/ Прочитано:

3.320

„СТАВЕТЕ ТОЧКА НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈКИТЕ“: Меѓународен ден за борба против насилство врз жените

Среда, 25 ноември 2015 – Под мотото „Обој го светот во портокалово, ставете точка на насилството врз жените и девојките“ денеска ќе се означи почетокот на кампања за одбележување на „Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените“ што ќе трае 16 дена. Таа е во рамки на глобалниот активизам, што ќе трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Меѓународен ден за борба против насилството врз жените

Ценејќи ја потребата од посебна заштита на жените од овој вид насилство, Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17. декември 1999 година, го утврди 25. Ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20. декември 1993 година.

По овој повод, денеска на плоштадот „Филип втори“ во Скопје над 100 граѓани ќе формираат портокалова панделка за почеток на кампањата, која се спроведува во организација на Делегацијата на ЕУ и канцеларијата на ОН во Македонија. Целта кампања е запирање на кршењето на правата на жените, затоа што проценките се дека најмалку една од три жени или девојки во светот е жртва на насилство.

Сериозна повреда на човековите права

Насилството врз жените претставува сериозна повреда на човековите права што феноменолошки се манифестира како резултат на дискриминаторски третман односно нееднаквост помеѓу мажите и жените. Еден од клучните проблеми во врска со борбата против семејнотото насилство е што мал дел од случаите на родово насилство во Македонија се пријавуваат, а жртвите на родово базирано насилство, како што истакнуваат невладините организации посветени на оваа проблематика, не ја добиваат соодветната заштита од институциите надлежни да ја пружат таа заштита.

Според Луиза Винтон, координатор на УНДП за Македонија, смета дека од голема важност е ратификување на Истанбулската конвенција, а како проблем го нагласи тоа што жртвите на семејно насилство во голем дел  не ги пријавууваат случаите.

„Засега само мал дел од случаите на родово насилство во Македонија се пријавуваат, уште помал дел одат на судење, а само незначителен дел се казнуваат. Сметам дека ратификацијата на Истанбулската конвенција во Македонија е потребен и значаен чекор“,  вели Луиза Винтон.

Според Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет, постои евидентна неефикасност на институционалната заштита на жените како жртви на насилство и зголемување на бројот на родово базирани убиства.

„Тоа говори за институционалните слабости и неприменувањето на законските одредби. Неопходното законско регулирање и примена, мора да се надополни со итно ратификување на Истанбулската конвенција и да се спроведат обврските кои произлегуваат од неа“, вели Чаловска.  Таа истакнува дека како Хелсиншкиот комитет се на стојалиште дека примерите на зачестено семејно насилство се како директна последица на неефикасна системска заштита на жртвите од родово базирано насилство.

Итно ратификување на Истанбулската конвенција

Годинешното одбележување на 25 ноември воедно претставува и апел за поскоро ратификување на Истанбулската конвенција и прилагодување на домашната регулатива во согласност со одредбите на Конвенцијата.

Итно ратификување на Истанбулската конвенција, летово побараа и 27 организации, кои посочија дека потребно е и итно криминализирање на насилството врз жената.

Бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира овие видови насилство, специјално насочени кон жените и девојките, низ повеќе одредби, а особено во членот 3 Дефинирање на насилството врз жената (а и г) и во членот 36  Сексуално насилство, вклучувајќи и силување. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на силувањето и адекватно казнување на ваквите случаи, а воедно ќе понуди и едно системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејно насилство“, посочија од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Што претставува Истанбулската конвенција?

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно нарекувана Истанбулска Конвенција, е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените.

Конвенцијата досега е потпишана од 29 земји членки на Советот на Европа, а ратификувана од 13. Македонија оваа конвенција ја потпиша на 08.07.2011 година без резерви.

За државите коишто ја ратификувале оваа Конвенција се предвидуваат низа обврски во смисла на целосно третирање на сите облици на насилство врз жената и превземање на сите соодветни мерки за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Притоа, правата на жртвата треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Мал дел од случаите се пријавуваат и одат на судење – незначителен дел се казнуваат“

27 организации бараат итно криминализирање на насилството врз жената

Семејно насилство низ нишанот на легално оружје

Ратификацијата на Истанбулската конвенција – пат кон засилена и поефективна борба против семејното насилство

Да се почитуваше жената колку што цвеќе и се подарува на Осми март – правата на жената во земјава ќе процветаа

Кон потребата за ратификација на Истанбулската конвенција

М.В / veljanoskim@akademik.mk