бруто-плата ако нема претходни податоци од работодавачот. Со спроведување блокада и симнување на парични средства од трансакциската сметка на работодавачот по основ на службено утврдување од Управата за јавни приходи, се смета дека работодавачот ќе биде принуден да поднесе, односно во негова корист ќе биде да поднесе реална (според своите податоци) пресметка на придонесите, по која наплатените средства ќе се распределат во социјалните фондови по лице осигуреник.

Со предложените измени Управата за јавни приходи може да врши службено утврдување доколку во постапка на надворешна контрола или во друга даночна постапка утврди извршени исплати или примања кои не се внесени во месечната пресметка на работодавачот и на кои не се пресметани и уплатени придонеси.

M.В