/ Прочитано:

1.374

Стратегија за воведување на еврото во Хрватска

Денеска Владата на Република Хрватска и Хрватската народна банка организираа Конференција на тема „Стратегија за воведување на еврото во Хрватска“.

Денеска Владата на Република Хрватска и хрватската Народна банка организираа конференција на тема „Стратегија за воведување на еврото во Хрватска“.

„Што ќе ни донесе еврото? Глобален, политички и економски кредибилитет. Тоа е еден од најпрепознатливите и најконкретни симболи. Еврото го гледам како инструмент, кој е корисен за зголемување на економскиот раст. Според мене, нема да почувствуваме осцилации на валутниот курс. Една од главните предности се и пониски трансакциски трошоци, со што Хрватска ќе стане попривлечна за инвеститорите и со тоа ќе ја зголемиме својата вредност“, истакна на денешната конференција претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленовиќ.

Хрватскиот премиер на денешната конференција нагласи дека Хрватска има за цел да стане членка на еврозоната во следните седум до осум години. Во Хрватска, посочи премиерот Пленковиќ, постои раширена, но погрешна перцепција дека ефектот на еврото врз инфлацијата е помал отколку што навистина е.

„Во земјите од Централна Европа кои го воведоа еврото, просечните бруто-плати растеа многу побргу. Не се точни тврдењата дека ќе добиеме европски цени, а ќе ги задржиме хрватските плати. Нашата Влада е нагласено проевропски ориентирана. За реализација на оваа цел, тоа е од пресудно значење. Она што ни е најважно се работните места, регионалниот и економскиот развој. Хрватска има два важни чекори. Едниот е да стане дел од шенген просторот, а вториот е приклучување кон еврозоната“, нагласи Пленковиќ на денешната конференција „Стратегија за воведување на еврото во Хрватска“.

Според гувернерот на хрватската Народна банка, Борис Вујчиќ, стравот на граѓаните од растот на цените по воведувањето на еврото е оправдан и во таа смисла, најважно е да се работи на прашањето за укинување на валутниот и курсниот ризик. За економијата и граѓаните, потенцираше Вујчиќ,  многу ќе значи тоа што ќе го нема курсниот ризик, кој во Хрватска е многу голем. Со воведувањето на еврото, смета гувернерот, овој ризик ќе се елиминира, што ќе биде добро и за граѓаните, и за фирмите, и за инвеститорите.

„Инфлацијата во последните земји кои го воведоа еврото била зголемена за 0,2 до 0,3 отсто.  Тоа не е многу. За некои производи беше поголема. Она што се покажа ефикасно е барањето сите да ги изложат цените и во куни и во евра на шест месеци пред воведувањето на еврото,. На тој начин, никој нема да може да ги измами граѓаните и да ја заокружи цената на повисоката вредност“, образложи гувернерот на хрватската Народна банка.

Според хрватското Здружение на работодавачи, за воведувањето на еврото во Хрватска е потребно да постои и сериозно подготвена анализа, покрај презентираната стратегија. Во таа насока, хрватските работодавачи нагласуваат дека прашањето за воведувањето на еврото не е само политичка волја туку и значајно економско прашање. Треба, нагласуваат хрватските работодавачи, да се разгледаат сите аргументи кои се за или против воведувањето на еврото, особено од аспект како тоа ќе влијае врз економијата, стопанствениците и извозниците.

Хрватската Стопанска комора во своите првични проценки смета дека со воведувањето на еврото, на хрватското стопанство ќе му се олесни пристапот до капиталот, ќе се смалат каматните стапки и ќе се раздвижи економијата со државите членки на еврозоната.

M.В