/ Прочитано:

1.446

Стотина илјади пријави за вработување во администрација и најмногу жалби за избор на кандидат

Четврток, 16 јули 2015 – До Агенцијата биле доставени и биле обработени вкупно 109.183 пријави за вработување по пат на јавен оглас, или во просек 49,86 пријави за еден извршител, велат од Агенцијата за администрација во Годишниот извештај за нејзината работа.

Објавување на јавни и интерни огласи за државни и јавни службеници

„Во текот на 2014 година, Агенцијата објави вкупно 384 јавни огласи за 2.190 извршители за нови вработувања. За потребите на државните органи беа објавени 232 јавни огласи за вработување на 1.644 извршители, додека за во општините и градот Скопје беа објавени 152 јавни огласи за вработување на 546 извршители“, велат од Агенцијата за администрација.

Во врска со интерните огласи, од Агенцијата велат дека во текот на изминатата година објавиле вкупно 77 интерни огласи за 166 извршители.

„За потребите на државните органи беа објавени 17 интерни огласи за унапредување на 63 извршители, додека за во општините и градот Скопје беа објавени 60 интерни огласи за унапредување на 103 извршители“, истакнуваат од Агенцијата.

„До Агенцијата биле доставени и биле обработени вкупно 109.183 пријави за вработување по пат на јавен оглас, или во просек 49,86 пријави за еден извршител, а за вработување по пат на интерен оглас биле доставени и биле обработени и вкупно 229 пријави за вработување“, посочуваат од Агенцијата во врска со објавувањето на јавни огласи за државни службеници.

За објавувањето на јавни огласи за јавни службеници во 2014 година, од Агенцијата велат дека објавиле 74 огласи за 143 работни места за 181 извршител, од кои 6 за раководни места, 111 за работни места со високо образование и 70 за работни места со средно образование.

Објавени се  1.652 одлуки за избор на државен службеник 

Според Агенцијата, во 2014 година на огласната табла и на веб-страницата на Агенцијата за администрација биле објавени 1.652 одлуки за избор и 426 одлуки за неизбор на државен службеник и 238 одлуки за избор и 53 одлуки за неизбор на кандидат за јавен службеник.

Најмногу жалби за изборот по оглас

Во извештајниот период, Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници одржала 59 седници.

„До Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници биле поднесени 514 жалби и приговори. Решени се 497 предмети, од кои 17 предмети се во постапка на решавање. Исто така, до крајот на изминатата година, Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен по жалби и приговори на јавните службеници одржа 65 седници. Од поднесени 240 жалби и приговори, решени се сите 240“, велат од Агенцијата.

Структурата на поднесени жалби и приговори според основот: распоредување 25 5,03%; престанок на вработувањето 68 13,68%; избор по оглас 210 42,25%; плата и надоместоци 14 2,81%; дисциплински постапки 96 19,31%; оценување 44 8,85%; суспензија 6 1,20%; годишен одмор 5 1%.

Структурата на поднесени жалби и приговори според основот: распоредување 41 17,08%; престанок на вработувањето 29 12,08%; избор по оглас 51 21,25%; плата и надоместоци 42 17,50%.

M.B