/ Прочитано:

708

СУДЕЊЕ „Агент“: Денеска пресуда за спорното земјиште кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“

Понеделник, 16 декември 2013 – За два месеци финишираше процесот против двајцата скопски адвокати и поранешниот разузнавач обвинети за финансиски малверзации при купопродажбата на спорното земјиште што се наоѓа близу Спортскиот центар „Борис Трајковски. Судскиот совет денеска ќе ја објави одлуката за шестмината обвинети, еден од нив е Митја Валич кој сè уште е недостапен на органите на прогонот. 

На првиот главен претрес, двајца од шестмина обвинети кои се товарат за фалсификување на документи, перење пари и корупција при продажба на државно земјиште, исцрпно ја дадоа својата одбрана. Обвинителот ја преценил мојата улога во оваа правна работа, не сум бил во позиција за да можам лично да ги направам тие работи за кои сега ме товари – појасни обвинетиот адвокат Васко Томановиќ, отфрлајќи ги наводите во обвинението. Поранешниот разузнувач, Слободан Богоевски рече дека ниту еден доказ не упатува на вина, со потпишаниот договор за спорното земјиште, корист извлекла државата, а задоволни биле двете фирми, кипарската што го остапила земјиштето и словенечката која го купила. 

Понатаму, на следниот главен претрес, тројца обвинети ја дадоа својата одбрана – обвинетиот адвокат Владимир Пешликоски уверуваше дека сите работеле законски, а лично тој по директивите на словенечки Меркатор. Управителите на фирмите регистрирани во Скопје преку кои се случила трансакцијата на парите од кипарската фирма на словенечки Меркатор, тврдеа дека воопшто не ни знаеле што потпишуваат. 

Во обемен завршен збор, обвинителството побара затворски казни и конфискација на имотот на обвинетите. Обвинителката, Деса Пауновска рече дека не се спорни фактите наведени во одбраната на обвинетите, туку нивната злоупотреба со цел да прибават корист за себе, а со тоа ги оштетиле словенски „Меркатор“ и кипарската фирма „Централ Балкан инвестмент – ЦБИ“, од Никозија. 

Обвинението се однесува на Васко Томановиќ, Митја Валич, Слободан Богоевски, Владимир Пешликоски, Даниела Трајковска и Ален Јегени, кои се товарат за кривични дела: перење пари и други приноси од казниво дело, фалсисификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување. По словенечкиот државјанин Митја Валич, полицијата сè уште трага.

Случајот датира од пред 13 години кога прв пат на продажба било понудено државно земјиште. Станува збор за плацот со површина од 19.000 метри, во непосредна близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во обвинението стои дека како кориснично право на земјиштето поседувала кипарската фирма „Централ Балкан инвестмент – ЦБИ“, од Никозија, а нивните интереси во Македонија ги застапувал обвинетиот адвокат Томановиќ. Според обвинението, потпишаниот договор со Министерството за транспорт и врски бил раскинат, но три месеци пред тоа била формирана фирма со речиси идентично име. Токму оваа фирма се јавила како потенцијален купувач на земјиштето. Всушност, како купувач се јавила фирмата „Инвестмент интернешенел“, која е фирма-ќерка на словенечки „Меркатор“ и со која управувал обвинетиот Валич.