/ Прочитано:

2.186

Стручните расправи за законите од областа на кривичното право – значаен придонес и поттик за подобрување на законските решенија

Организирањето на стручните расправи за законите од областа на кривичното право е една од целите на Здружението за кривично право и криминологија. Стручните и научни расправи, велат од Здружението, придонесуваат многу за развојот на кривичноправната мисла, но и за потенцирање на проблемите од практичната имплементација на законските решенија од областа на кривичното право.

akad 7

Република Македонија, вели проф. д-р Трпе Стојановски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија,  во процесот на интеграција со правилата на ЕУ подолг период се обидува да го хармонизира националното законодавство, особено делот од областа на правосудството и фундаменталните права.

„Суштински е аспектот на примена и спроведување на овие одредби. Судското одмерување на казните е значаен сегмент од тој процес. Донесувањето на Правилникот за одмерување на казните пред две години наиде на различни коментари од стручната и од научната јавност во Македонија. Сега постои можност да се согледаат првичните искуства од практичарите кои постапуваат во Република Македонија, мислењето на науката за ова, но и за искуствата од постапувањето на судовите во некои од соседните земји и за искуството од Германија“, истакнува Стојановски.

Професорот Стојановски вели дека една од поактуелните теми кои се во фокусот на Здружението е судското одмерување на казните. Реформата во сферата на институциите на правдата, вели Стојановски, не се одвива секогаш по нагорна линија и тоа особено важи за сегментот поврзан со новелите во казненото право – судското одмерување на казните во Република Македонија.

„Многу поважно во овој момент е да се слушне мислењето на практичарите кои се соочени со примена на одредбите за судско одмерување на казните, а потоа ќе произлезат заклучни согледувања и препораки, кои ќе бидат споделени со надлежните институции“,  истакнува професорот Стојановски.

„Здружението за кривично право и криминологија на Македонија го сочинуваат еминентни научни работници, судии, обвинители, бранители, полициски службеници, студенти и лица кои се активни во кривичноправната и криминолошката област и оттука обврска на Здружението е да идентификува актуелни теми и да овозможи јавна расправа“, додава  Стојановски.

Во таа смисла, нагласува професорот, императив на Здружението е да организира научни и стручни расправи за експерти и за правни практичари за сите значајни решенија од областа на кривичното право и притоа да донесе препораки и заклучоци кои би се зеле предвид при сите дополнителни измени на законските решенија од страна на надлежните институции. Исто така, експертите од Здружението организираат наменски и општи тренинзи и обуки за правни практичари (судии, обвинители и адвокати) на теми од областа на казненото процесно право со цел да се зголемат знаењето и капацитетите на практичарите во однос на ЗКП и новите институти. Резултатите од обуките, мислењата и стојалиштата на експертите и академиците, вели Стојановски, редовно се објавуваат во Македонската ревија за казнено право и криминологија.

М-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението за кривично право и криминологија, вели дека во Македонија во последниот период  се донесуваат многу измени на клучни закони од областа на кривичното право, без притоа да се организира научна и стручна расправа во однос на тие измени.

„Конкретно, од областа на воедначување на казнената политика, Здружението го даде својот придонес веднаш по донесувањето на првиот инструмент – Правилникот, со што реагираше во јавноста преку соопштение и организираше научна и стручна расправа на која зедоа учество претседателот на Врховниот суд на РМ, академици, еминентни правни експерти и практичари. Заклучоците од расправата во вид на коминикеа беа испратени до надлежните институции за да бидат земени предвид при други евентуални измени. Во однос на донесувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, не беше одржана никаква научна расправа за да се дискутира за компатибилноста на тој закон и за неговите предности и недостатоци“, вели Божиновски.

Здружението за кривично право е организација во која членуваат академици, правни експерти и практичари (судии, обвинители и адвокати) со цел да расправаат за актуелни теми од областа на кривичното право и криминологијата. Ставовите и мислења редовно се објавуваат во Македонската ревија за казнено право и криминологија, кое е единственото меѓународно стручно списание од областа на кривичното право во цела држава.

На последната стручна расправа „Судско одмерување на казните и практична примена на алтернативните мерки во македонското законодавство“, организирана од Здружението, во соработка со Здружението на судиите на Република Македонија и ИРЗ – Германска фондација за меѓународна правна соработка, беше посочено дека потребно е да се укине актуелното одмерување на казните и да се донесе нов и конзистентен Кривичен законик.

„Донесувањето на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на казната со себе донесе и низа проблеми во однос на политиката на казнување на судовите и недостигот од ефективен систем за условен отпуст од казната. Алтернативните санкции предвидени во Кривичниот законик се користат малку или не се користат воопшто. Казната сама по себе се смета како ултима рацио. Целта на казната не смее да биде одмаздата, туку реинтеграцијата“, беше нагласено на настанот.

M.В