/ Прочитано:

1.351

Стопанска комора: Потребни се итни решенија со иницијатива за усогласување на регулативата за употреба на ИТ-опрема

„ИТ-опремата што се користи во државните институции е надвор од сите еко-стандарди, па од тие причини не може и не треба да најде место во Македонија. Мора да престанеме да го собираме целото ѓубре од западноевропските земји. Засега имаме позитивен одговор во однос на измените на законската регулатива од Министерството за животна средина. Ги повикуваме сите компании од дејноста да ни се придружат во креирањето подобри услови при користењето современи, нови, напредни ИТ-решенија“, беше истакнато од страна на Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија.

Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција апелираше Македонија да не го собира електронското ѓубре, истрошените, веќе користени скенери, печатачи, копири, опреми за архивирање и следење документи, од западноевропските земји, туку да увезува нова, современа опрема што ќе значи заштита на животната средина и заштеда на енергија.

„Македонија станува отпад за ИТ-опрема која европските земји ја исфрлаат од употреба. На домашниот пазар има сè поголема набавка и употреба на стари, печатачи, копири, мултифункциски уреди и друга ИТ- опрема веќе отфрлени во Европа, особено од страна на државните институции. Конкретно, дури 70 отсто од користената електронска опрема која се увезува во Македонија е за потребите на администрацијата. Имаме информации дека Министерството за внатрешни работи веќе распишало тендер за набавка на 600 стари машини што само го потврдува фактот дека кај нас воопшто не постои критериум за квалитет кога станува збор за електронските канцелариски уреди“, изјави денеска Александар Пајковски, претседател на Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора.

Тој нагласи дека ИТ-опремата што се користи во државните институции е надвор од сите еко-стандарди, па од тие причини не може и не треба да најде место во Македонија.

Според заменик претседателот на оваа групација, Мирко Мариќ, во однос на ова прашање, од исклучителна важност е подигнување на свеста на граѓаните за заштита на животната средина од негативните последици на старата ИТ-опрема.

„Мора да ја подигнеме еколошката свест, да престанеме да го собираме целото ѓубре од западноевропските земји. Засега имаме позитивен одговор во однос на измените на законската регулатива од Министерството за животна средина. Ги повикуваме сите компании од дејноста да ни се придружат во креирањето подобри услови при користењето современи, нови, напредни ИТ-решенија“, изјави Мариќ.

Во Македонија засега околу 30 фирми настојуваат и се трудат на пазарот да му ги наметнат новите, современи електронски уреди. Наспроти нив, како што беше истакнато денеска, во земјава сè уште постојат компании чијашто основна дејност се  репарирање и пуштање во промет стари копири и друга електронска опрема од западните земји.

А. Б.