/ Прочитано:

26.406

СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА НОВИНАРИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО ПРИ ДЕБАТАТА ЗА БУЏЕТОТ

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во врска со случајот на новинарите кои беа физички отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот во 2012 година. Во овој предмет постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права, пресуди Судот во Стразбур.

Како што образложува Судот во Стразбур, новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски се жалеле пред ЕСЧП за нивното насилно отстранување од собраниската галерија, од која како акредитирани новинари ја следеле дебатата за носењето на Буџетот на 24 декември 2012 година.

Со ваквиот чин, навеле новинарите во жалбата до ЕСЧП, повредени се членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој се однесува на слободата на изразување, како и членот 6  кој се однесува на правото на фер судење и сослушување, во конкретниот случај правото на сослушување пред Уставниот суд.

Носењето на Буџетот, образложува ЕСЧП, беше проследено со тензија помеѓу власта и опозицијата. Атмосферата на оваа седница, истакнува ЕСЧП, кулминираше откако опозициски пратеници го опкружија претседателот на Собранието, кој му нареди на обезбедувањето да го осигури редот во законодавниот дом. Следејќи ја наредбата, обезбедувањето од собраниската сала ги отстрани опозициските пратеници, но и новинарите од собраниската галерија, вклучувајќи ги и новинарите жалители во Стразбур.

Овие новинари одбиле да си одат од собраниската галерија, нагласувајќи дека јавноста има право да знае што се случува во Собранието. Тие негирале дека биле информирани дека нивното отстранување од собраниската галерија е поради безбедносни причини и нивна заштита.

Сметајќи дека со ваквиот чин на насилното исфрлање на новинарите од галеријата на собраниската сала била сторена повреда на слободата на изразување, гарантирана со членот 16 од Уставот и со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, Здружението на новинарите, застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на Здружението и новинарите Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, до Уставниот суд поднеле барање за заштита на слободите и правата на новинарите.

Во барањето се наведува дека правото на примање и пренесување на информации е интегрален дел од слободата на изразување и правото на јавно информирање го опфаќало и правото на медиумите непречено да ја извршуваат својата дејност и да ја информираат јавноста. Во барањето се цитираат ставовите на Европскиот суд за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата (случаи Sunday Times v. U.K, Lingens v. Austria, News Verlags GmbH & Co. KG v. Austria) за улогата на медиумите во демократското општество.

„Ограничувањата на слободата на изразување мора да бидат пропишани со закон, да се неопходни во едно демократско општество, да имаат за цел заштита на точно определени вредности“, се наведува во барањето до Уставниот суд.

Ценејќи дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала, кое го налагала конкретната ситуација на, како што посочува Уставниот суд, ескалација на хаосот и безредието во салата, имало за цел да ги заштити новинарите и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи во вршењето на нивната дејност – информирање на јавноста и да им ја ограничи слободата на изразувањето, Уставниот суд го одби барањето на новинарите.

Со одлуката на мнозинството судии не се согласи судијката Наташа Габер-Дамјановска, која во своето издвоено мислење посочи дека: „Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за ‘безбедност на новинарите’, кога очевиден факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право, бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност.

„Правната битка тука не завршува, а новинарите ќе поднесат претставка и до Судот за човекови права во Стразбур“, најави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, веднаш по одлуката на Уставниот суд.

Во членот  10 од Конвенцијата  се вели дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Според Конвенцијата, ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија, да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Остварувањето на овие слободи, се пропишува во членот 10 од Конвенцијата, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Во членот 6 од Конвенцијата, на кој се повикуваат новинарите жалители до Стразбур, се вели дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата“, се пропишува во членот 6 став од Европската конвенција.

M.В / veljanoskim@akademik.mk