/ Прочитано:

1.494

СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ: Претседателот да биде непослушен и да застане во одбрана на уставноста и законитоста!

Вторник, 13 јануари 2014 – Студентскиот пленум вчера се сретна со претседателот на РМ, проф. д-р Ѓорѓе Иванов, што е и прва средба со државна институција, по бројните апели на студентите да се чуе нивниот став по предложените измени на Законот за високо образование. Покрај претставниците од Студентскиот пленум, студентите Константин Битраков и Кирил Арсовски, присутни беа и професорката Гордана Силјановска и професорот Абдулменаф Беџети од Професорскиот пленум.

„Целта на оваа средба беше да се побара од Претседателот да го искористи правото на суспензивно вето, со што иако нема автоматски да се прекине постапката за донесување на Законот за измени и дополнување на Законот за високо образование, сепак ќе се прати порака до надлежните институции дека тој е во својата суштина недопустлив“, известуваат од Студентскиот пленум.

На средбата, како што посочуваат тие, претставниците на студентите ги истакнале сите нелогичности во предложените измени на Законот, колизијата на одредбите во него, како и причините поради кои за нив не е прифатливо полагањето државен испит.

„Студентскиот пленум смета дека со ваквиот начин на проверка на знаење се казнуваат оние кои се најмалку заслужни за актуелната состојба во образованието, а тоа се студентите. Исто така, Студентски пленум истакна дека во ниту еден закон за високо образование во светот не се сретнува одредба со која е предвидена казна затвор при дејствување спротивно на пропишаното“.

Студентите предочија дека ваквиот чин на одземање на автономијата и префрлувањето на моќта на универзитетот во рацете на извршната власт ќе нанесе ненадоместлива штета не само за развојот на научната мисла и академското знаење, туку и за севкупниот развој на државата.

На крајот од средбата, Студентскиот пленум одново му порачал на претседателот Иванов дека не отстапува од своето барање за повлекување на предлогот за измените на Законот за високо образование.

„Студентскиот пленум се залага за реформи кои ќе бидат втемелени врз сеопфатна анализа за проблемите во високото образование и кои ќе бидат направени на начин кој ќе ги вклучи сите засегнати страни што аргументирано ќе ги изнесат своите предлози за подобрување на состојбите на образованието, додека предложените измени на Законот не ги задоволуваат овие минимални стандарди“.

Претседателот Иванов, како што наведуваат од Пленумот, истакнал дека мора да има промени во високото образование, но дека во однос на евентуално вето нема да се води од професорски, туку од  државен интерес.

„Претседателот Иванов имаше кратко излагање во кое истакна дека мора да има промени во високото образование, а во неговата одлука дали ќе стави вето, доколку е Законот евентуално изгласан од Собранието, ќе се води според државниот интерес, а не како професор. Тој истакна загриженост за поделеноста во академската заедница по прашањето за квалитет во високото образование“, се вели во известувањето.

„Студентскиот пленум ја користи оваа прилика повторно да го потсети Претседателот на максимата која ја користеше во своите предавања како професор, а тоа е дека во историјата ги памети бунтовните, а не оние кои се послушни.

Повикуваме Претседателот да биде непослушен и во оваа прилика да застане во одбрана на уставноста и законитоста и да го искористи своето право на суспензивно вето!“, потцртуваат студентите.

Иванов: На Македонија ѝ е потребна успешна трансформација на високото образование

Од кабинетот на Претседателот, пак, излегоа со соопштение во кое се вели дека на средбата соговорниците размениле мислења околу севкупните состојби во образованието во Република Македонија и се согласиле за неопходноста од спроведување реформи во образованието, како и за потребата од квалитетно високо образование.

„Претставниците на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование. Претседателот Иванов рече дека на Република Македонија ѝ е потребна успешна трансформација на високото образование. На средбата претседателот Иванов изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и повика на единство и дијалог, со цел надминување на актуелните состојби“, се вели во соопштението. Македонскиот претседател најави дека во текот на денешниот ден, по нивно барање, ќе ги прими и претставниците од Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, во јавноста познати како Контрапленум . Претседателот Иванов предложи да се одржи заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование.

Е. П.