/ Прочитано:

3.031

СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ ПОРАЧУВА: Да се укине актуелното одмерување на казните и да се донесе нов и конзистентен Кривичен законик

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, во соработка со Здружението на судиите на Република Македонија и ИРЗ – Германската фондација за меѓународна правна соработка, денеска организираа научна и стручна расправа на тема „Судско одмерување на казните и практична примена на алтернативните мерки во македонското законодавство“.

akademik foto 1

На денешната стручна расправа се анализираа предностите и предизвиците при практичната примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и се дискутираше за нив во насока на воедначување на казнената политика, како и за примената на алтернативните мерки во судската практика на Република Македонија, а во контекст на донесувањето на новиот Закон за пробација, кој стапи во примена овој месец.

На расправата учествуваа домашни и странски експерти, универзитетски професори, судии,  адвокати и обвинители, претставници на релевантни државни институции, истражувачи и студенти, кои говореа за најновите законски решенија од областа на казненото право.

„Донесувањето на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на казната со себе донесе и низа проблеми во однос на политиката на казнување на судовите и недостигот од ефективен систем за условен отпуст од казната. Алтернативните санкции предвидени во Кривичниот законик се користат малку или не се користат воопшто“, беше нагласено на почетокот на настанот.

Во своето воведно обраќање, претседателот на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија проф. д-р Трпе Стојановски истакна дека целта на расправата е поттикнување на активна дискусија помеѓу правните практичари,  експерти и претставници на академската фела, кои ќе говорат за актуелните теми за воедначувањето на казнената политика и примената на алтернативните мерки.

akademik foto 1

Судијата д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии, нагласи дека ваквата стручна расправа ќе даде особен придонес, како во развојот на кривичноправната мисла, така и во детектирањето на практичните проблеми, а во насока на подигнување на свеста кај експертската јавност во однос на овие прашања.

„Темата е од посебна важност не само за областа од кривичното право, туку и општо. Оваа тема секогаш е показател дали една земја припаѓа во сферата на континенталното право. Казната сама по себе се смета како ултима рацио. Целта на казната не смее да биде одмаздата, туку реинтеграцијата. Никогаш не треба автоматски да се одлучува за казните“, истакна д-р Штефан Пирнер, регионален проектен раководител на Германската фондација за меѓународна правна соработка.

Професорот д-р Никола Тупанчески истакна дека Законот за одредување на видот и одмерување на казната не е добро решение и дека е потребна друга форма и модалитет на одмерување на казните. Во насока на законското одмерување на казните, професорот нагласи дека во државата проблематично е драстичното заострување на казнената политика, проследено со законски решенија кои предвидуваат драконски казни. Професорот упати и критика кон честото менување на законите, посочувајќи дека во Македонија се случило и тоа со правилник да се дерогира закон.

akademik foto 1

„Потоа овој правилник, кој ние остро го критикувавме, стана закон. И тоа беше дел од она често менување на законодавството. Тука може да се земе и примерот со Кривичниот законик. Република Македонија треба да оди на Олимписки игри кога станува збор за измени на Кривичниот законик. Славиме две децении од Кривичниот законик кој веќе има над 30 измени. Светскиот рекорд се достигна во февруари 2014 година кога во еден месец имаше дури три измени. Измените секогаш беа поради различни причини. Кривичниот законик денес е еден од најстрогите закони во Европа“, истакна професорот Никола Тупанчески.

„Во таа насока, јас често велам дека Кривичниот законик е мал Левијатан. Потребен е нов кривичен законик како конзистентна целина. Нелогично е да има нов ЗКП, да има нови решенија за одмерување на казните, да има нов Закон за прекршоци, а материјалниот закон да биде ревидиран и коригиран, односно, да се изразиме со тие зборови, да биде крпен“, истакна Тупанчески.

akademik foto 1

Проф. д-р Александра Деановска-Трендафилова укажа на бројните нелогичности и  контрадикторности  поврзани со примената на Законот за одредување на видот и одмерување на казната, кои се во директна спротивност со принципот на индивидуализација на казната.

„Имаме такви пресуди со кои казната тешко може да се индивидуализира. Првенствено со Правилникот се наруши принципот на законитоста. Потоа државата отиде чекор понапред, па Правилникот стана Закон, но суштинските проблеми останаа. Можеби требаше да се размисли во рамките на КЗ да бидат имплементирани подетални одредби во поглед на критериумите за одмерување на казните, или пак да се донесе нов кривичен закон. Постои една општа перцепција дека овој закон довел до неправедно казнување, а ако целта е остварување на правдата, се поставува прашањето дали се остварува оваа цел со ваквото одмерување на казните. Во таа насока, за  начелото на индивидуализација постои скептицизам за тоа колку е применлив ваквиот модел“, истакна проф. д-р Александра Деановска-Трендафилова.

