/ Прочитано:

732

Стејт департмент: Во Македонија Уставот и законите ги штитат верските слободи, а генерално тие се почитуваат и во пракса

Вторник, 29 јули 2014 – Уставот и другите закони и политики ги штитат верските слободи, а во пракса владата генерално ги почитува верските слободи, стои објавениот извештај на Стејт департментот, во делот за Македонија.

Сепак, Стејт департментот во Извештајот ( International Religious Freedom Report for 2013 ) наведува дека речиси сите верски групи во земјата сметаат дека Владата ја фаворизира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

Во извештајот се наведува и случајот со расчинетиот владика на МПЦ-ОА, Јован Вранишковски.

„Самонаречениот православен архиепископ од Охрид, што има врска со Српската православна црква и не ја признава МПЦ-ОА, и натаму се наоѓа во затвор за проневера и беше осуден по дополнителни обвиненија за перење на пари“.

Американската влада бележи и извештаи за социјална злоупотреба или дискриминација, базирана врз верското убедување или пракса. Бекташката заедница јавила за повремени закани од поединци со различна интерпретација на Исламот. Политизацијата на верските прашања навидум е во пораст и имала негативен ефект на верската толеранција, смета Стејт департментот.

Во глобални рамки, при презентацијата на извештајот, американскиот државен секретар изјави дека САД ќе застанат зад малцинските верски заедници што под удар и закана ширум светот. Тој рече дека верската слобода е право на секој поединец, стекната со раѓањето.

Според извештајот, минатата година милиони луѓе ширум светот биле присилени да ги напуштат домовите поради верските убедувања. Во зоните на конфликти, масовното раселување станало „опасна норма“.

Кери оцени дека Северна Кореја се издвојува во годишниот извештај за верските слободи за, како што рече, „апсолутната репресија на верските активности“. Тој подвлече и дека руската влада користи жестоки казни против она што таа го нарекува екстремизам, за да ги оправда своите сурови мерки против верниците.