/ Прочитано:

1.036

Стратегијата за реформа во јавната администрација за заштитата на правата на граѓаните

Со измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител се создаваат предуслови, од нормативен аспект, за добивање статус А за Национална институција за човекови права. Со измените се проширува мандатот на Народниот правобранител во однос на промоцијата на човековите права, како и дополнување на нова надлежност која се однесува на овластувања на Народниот правобранител да учествува во сите фази на судската постапка.

Според податоците посочени во Стратегијата за реформа во јавната администрација, од вкупно 3775 претставки примени во текот на 2016 година, најголем број од нив, односно 1764 (46 %), се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 1142 (30 %) се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, додека во 306 претставки (8 %) се повредени правата од страна на локалната власт.

Од завршените 3756 постапки во 2016 година, во 1358 случаи (36 %) Народниот правобранител констатирал повреди на човековите слободи и права, при што се преземени соодветни мерки и неговите интервенции биле прифатени.

„Генерално, се забележува пораст на прифатените поединечни препораки за отстранување на повреди на права од страна на органите на државната управа и другите органи и организации со јавни овластувања, но тоа не е случај со препораките по поединечните извештаи и истражувања за констатирани негативни состојби. Заради надминување на ваквите состојби, со измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител се налага посебните извештаи за попречување на работата на Народниот правобранител задолжително да се разгледуваат на седница на Владата, која ќе мора да заземе став со предлог-мерки“, се посочува во Стратегијата за реформа во јавната администрација, објавена од Министерството за информатичко општество и администрација како нацрт-верзија.

Со предлагањето на мерките, се додава понатаму во стратешкиот документ,  се создаваат услови за зајакнување на отчетноста и контролата на Собранието на РМ над извршната власт.

Правната заштита на граѓаните како уставно загарантирано право е обезбедена преку правото на жалба и/или судска заштита. Во дел од постапките со законите е загарантирано правото на жалба, додека пак во дел директно е загарантирана судската заштита.

Воспоставени се Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а обезбедена е и двостепена судска заштита пред Управниот суд и Вишиот управен суд.

Досегашната имплементација на ЗОУП, во однос на заштитата на правата на граѓаните во управна постапка, покажа тешкотии при практичната примена.

„Заради техничка неподготвеност на институциите, задолжителната електронска форма на комуникација меѓу јавните органи сè уште не се спроведува. Поконкретно, крајниот рок за донесување на решение по поднесено барање на странката во првостепената постапка, односно по службена должност, често се пролонгира. Воедно, ЗОУП предвидува обврска за органот до кого е доставено барањето да ги обезбедува и да ги изведува потребните докази за решавање на предметот по службена должност, што гледано од пракса не се применува во целост кај сите органи и сè уште странките најчесто сами ги прибавуваат сите потребни документи/докази“, се вели во Стратегијата.

Од аспект на управните постапки пред второстепените органи, многу често недостасуваат списи во предметот кои се релевантни за негово решавање. При постапување по жалба по еден предмет потребно е и по неколку пати второстепениот орган да се обрати до првостепениот орган само за комплетирање на сите потребни списи.

„Ова упатува на неодговорно однесување од страна на раководството на првостепениот орган и на неажурно работење на службениците кои постапуваат по предмети, како и за несоодветен административен капацитет. Во исклучителни случаи, за неодговарањето на првостепените органи по барања за комплетирање на списите се ангажира и Државниот управен инспекторат. Во постапка по поведен управен спор со тужба до Управен суд, проблемот на доставување на списите од предметот е уште посложен и има огромно влијание на одолговлекување на постапките“, се истакнува во Стратегијата.

До завршување на постапката, се додава во Стратегијата, списите од предметот и по неколку пати се доставуваат на релација првостепен орган – второстепен орган – Управен суд – Виш управен суд.

„Тоа во голема мера влијае на времетраењето на постапките, на навремената заштита на правата на граѓаните, но и на трошоците за достава на списите. Има случаи кога првостепените органи ги занемаруваат и обврските од ЗОУП кои се однесуваат на работа на првостепениот орган по жалбата, туку жалбата ја препраќаат на надлежност до второстепениот орган. Други прашања кои се однесуваат на административна правда се опфатени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година со Акциски план“ се посочува во стратешкиот документ.

М.В