/ Прочитано:

1.337

Старите лисици во лов на нов плен: Телекомуникациските оператори наголемо влегуваат во бизнисот со ТВ права

Развојот на телекомуникациските технологии бележи нестивнат напредок. Продорот на интернетот ги измени во многу погледи навиките на корисниците и едновремено внесе промени на пазарот на телекомукациски услуги. Сред мноштвото алатки за комуникација преку интернет, операторите се најдоа приморани да ги намалуваат цените на телефонските импулси. Прокнижувајќи послаби приходи од конвенционалната телефонија, плоден терен за профит засилено се детектира во откупот на ексклузивни ТВ права и понудата на претплатнички пакети за следење спортски првенства. Под превезот на ексклузивноста, ваквиот пресврт го доведува во прашање правото на граѓанството да следи спортски натпревари од национален интерес, но ги прераспоредува и силите на пазарната конкуренција.

Британски телеком (БТ) неодамна најави дека во наредната декада планира да потроши неколку милијарди фунти за откуп на ексклузивни ТВ права за пренесување натпревари од фудбал, рагби, како и тенис во женска конкуренција. Ваквиот потег на компанијата е дел од поширок план според кој БТ треба да влезе во сите домови низ Велика Британија. Концернот годишно вложува повеќе од две милијарди фунти за развој и поддршка на својот премин во новата дигитална ера каде демнат силни конкуренти. Оттаму велат дека успехот на новоизготвената стратегија ќе се оценува врз основа на тоа колку нови корисници можат да се привлечат и истовремено задржат. Целта, притоа, е да се стекнат нови средства на пазарот кои, инаку, не може да се добијат само од услугите во мобилната и фиксната телефонијата. Весникот „Гардијан“ оценува оти закотвувањето на БТ во бизнисот со ТВ права ќе доведе до неверојатна инфлација на нивната вредност и дека допрва ќе ги размрда конкурентските сили на пазарот.

Сроден развоен тек имаат и пазарните трендови во Хрватска. Тамошниот јавен сервис, Хрватската радио-телевизија (ХРТ), со години наназад го губи приматот во дејноста со спортските ТВ преноси. По цели две децении, таа во 2011 година го загуби правото на пренесување натпревари од Првата хрватска фудбалска лига — нејзината понуда од 6,1 милион куни беше далеку помала од понудените 11 милиони куни на Хрватски телеком (ХТ). Со тоа, натпреварите од најатрактивната домашна лига станаа достапни ексклузивно за претплатниците на пакетите на ХТ, што во мошне кус рок почна да ја бранува јавноста. Аргументот дека на граѓанството му се ускратува правото да следи натпревари од можен национален интерес беше главна одредница на тамошните дискусии, но нивната разрешница сè уште нема постигнато пробив меѓу исцрпните опсервации. Божо Сушец, долгогодишен спортски новинар на ХРТ, сега вработен во нејзиниот најголем конкурент за спортски преноси — телевизијата „Арена спорт“, за „Академик“ тврди дека ваков систем е воспоставен во многу земји-членки на Европската унија.

„Телевизијата „Арена спорт“ емитува специјализирана спортска програма на четири паралелни канали преку платформата Макс ТВ која, пак, е во сопственост на Хрватски телеком. Првиот канал на „Арена спорт“ може да го следат сите претплатници на основниот пакет на Макс ТВ, додека останатите три канали може да се следат со дополнително плаќање за одреден спортски пренос. Таков систем се применува во многу земји од ЕУ. Исклучок се натпреварите со ознака на настан од општ национален интерес, како оние на националните репрезентации; тие мора да бидат бесплатно достапни за гледачите преку пренос на телевизија со национална концесија. „Арена спорт“ не откупува права за такви настани, зашто тие, по правило, се пренесуваат на ХРТ. Интересно во овој контекст е што Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција, по нечија анонимна пријава, поведе постапка за утврдување евентуално ограничување на медиумскиот пазар. Со голема сигурност можам да тврдам дека постапката целосно ќе ја потврди легалноста на начинот на емитување „Арена спорт“ со оглед на тоа што постои ушта цела низа програми достапни само на одредени платформи“, заклучува Сушец.

Во дисекција на состојбата во Македонија, проф. д-р Валентин Пепељуговски, експерт за авторски права, интелектуална и индустриска сопственост, објаснува дека законските прописи во Република Македонија ги ставаат телекомуникациските и кабелските оператори на исто рамниште, па правилата се исти за сите играчи во бизнисот со ТВ права. Според Законот за радиодифузна дејност, посочува Пепељуговски, операторите — без оглед на својата заднина — имаат право на реемитување програма за која претходно ги обезбедиле соодветните права. Оттаму, доколку извесен оператор решил да вложи во откуп на ТВ права за спортски натпревари, тој има простор самостојно да носи одлуки на кој начин и кому ќе ги прикажува. Сепак, за да се гарантира почитувањето на востановените прописи, Пепељуговски порачува дека институциите на системот, особено Советот за радиодифузија и Комисијата за заштита на конкуренцијата мора постојано да вршат увид во договорите склучени меѓу операторите и сопствениците на телевизиските права. Според него, ова е единствен начин да се одржи слободна конкуренција на рамноправен пазар.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 17.01.2013