/ Прочитано:

4.590

Студентите од „Јустинијан Први“ влегоа во финалето на Меѓународниот правен натпревар „Биг дил“

Студентите од „Јустинијан Први“ кои се на последипломски студии на Катедрата по деловно право, влегоа во финалето на Меѓународниот натпревар по деловно право „Биг дил“, кој овие два дена се одржува во Скопје. Тие на утрешното финале ќе се натпреваруваат со тимот од Словенија.

akad 4

На овогодишниот натпревар, во македонскиот тим се студентите: Маја Вељанова, Азра Еминовиќ, Александра Костеска, Христина Бачовска и Моника Здравкова. На овој натпревар студентите успешно ги презентираа своите знаења од повеќе области на правото преку подготовка на извештај за правна анализа (Legal Due Diligence Report), како и нацрт на договор за пренос на удел (Draft Share Purchase Agreement).

Студентите беа подготвувани од страна на менторите доц. д-р Билјана Петревска и проф. д-р Димитар Гелев, професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и адвокатите од Адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“.

akad 4

„Навистина се вложи многу труд во подготовката на студентите и буквално се работеше деноноќно. Ова се исклучително посветени и талентирани студенти, кои несебично се посветија на подготовките за натпреварот. Денес има брилијантен настап. Многу сме горди на денешниот успех“, вели доц. д-р Билјана Петревска.

„Добровоспоставената платформа на Биг дил се должи токму на поврзаноста и меѓусебната соработка на адвокатурата и правните факултети“, вели адвокатката Ана Хаџиева-Ангеловска од Адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“.

akad 4

„Соработката помеѓу адвокатурата како претставник на практичниот дел на правото и правната едукација во примената на правото понудена од врвни адвокати, од една страна, и експертските теоретски знаења и вештини од правото дадени од страна на професори од Правниот факултет, од друга страна, нуди голем степен на напредок во знаењето на еден млад правник“, вели адвокатката Емилија Ќелешоска-Шољаковска, партнер во Адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“.

„Биг дил“ преставува натпревар на студенти од правните факултети од регионот, кој веќе втора година се одржува на регионално ниво, во организација на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва (Top Tier Legal Adriatic – TLA).

akad 4

Годинава, на „Биг дил“ учествуваат вкупно шест тима од студенти од правните факултети од Македонија, Србија, Хрватска и од Словенија, односно два тима од Скопје, еден тим од Белград, еден тим од Крагуевац и по еден тим од Загреб и од Љубљана.

(ФОТО) СТУДЕНТИТЕ ГИ ПРЕЗЕНТИРААТ СВОИТЕ ЗНАЕЊА: Меѓународниот правен натпревар „Биг дил“ годинава се одржува во Скопје

М.В