/ Прочитано:

3.021

Сто години од раѓањето на КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ – ПИТУ – правникот што ги постави темелите на македонската држава

На денешен ден се навршуваат 100 години од раѓањето на Кузман Јосифовски – Питу, македонскиот правник кој е најзаслужен идеолог и организатор на  антифашистичкото движење, НОБ, АСНОМ и современата македонска држава. Македонските историчари се согласни дека Питу е еден од наjсветлите и најдостоинствените личности од македонското антифашистичко ослободително движење, а соборците го нарекуваат архитектот на македонската држава.

Кузман Јосифовски – Питу е главниот иницијатор и организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ и еден од авторите на асномските државотворни документи. Неговите современици го нарекуваат вториот Гоце Делчев, најголемото име на Македонската ослободителна антифашистичка борба и главен архитект на македонската држава. Негова е идејата за формирање Иницијативен одбор и за одржување на Првото заседание на АСНОМ. Исто така, Питу е иницијатор на Манифестот на Главниот штаб на НОБ и ПОМ. За време на подготовките на Првото заседание на АСНОМ, Питу ја поставува структурата на државните органи и на идното конституирање на македонското собрание како највисок законодавен орган на државата.

Кузман Јосифовски – Питу е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп. Во родниот град и во Битола завршува основно и средно училиште, за потоа да продолжи на студии на Правниот факултет во Белград. За време на студиите бил политички активен, особено преку создавање на студентските друштва и  движења „Вардар“ и „МАНАПО“. Во овој период тој го покренува и весникот „Наша реч“, каде што објавувал свои текстови. Како студентски активист забележливи се неговите дејствувања во организирањето на Студентската колонија во Охрид (1939 – 1940) и на меѓусебните контакти на студентите од универзитетите во Белград и Софија. Бил член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

Питу учествувал на сите демонстрации организирани од страна на Комунистичката партија во Прилеп и бил основач на месни и реонски комитети низ Македонија. Во март 1942 година го формирал Окружниот комитет за Западна Македонија со седиште во Тетово, за подоцна да биде и негов секретар. По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје, каде што живеел во населбата Трнодол во Скопје. Го формирал АНОК и го раководел.

Останувајќи доследен на своите убедувања, како што го нарекуваат некои историчари, генијалниот Кузман во своето дејствување на организациски, воено-политички и политичко-правен план дал огромен придонес во организираната ослободителна борба, со изградени погледи за создавање на македонската држава и со државотворно чувство изразено низ јасна и визионерска идеологија која го обединувала народот, рефлектирајќи го повикот дека македонскиот народ треба подеднакво да се дистанцира од оние што во минатото го попречувале неговото национално осамостојување.

Кузман Јосифовски – Питу бил убиен под неразјаснети околности на 25 февруари 1944 година. Според официјалната верзија, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година, погоден од куршум на бугарски војник, откако претходно била опколена куќата каде што се одржувал состанок со претставници на Централниот комитет на БКП (Бугарската комунистичка партија). Кузман успеал да се извлече и да побегне, но стигнал само некој километар подолу од некогашната „Алумина“, каде што бил смртно погоден.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

23.6.2015