/ Прочитано:

4.592

СТАРОСНА ПЕНЗИЈА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Ќе се пресметува стажот според Законот за старосно осигурување на земјоделците

Петок, 14 август 2015 – Владата усвои нови измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кои неколку стотици индивидуални земјоделци ќе можат да се стекнат со старосна пензија. Според најавите, со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 400 земјоделци.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека  со овие измени се предлага да се воведе законска можност на земјоделците да им се смета во нивниот стаж и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во периодот од 1978 до 1988 година.

„Со тоа би се создале можности за исполнување на минималните услови за остварување право на старосна пензија (15 години пензиски стаж)“ истакнуваат оттаму.

Министерот Диме Спасов најавува дека Владата ќе одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво за исплата на пензии.

„Ако осигуреникот нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија,  ќе се смета времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше од 1978 година до 1988 година, доколку бил пријавен во осигурување и придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на Законот за старосно осигурување на земјоделците и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, до исполнување на условот од 15 години стаж на осигурување доколку бил пријавен во задолжително социјално осигурување по 1 јануари 1989 година“, образложува Спасов.