/ Прочитано:

1.157

СТУДЕНТСКИOT ПЛЕНУМ ДО ПРЕМИЕРОТ: Нема да се откажеме од барањата и во името на идните генерации

Петок, 21 ноември 2014 – По изјавата на премиерот Никола Груевски дека доколку се донесат измени на Законот за високото образование со кои би се вовело екстерно тестирање тоа ќе важи за студентите кои ќе се запишат допрва на факултет, денеска се огласија студентите. „Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која ги би трпела последиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се придружат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање“, истакнуваат од Студентскиот пленум.

Ќе се слушнат сите мислења за оценувањето на студентите. Целта е да имаме нови генерации со посилно знаење и креативност, изјави вчера премиерот Никола Груевски по одбележувањето 13 години од основање на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.

„Размислувањата што ги сподели Владата со јавноста во правец на подобрување на знаењето и квалитетот во високото образование се мотивирани за да се помогне на студентите, младите луѓе да добијат диплома со знаење кое што ќе им помогне во животот понатаму“, рече Груевски.

Според премиерот, било каква реформа нема да се спроведе се додека не се направи една широка дебата во која ќе бидат вклучени студентите.

„Тие веќе се вклучени, затоа што Министерството за образование организираше такви настани, како со студентите така и со професорите. Ќе бидат вклучени сите можни фактори и од тој аспект ќе се слушне секое мислење и внимателно ќе се анализира“, додаде Груевски.

Премиерот истакна дека студентите имаат право на различно мислење и право на протест и посочи оти тоа го почитува, но дека е не е точно дека нема да се предвиди можноста за повеќекратно полагање на државниот испит.

„Не е точно, како што се појавија некои шпекулации, дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит во втора година“, рече Груевски, појаснувајќи дека ќе има можност секој да полага онолку пати се додека не положи.

Единствената цел на Владата, како што рече, е ако некој дошол до преодна оценка без знаење да биде натеран да научи.

Според него, доколку се донесат измените на законот тие ќе важат за студентите кои ќе се запишат допрва на факултет.

„Сакаме да помогнеме да имаме нови генерации со посилно знаење и со поголема креативност, луѓе кои пред се за себе ќе си обезбедат подобри услови, а секако со поголемо знаење ќе бидат позначајни и за самото општество затоа што ќе имаат поголем придонес во него“, изјави Груевски.

„Екстерното тестирање, во каков и да е модел, е противуставно“

На изјавата на премиерот Груевски, реагираа студентите. За нив било каков модел на екстерно тестирање е неприфатлив.

 „Иако е неизбежно е да забележиме омекнување на реториката на премиерот (истото беше случај и со министерот Адеми), сепак понатаму се инсистира на спроведување на дадената мерка. Тие се цврсти во ставот дека екстерно ќе има, што за нас е сосема неприфатливо. Би сакале да ја искористиме оваа прилика да го потсетиме премиерот дека со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46). Универзитетот е, како што беше безбројпати истакнато, највисоката образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин“, се вели во соопштението на Студентскит пленум.

Тие  истакнуваат дека цврсто стојат на ставот и дека нема да се откажат од своето барање во името на ниту една генерација, која, според нив, би трпела последици од реформата. Истовремено, тие го прашуваат премиерот дали се надева на тоа дека идните генерации нема да се побунат.

„Исто така, не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која ги би трпела последиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се придружат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање. По изјавата не можеше, а да не размислиме на следниве прашања: Дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што ние веќе го оспоруваме? Ако се сигурни во квалитетот на понудените реформи, тогаш зошто прават компромис и нашата генерација ја исклучуваат од истите?.“

Според Пленумот, ресорниот министер  Абдилаќим Адеми изјавил дека државниот испит ќе биде дисквалификациски.

„Изјавено беше и дека „…постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит”, а всушност самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање (т.е. државниот испит – се чини дека владините службеници ги употребуваат овие два термина наизменично) ќе биде дисквалификациско“, се наведува во соопштението.

Тие исто така, потенцираат дека студентите и универзитетите не биле консултирани за секоја акција во однос на екстерното тестирање. Сепак, додаваат, дебата за реформи во високото образование  е потребна, но не околу моделот на екстерното тестирање.

„До сега во секоја изјава како одговор на нашите барања се велеше дека секоја натамошна акција во однос на екстерното тестирање ќе бидат консултирани универзитетите како и ние студентите. Сепак, премиерот излезе со нов модел на истото тестирање без воопшто да се консултира со било која од горенаведените инстанци. Затоа овој предлог повторно го сметаме за нелегитимен.  Пленумот повторно сака да посочи дека уште нема никакви анализи каде потфрла квалитетот во високото образование, и како државниот испит е најефикасниот начин за негово решавање. За нас е сеуште нејасно зошто не дебатираме за постоечките механизми за конторла на квалитет и како нив да ги направиме функционални, туку и понатаму се инсистира на ваквата мерка. Дебата околу реформите во високото образование е навистина неопходна, но таа не може да биде околу моделот на екстерното тестирање“.

Повеќе од две илјади студенти во понеделникот излегоа на  протест против воведување на екстерно тестирање на факултетите.

Е. П.

>> Разговор со Бојан Матовски, активист на Студентски Пленум: „Одиме чекор по чекор – ниту молкот, ниту апсурдниот предлог не е решение за туѓите грешки“