/ Прочитано:

921

Студентите бараат поддршка против идејата за екстерно тестирање, УКИМ не знае што точно се планира со него

Петок, 31 октомври 2014 – Студенти пред Ректоратот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ побараа универзитетскиот Сенат да расправа и да заземе став за предлогот за воведување екстерно тестирање во високото образование.

Студентската иницијатива за одбрана на правата на студентите „Студентски пленум“ децидно вели „НЕ“ за воведувањето на државен испит за студентите, посочувајќи дека моделот кој го предлага министерството не е соодветен за оценување на студентите бидејќи се деградира автономијата на Универзитетот и се урива слободата на високо образовниот процес.

Од Иницијативата велат дека Студентски пленум е автентична иницијатива покрената од самите студенти која се оградува од било какво партиско влијание и велат дека „само индексот е нивна припадност“.

Со транспаренти „Ставете не на дневен ред“, „Не го силувајте образованието“, „Ние имаме само една книшка – се вика индекс“, тие ги упатија своите пораки во име на заштита на правата на студентите.

„Сакаме да извршиме притосок на Ректоратот и Сенатот да излезат со став и да ги одбранат студентските права и автономијата на Универзитетот“, нагласија студентите.

На нивните прозивки, одговори ректорот Стојковски, кој на средбата со нив и медиумите, потенцираше дека веднаш по добивањето на официјален писмен предлог од надлежното министерство, Универзитетот ќе излезе со конкретен став за ова прашање.

„Ректоратот нема да излезе со став за екстерното тестирање бидејќи од Министерството за образование не добил никаков конкретен предлог на писмено и не знае што точно планира Министерството за образование да воведува, дали државен испит за студентите, дали надворешна евалуација на програмите или нешто друго“, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Студентите најавуваат дека нивните активности  ќе продолжат и ги повикуваат студентите да излезат во што поголем број да ги искажат своето мислење, став и солидарност, а воедно порачуваат дека треба и поголема активност од Студентскиот парламент, иако, како што истакнуваат, неговата пасивност отвора прашања за неговата заинтересираност и можност од политичка субјективност.