/ Прочитано:

855

Стартот на судењето за „Пуч“ закажан за 5 август

Петок, 3 јули 2015 – Судењето за случајот „Пуч“, во кој четвртообвинет е лидерот на опозицијата, Зоран Заев, ќе почне на 5 август под палката на судијката на Основниот суд Скопје 1 Љубинка Башевска. Застапник на обвинението е јавниот обвинител Златко Биковски заедно со неговата колешка Лиле Стефанова.

Пред неколку дена Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1, кој постапуваше во постапка за оцена на обвинителниот акт за случајот „Пуч“, ги отфрли  како неосновани приговорите поднесени од страна на одбраната и донесе одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост. 

Советот во одлучувањето утврдил дека делата што се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението.

„Воедно, Советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите, што за Советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа, на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа“, информираа во вторникот  од Основниот суд Скопје 1.

Заев, пак, откако го судот го прифати обвинението на прес-конференција изјави дека не го признава судот и дека нема да се појавува на рочишта.

„Не го признавам правосудството како независна власт, нема да одам на рочишта, нека ме уапсат“, рече тој.

Со обвинителниот акт за случајот „Пуч“ се опфатени пет лица. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како четвртообвинет се товари за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи.

Второобвинетиот, Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК , е обвинет за поттикнување неовластено прислушување и тонско снимање и помагање при делото шпионажа.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, е обвинета за помагање при шпионажа. Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој е четвртообвинет, се товари за насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл. 311 в.в чл. 24 од Кривичниот законик, односно за кривично дело сторено во обид.

Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.

Сите обвинети се во притвор, освен Заев, на кого привремено му беше одземен пасошот, но потоа му беше вратен.

>> СУДОТ ГО ОДОБРИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ПУЧ“: Заев ќе седне на обвинителна клупа >> „ПУЧ“: Обвинителството бара судење — за одбраната обвинението е правно неиздржано  Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk