/ Прочитано:

1.069

Старт на законските измени: Прв продаден стечаен имот преку електронска аукција

Вторник, 15 април 2014 – Продажба на стечаен имот само по електронски пат, предвидуваат најновите измени на Законот за стечај. На овој начин, првиот продаден имот од стечајна маса е на фирмата Руен од Кочани во вредност од милион и пол евра.

Првата аукција беше организирана за продажба на недвижниот имот на компанијата Руен од Кочани,  а уште три барања чекаат на одобрение за продажба. Со измените во Законот за стечај, наместо преку наддавање, прибирање на затворени понуди или со директна спогодба, стечаен имот може да се продаде само преку електронска аукција и тоа без стартна вредност.

Продажбата е лимитирана на три обиди за продажба, а доколку потоа нема одлука имотот се распределува на доверителите во идеални делови и постапката се заклучува и нема повеќе имот за продажба.

„Со измените е воведен само еден начин, преку електронска аукција без почетна вредност, која е изоставена за доверителите да не ја намалуваат во случај на неуспешна продажба и на тој начин да се објавуваат повеќе огласи за иста стечајна маса“, рече денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Од 22-ри јануари може да се продава и правото на градба на објекти кои останале недовршени поради стечај на инвеститорот и со нивна доизградба повеќе ќе нема недоизградени и нефункционални објекти.