/ Прочитано:

1.482

СУДЕЊЕ „Детонатор“: Нема докази дека обвинетите се злосторничка група, тврдат адвокатите

Вторник, 11 јуни 2013 – Трет ден одбраната уверува дека обвинителството нема докази за да ги нарече обвинетите злосторничка група која се обидела да го лиши од живот оштетениот Драганчо Стоименов, рекетирала во Кочани, а се занимавала и со лихварство во Виница. Обвинетиот Горан Кузмановски, за разлика од останатите обвинети кои само се приклучија на завршните зборови на своите адвокати, два часа објаснуваше дека е невин, зборуваше и за она што го преживува во скопскиот притвор. Утре се очекува одбраната да заврши со изнесување на завршните зборови. 

Најпрвин, предметот се водеше против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство. Во текот на процесот следeше ново обвинение кое ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, а го опфати и лицето Столе Трпевски од Виница. Според новото обвинение кое беше додадено кон претходното, првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство – обвинетите наводно ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати. Обвинителството исто така ги товари дел обвинетите за нелегален шверц на покер апарати, како и за обид за убиство на Драганчо Стоименов.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и притвор за 14 лица.

>> Предметот целосно проследете го тука.

Тек на рочиштето

15:00 – Рочиштето продолжува утре, 12.06.2013,  во 10:30 часот. Се очекува одбраната да заврши со изнесување на завршните зборови.

13:30 – По паузата, завршен зборо даде адвокатот Зоран Трајанов за обвинетиот Горан Кузмановски. Обвинителниот акт, адвокатот го нарече конфузен. Дури и по сите прецизирања, одбраната смета дека обвинителството нема докази за да го поткрепи помагањето што му го става на товар на обвинетиот Кузмановски. Адвокатот посочи дека не постои доказ за наводната умисла на обвинетиот да им помогне на останатите да го лишат од живот оштетениот Стоименов. Според него, не е јасно кога обвинетиот станал припадник на групата, а единствениот доказ на обвинителството, според одбраната, е еден телефонски разговор во кој обвинетиот Кузмановски му кажува на обвинетиот Божиновски дека „телефонските разговори им се прислушкуваат и поради тоа сите треба да ги сменат“. Според одбраната, не е можно еден телефонски разговор да претставува доказ дека обвинетиот е дел од злосторничката група. Во однос на пиштолот што е пронајден во домот на обвинетиот Кузмановски, одбраната тврди дека тој е стар, и дека воопшто во денешно време не може да се најде соодветна муниција за него. 

По адвокатот, стана обвинетиот Кузмановски кој за разлика од останатите обвинети кои само се приклучија на завршните зборови на своите адвокати, скоро 2 часа раскажуваше за својата невиност и патешествието што го поминал во притвор. Најпрвин изрази благодарност до судскиот совет за чесното водење на постапката, потоа рече дека 473 денови ги поминува во нехумани услови во соба од 4 метри квадратни со големо количество на антидепресиви. Обвинетиот се повикуваше на членови од Уставот и на ЗКП, алудираше на својата невиност во целиот случај, а во однос на телефонскиот рзговор со обвинетиот Божиновски рече:

„Божиновски и неговото семејство постојано ми додеваа мојата сопруга да ургира и да добие решение во кочанската гимназија. За да ги отргнам да не ми додеваат, му реков на Божиновски дека телефоните ни се снимаат, и да им пренесе на другите, мислев на неговите членови од семејството. Потоа тој ми рече знам, а јас се разочарав бидејќи не ми успеа планот да ги отргнам да не ми вртат повеќе. Од телефонските разговори се гледа дека никој не го сменил бројот, ниту Божиновски не го сфатил разговорот сериозно, очигледно овој разговор го сфатило сериозно само обвинителството“.


13:00 – Пауза до 13:20 часот. 


12:30 – Адвокатот Донче Наков за обвинетиот Милан Арсов посочи дека не е јасно зошто сите останати се организатори на групата, а само тој е припадник. Според него, тоа му доаѓа како 5 газди на кафеани, а само еден келнер. Одбраната смета дека обвинителството нема докази за групна и колективна умисла за да докаже дејствување на злосторничка група. Во однос на делото изнуда, рече дека од 9 оштетени лица, ниту едно не наведува дека обвинетиот им се заканувал, а само еден сведок вели дека обвинетиот јадел и пиел кај него во пицерија, а притоа не ги плаќал сметките. Адвокатот посочи дека токму тоа лице кога потпишало договор со агенцијата „Титан груп“ не бил присутен обвинетиот Арсов. Од телефонските разговори, одбраната посочува дека се утврдува неиволвираноста на обвинетиот во обезбедувањето на кочанските дуќанџии. 

12:00 – Одбраната на обвинетиот Далибор Алексовски, адвокатот Антонио Апостолски најпрвин ги елаборираше сите изменети и прецизирани обвиненија. Потоа, посочи дека обвинетиот не се поврзува со ниту еден обвинет на ниту еден начин и дејство, па оттаму се поставува прашањето, зошто е во исто обвинение со останатите. Според одбраната не е исполнето битието на кривичното дело бидејќи кај обвинетиот дома се пронајдени 55 парчиња муниција, а границата за терминот „големо“, според адвокатот, претставува 200 парчиња. Одбраната го спомена и сведокот кој потврди дека оружјето и муницијата се негови, како службеник на МВР, а не на обвинетиот. 

Во однос на обивинетиот Ванчо Ќорпашев рече дека не е припадник на злосторничка група бидејќи нема ниту еден доказ кој би го поврзал со обвинетите. Според одбраната, од телефонските разговори се утврдува дека обвинетиот со останатите контактирал само за девизи и промена на девизен курс. Одбраната бара обвинетиот да биде ослободен за делото лихварство, бидејќи тој веќе дал признание за даваните позајмици, но според одбраната заостанува умислата за ова дело. 

10:55 – Прв на денешното рочиште, завршен збор даваше адвокатот Сашо Дуковски за обвинетиот Тони Лесански. Најпрвин, Дуковски напомена дека се работи образовано лице кое подарувало фрески на манастири, а не како што се посочува со обвинениеото – убиец, поттикнат од „безобзирна освета“. Адвокатот Дуковски потенцираше дека обвинетите меѓусебно водат судски постапки, па оттаму за него не е својствено тие да се здружиле во група против оштетениот Драганчо Стоименов. Одбраната смета дека обвинителството не покажало докази со кои може да се утврди вина за злосторничко здружување кај обвинетиот Лесански. Одбраната имаше забелешки и за вештачењето со кое се утврди дека брачниот пар Стоименови бараат оштета поради нарушена психофизичка состојба. 

10:45 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.