„Законот за одредување на видот и одмерување на казната е бесмислен. Кривичното право е филигран, тоа е убавина, тоа е занает. Не може да се игра аритметика со поими како што се игра во овој закон. Мојот предлог е да се најде начин да се подготви образложен кривичноправен елаборат во кој ќе се укаже на тоа какви закони на Македонија веќе не ѝ требаат, како што е примерот со овој неефикасен и неекономичен закон“, истакна обвинителката д-р Лидија Раичевиќ-Вучкова, додавајќи дека потребни се решенија кои вистинито ќе ги одразат целите на остварувањето на правдата.

akademik foto 1

„Со Законот за одредување на видот и одмерување на казната законодавната власт изврши директен упад во судскиот систем. Со овој закон се погазија Бенгалорските начела и токму со овој закон се погази независноста на судството и се минираше начелото на индивидуализацијата на казната. Покрај директното мешање во судската власт, овој закон ги понижи и човековите права и слободи. Законот директно го понижи и Врховниот суд кој, во согласност со Уставот, ја има клучната улога и клучната позиција во градењето на казнената политика. Законот претставува свесно законско кршење на човековите права, и ние, како судии, сме доведени во ситуација да се извинуваме за одлуките кои овој закон евидентно ги прави неправедни. Каде се тука правата на граѓаните, а пресудата е од нивно име?“, истакна судијата и универзитетски професор д-р Лазар Нанев.

Дојдено е времето, додаде професорот Нанев, овој закон да се укине целосно и да се донесе целосно нов закон, со нови начела и со дефинирање на казнената политика во согласност со европските стандарди, а не според дневнополитичките потреби.

akademik foto 1

„Веднаш да кажам дека овој закон беше погрешен и треба да исчезне од правниот поредок на Република Македонија. Со овој закон се негира принципот на слободното судиско уверување, кој е главниот аргумент кој треба да се земе предвид во врска со неговата практична примена. Законот беше донесен под чудни околности и немаше сериозни јасни расправи. Стручната јавност беше заобиколена. Во таа насока, судиите требаше да се спротивстават порешително и поостро“, истакна професорот д-р Методија Каневчев, нагласувајќи дека одмерувањето на казните е суверено подрачје на судиите и дека со Законот за одредување на видот и одмерување на казната законодавната власт има решенија кои се во колизија и со Кривичниот законик.

„Таков е примерот со предвидената олеснувачка околност – крајна нужда. Па и студент од правен факултет знае дека крајната нужда не е олеснувачка околност. Ако постои таа, нема кривична одговорност. Оттука, не може крајната нужда да биде олеснувачка околност“, рече проф. д-р Методија Каневчев.

Нема потреба, додаде професорот, од вакво математизирање и шаблонизирање на одмерувањето на казните и законодавецот не треба да биде игнорантен од ваквите укажувања на стручната јавност, но и на судиската јавност.

akad 4

„Самиот факт дека ова е уникатно решение зборува за самиот закон. Според податоците, нема вакво компаративно решение на ниту еден континент. Ако остане ова решение понатаму, подобро е да ги укинеме факултетите. Ќе воведеме курс по  информатика и ќе пресметуваме казни“, констатираа професорите по кривично право.

Вториот панел на настанот беше посветен на алтернативните мерки и на примената на новиот Закон за пробација. Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи, се вели во Законот за пробација.

„Резултатите од истражувањата за судската казнена политика покажуваат дека најчесто изрекувани санкции се токму казната затвор и алтернативната мерка условна осуда, и тоа казната затвор се користи премногу, а условната осуда се користи дури и претерано, а помеѓу двете санкции речиси има вакуум на изрекување на останатите санкции“, истакна проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски.

akad 4

Праведен и ефикасен систем на казнување, додаде професорката, треба да вклучува примена на голем број на санкции/казни, а не само избор помеѓу казна затвор и условна осуда.

„Стремежот треба да биде кон зголемување на изрекувањето на санкции потешки од условната осуда и полесни од долгите казни затвор, односно судовите се истовремено и премногу благи и премногу строги. Преблаги со голем број на условни осуди кои треба да биде предмет на построги санкции во заедницата и премногу строги со многу затворски казни на лица кои не би претставувале сериозна закана за безбедноста на заедницата ако бидат под контрола во заедницата“, подвлече Груевска-Дракулевски.

Говорејќи за Законот за пробација, доц. д-р Бобан Мисоски посочи дека со Законот за пробација се пропуштила можноста да се промовираат полесните мерки за обезбедување присуство уредени во ЗКП. Законот за пробација, истакна Мисоски, наместо да послужи за промоција на нови решенија, не содржи никакви одредби во оваа насока. Исто така, во однос на влијанието на Законот за пробација врз ЗКП, Мисоски како идна можност го потенцираше заживувањето на полесните мерки за обезбедување присуство, модернизирањето на мерките во ЗКП и воведувањето на „presentence report“ (чл. 12 ЗП) и рочиште за одмерување на видот и висината на санкцијата во ЗКП.

akademik foto 1

За целите на казнувањето во Република Македонија говореше доц. д-р Весна Стефановска, доцент на Факултетот за безбедност – Скопје. Стефановска ја постави дилемата дали преголемата криминализација и заострувањето на казните ги оправува целите на казнувањето. Казненото право, нагласи професорката, треба да биде одговор на криминалот како социјален проблем и оттука превенцијата има најзначајна улога во тој контекст.

Покрај дискусиите за одмерувањето на казните и Законот за пробација, адвокатите на расправата истакна дека и ЗКП сè уште не функционира онака како што треба да функционира според одредбите. „ Законот за кривичната постапка не функционира како што би требало да функционира. Како адвокати кои секојдневно се наоѓаме во судницата, се соочуваме со бројни проблеми. На пример, тука е прашањето за притворот или пак прашањето за вкрстеното испрашување. Просто ќе бидете запрепастени што се случува со вкрстеното испрашување. Доколку претендираме да бидеме сериозна правна држава, мораме да ги надминеме овие проблеми.“, посочија адвокатите.

М.В