/ Прочитано:

1.800

СУДЕЊЕ „Агент“: Обвинетиот Пешликоски уверува дека работел по директивите на словенечки Меркатор

Среда, 16 октомври 2013 – На денешниот главен претрес, тројца обвинети ја дадоа својата одбрана – обвинетиот Пешликоски уверува дека сите работеле законски, а лично тој по директивите на словенечки Меркатор. Управителите на фирмите регистрирани во Скопје преку кои се случила трансакцијата на парите од кипарската фирма на словенечки Меркатор, тврдат дека воопшто не ни знаеле што потпишуваат. Доказната постапка ќе продолжи со изведување на докази прибавени со посебни истражни мерки. 

Обвинението се однесува на Васко Томановиќ, Митја Валич, Слободан Богоевски, Владимир Пешликоски, Даниела Трајковска и Ален Јегени, кои се товарат за кривични дела: перење пари и други приноси од казниво дело, фалсисификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување. По словенечкиот државјанин Митја Валич, полицијата сè уште трага.

Случајот датира од пред 13 години кога прв пат на продажба било понудено државно земјиште. Станува збор за плацот со површина од 19.000 метри, во непосредна близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во обвинението стои дека како кориснично право на земјиштето поседувала кипарската фирма „Централ Балкан инвестмент – ЦБИ“, од Никозија, а нивните интереси во Македонија ги застапувал обвинетиот адвокат Томановиќ. Според обвинението, потпишаниот договор со Министерството за транспорт и врски бил раскинат, но три месеци пред тоа била формирана фирма со речиси идентично име. Токму оваа фирма се јавила како потенцијален купувач на земјиштето. Всушност, како купувач се јавила фирмата „Инвестмент интернешенел“, која е фирма-ќерка на словенечки „Меркатор“ и со која управувал обвинетиот Валич.

Тек на рочиштето

15:30 – На следното рочиште закажано за 21.10.2013 во 10 часот е предвидено да се изведуваат доказите прибавени со посебни истражни мерки.

15:15 – Последна, сведочеше Мими Шекеровска која беше повикана од страна на обвинителството. На почетокот изрази жалење:

„Жал ми е што ова им се случува на Даниела и на Ален. Со Даниела сум во родниска врска, а Ален ми е другар од детсвото и долгогодишен колега. Немав лоши намери, не очекував дека ова ќе им се случи. И денеска имам огромна доверба во Пешликовски“, рече Шекеровска.

Појасни дека по иницијатива на Пешликовски да најде соодветни лица, таа лично му ги препорачала двајцата за да бидат управители на двете фирми.

14:10 – Слично како и претходната обвинета, сведочеше обвинетиот Ален Јегени, управител на фирмата регистрирана во Скопје, ќерка на кипарската фирма. Рече дека од Мими Шекеровска му било понудено управителското место, но мислел дека и прави услуга не сомневајќи се дека нешто друго се случува.

„Потпишував документи донесени од канцеларијата на Пешликовски, ниту им ја знам соржината, ниту се сомневав во нив, имав целосна доверба“, рече Јегени.

13:45 – По Пешликоски, одбрана даде обвинетата Даниела Трајковска, волонтер во Црвен Крст, инаку управител на фирмата регистрирана во Скопје, ќерка на словенечки Меркатор. Накратко раскажа за нејзиното патешествие во овој случај. Рече дека таа била само формален управител, и се носеле документи да потпишува, а во еден наврат и била донесена уплатница со многу висока сума за да ја потпише и уплати.

„Дури и банкарската службеничка ме праша: Сигурна си? Ти си управителот? Меѓутоа воопшто никогаш не се посомневав во некакво сомнително работење. Братучетката на мојот сопруг, Мими Шекеровска, ми понуди јас да бидам управител, за возврат да бидам осигурана, а со надеж дека можеби и вистински ќе се вработам во фирмата. Кога по извесно време открив дека воопшто не сум пријавена и здравствено осигурана нормално барав да ме тргнат од управителското место. И се јавував на Мими, а таа постојано имаше изговор: „Ќе биде“, ми велеше. Од канцеларијата на Пешликоски ми носеа документи за потпишувањето, најчесто неговиот возач Николче, содржината воопшто не ја разбирав, ниту денеска ми е јасно што сум потпишувала“, со треперлив глас објаснуваше обвинетата.

Вознемирено рече дека во меѓувреме добила ќерка на која со сопругот поради ситуацијата не можат да и се израдуваат.

„Не наивно, туку се чуствувам глупаво, за тоа како сум изиграна“, рече Трајковска.

11: 20 – Прв за денеска одбрана даваше третообвинетиот, адвокатот Владимир Пешликовски. Цели два и пол часа зборуваше за спорното земјиште кај базенот во Карпош, отфрлувајќи ги сите наводи во обвинението – адв. Васко Томановиќ работел спротивно од Законот за адвокатура не штитејки ги интересите на кипарската фирма и дека обвинетите создале правни сујекти за да го покријат потеклото на црните пари. Исрпно, обвинетиот Пешликовски го раскажа историјатот на спорното земјиште. Според него, по пат на денационализација земјиштето му било вратено на извесно лице, а во меѓувреме Министерството за транспорт и врски, во 2000 година,  иако незаконски сепак потпишало спогодба за кориснички права со кипарската фирма.

„Ова се причините зошто не можеше да се реализира потпишаната спогодба меѓу Министерството и кипарската фирма, а не дека фирмата не го испочитувала рокот. РМ потпишала ништовен договор спротивен на Законот за денационализација“, потенцираше Пешликоски.

Понатаму, според неговото раскажување, откако кипарската фирма увидела дека РМ и дала земјиште чие е во приватна сопственост, поднела тужба против државата за да се раскине спогодбата. Тој рече дека токму тоа било причината што од 2005 година па се до 2009 години се случиле состаноците во Министерството за транспорт и врски со цел да се надмине проблемот. Потоа објасни како словенечки Меркатор има учество во целиот случај. Според сведочењето, Меркатор во 2005 година од лицето што по пат на денационализација си го вратило земјиштето, го откупило за да реализира одреден проект. Меѓутоа, во тие неколку илјадници метри квадратни спаѓале и 6000 м2 од вкупно 19.000 м2 што и биле доделени на кипарската фирма со потпишаната спогодба од 2000 година.

Од Министерството за транспорт и врски биле посоветувани Меркатор и кипарската фирма да најдат заеднички јазк и да го надминат пролемот, раскажуваше обвинетиот. Според него, претставниците на Министерството веднаш се откажале од идејата да ја раскинат спогодбата со кипарската фирма бидејќи биле свесни дека преку арбитража, фирмата може да им земе оштета од неколку милиони евра.

Како докази, Пешликоски во судница приложи документи од интернет комуникацијата со главниот дирекор на Меркатор за Југоисточна Европа. Според неговото кажување, тој си ја вршел работата по нивна директива.

„Ќе ви прочитам цитат од пораките на членовите на Управниот одбор на Меркатор. Велат дека поради тоа што станува збор за фирма со седиште во Кипар, да регистрираме правен субјект во Скопје и трансферот на парите да се одвива тука поради ризик од перење на пари. Ова се причините за регистрирањето на правните субјекти, а не се фиктивни како што тврди обвинителството“, рече Пешликоски.

На крајот побара судот да му го замени притворот со куќен.

11:15 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.