/ Прочитано:

998

Студии на случаи со ризици од корупција: поглед кон „заробената држава“

Четврток, 24 септември 2015 – Транспарентност Македонија (ТМ) во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ги промовираше „Студиите на случаи со ризици од корупција“. Целта на овие студии е подобрување на политиките за антикорупција, преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи.

Дури 77% од граѓаните очекуваат дека во јавните институции ќе наидат на корупција

„Корупцијата претставува раширен феномен во Република Македонија. Дури 77% од граѓаните очекуваат дека во својата интеракција со јавните институции ќе наидат на корупција. На повеќе од една четвртина од граѓаните им била побарано некоја форма на подмитување, а еден од секои пет граѓани платил мито или дал подарок или противуслуга. Граѓаните на Македонија покажуваат високо ниво на толеранција кон корупцијата каде 45% од нив ја толерираат оваа пракса во некоја форма. Уште повеќе, само 27% не се подложни на корупција доколку бидат доведени во можност да ползуваат од таква состојба. Иако ова се широки согледувања, сепак може да се извлечат соодветни препораки за засегнатите страни во борбата против корупцијата“, посочува Миша Поповиќ, авторот на трудот „Демографија на корупцијата: поглед кон заробената држава“

Според Поповиќ, спроведувањето случаи од висока корупција иницира намалување на корупцијата на пониските нивоа, но истовремено ја демонстрира неисплатливоста на корумпираното однесување на подолг рок. Тој посочува дека јавните институции задолжени за контрола на корупцијата мора да ја „најдат“ својата независност и да започнат истрага за корупцијски случаи на највисоко ниво.

Јавни набавки: Недостатокот на контрола го зголемува ризикот од натамошно влошување на состојбите

Сабина Факиќ, авторката на студијата „Намалување на корупцијата во јавните набавки преку засилена контрола“, осврнувајќи се на нереализирањето на измените во Законот за јавни набавки, вели  дека тие измени  требало да овозможат Бирото за јавни набавки да прерасне во самостојна агенција. Факиќ истакнува дека повеќе случаи од кои се гледа дека недостатокот на контрола го зголемува ризикот од натамошно влошување на состојбите со корупцијата во јавните набавки.

„Во отсуство на функционални институции кои ревносно го казнуваат незаконското трошење јавни пари, постои ризик од натамошно зголемување на корупцијата во јавните набавки. Потребно е воведување контрола во јавните набавки во насока на следење на законитоста на преземените дејства и утврдување на неправилностите што ќе бидат основа за навремено спречување на незаконските дејствија и соодветно санкционирање на злоупотребата на јавните пари.Неопходно е да се направат дополнителни напори за да се уреди системот на јавни набавки на таков начин што реално ќе овозможи остварување на главните принципи: транспарентност, конкурентност, еднаков третман на понудувачите, недискриминација, законитост, економичност, ефикасност, ефективност и рационалност во користењето на буџетските средства. Системот треба да ја засили одговорноста од носителите на власта во насока на наменско и рационално трошење на јавните пари низ еден транспарентен и отчетен процес. Во отсуство на функционални институции кои ревносно го казнуваат незаконското трошење на јавни пари, постои ризик од натамошно зголемување на корупцијата во јавните набавки“, потенцира Факиќ.

Државниот ревизор да започне со поднесување кривични пријави до Јавното обвинителство

Слаѓан Пенев, автор на студијата  „Незаконско, неодговорно и нерационално трошење на парите на граѓаните прикажано преку извештаите на Државниот завод за ревизија“ вели дека во конечните извештаи на ДЗР за работењето на министерствата и другите државни органи се констатирани незаконитости во работењето и сомневања за злоупотреби.

„Несфатлив е одосот на ДЗР кој не поднесува иницијативи за кривично гонење против одговорни лица во овие институции. Препорака до државниот ревизор е согласно своите законски ингеренции да започне со поднесување кривични пријави до Јавното обвинителство во врска со констатираните незаконитости во трошењето на парите на граѓаните и непочитувањето на законите, наместо да чека тоа да го направат други органи, како на пр. Државната комисија за спречување на корупцијата, кои во досегашната практика не покажаа ефикасност и не реагираа соодветно на нивните обврски и надлежности, прикривајќи ги на тој начин криминалот и корупцијата“, истакнува Пенев.

М.В