/ Прочитано:

1.345

Судење „Детонатор“: Конфузен сведок го раскажа своето патешествие со позајмицата од обвинетите

Четврток, 25 април 2013 – Неколку сведоци од Виница дојдоа во судница да зборуваат за наводното лихварство во Виница кои според обвинението го спроведувале обвинетите. Првиот сведок конфузно раскажуваше за неговото патешествие со позајмицата од обвинетите, менувајќи ја изјавата дадена пред истражен судија што ги збуни присутните. Сведокот тврди дека брачниот пат Ќорпашеви заедно со нотар од Виница преку нотарски акт му подметнале долг од 18 илјади евра – пари за кои појасни дека никогаш не им ги земал. Поставувајќи прашања одбраната фрли сомнеж врз приказната на сведокот вклучувајќи и трето лице (син на сведокот).

Ново обвинение и уште еден обвинителен предлог

Новото обвинение ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, додека со новиот обвинителен предлог се опфатени две нови лица од Виница. Во предлогот стои дека првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и двете лица од Виница,  Марија Ќорпашева и Столе Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство. Според обвинителниот предлог, обвинетите ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и решетки за 14 лица, двајца од обвинетите се уште се во бегство. Се уште се истражува дали штипската и кочанската полиција е поврзана со групата од акцијата „Детонатор“.

Тек на рочиштето

14:00 –  Следното рочиште продолжува на 08.05.2013 година во 10:30 часот со сослушување на останатите сведоци предложени со новиот обвинителен предлог.

13:50 – Сосема на крајот, судијката Весна Димишкова праша дали сведокот се чувствува оштетено, и колку е неговото оштетно побарување. Сведокот појасни дека се’ што и се случувало со позајмиците било поради обвинетите, а за парите гледајќи ја во очи судијката праша: „Не знам, колку треба да барам?“

13:30 – Oдбраната побара од судскиот совет на сведокот да му ги преточи дадените изјави во претходната постапка каде вели дека синот се позајмил, некаде дека обвинетите и се заканувале, а денеска зборуваше сосема трето, за конечно да се изјасни што од овие раскажувања е вистина. Сведокот се збуни уште повеќе, рече дека денеска ја зборува вистината, а нејзиниот син ја натерал да каже нешто друго пред истражниот судија во Виница. Од одговорите на сведокот произлезе дека за позајмицата, сведокот и обвинетите имале судски спор, а нејзниот недвижен имот бил под хипотека уште пред со нив да го потпише договорот за заем.

12:10 – Љубица Костадинова влезе во судницата како оштетено лице на кое според обвинението брачниот пар Ќорпашеви и земале месечна камата за даден заем од неколку илјади евра. Нејзиното конфузно раскажување ги збуни присутните, а уште повеќе одбраната со оглед на тоа што веќе трет пат пред надлежните органи ја менува својата приказна. Рече дека зела долг од 6500 евра од некое лице од Виница, се договориле за 6 месеци да му прати 7000 евра, 500 евра како камата за услугата. По неколку дена, според нејзините зборови, обвинетиот Ванчо Ќорпашев и рекол дека тој лично ќе го врати нејзиниот долг, со што таа понатаму нему ќе му остане должна, а не на лицето кај кое земала позајмица. Како што кажа, лицето на ова рекло дека му е „сеедно“, па според договореното се упатила на нотар. Таму како што раскажа била сопругата на Ќорпашев, Марија и нотарот, тврдеше дека не само што го потпишала договорот за заем, туку тие и подметнале и уште еден нотарски акт. Иако рече дека никој не и забранил да прочита што потпишува, ниту имало закани, сепак нејасно посочи: „не ми беше дадено да видам што потпишувам, ме измамија“. Според нејзината верзија, со тој нотарски акт, таа на Ќорпашеви им должи плус 18.000 евра, и оние 7000 евра кои веќе ги земала како позајмица од трето лице. Тврдеше дека во канцеларијата на нотарот имало гужва, но не бил присутен ниту нејзиниот син. Вели дека можеби синот се позајмувал, но сигурно не земал толку пари, а во претходната постапка кажала дека синот се позајмил пари за да иде на саем во Белград и за да отвори ресторан во Виница. Обвинетите Ќорпашеви вчудоневидени го слушаа сведокот, неверувајќи на она што го слушаа.

12:00 – Рочиштето започна половина час подоцна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети. Судскиот совет прoчита неколку сведоци кои денеска треба да се изјаснат во однос на наводното лихварство во Виница од страна на обвинетите.  Во последниот ред на судницата, седнаа судии – гости од САД кои со интерес го слушаа главниот претрес. Најверојтно поради недостигот на столчиња, роднините на обвинетите останаа пред судницата. За првпат на главниот претрес беа и неколку припадници на специјалната единица „ЕБР“. Покрај нив, регуларно како обезбедување на обвинителството, беа присутни и уште неколку лица, припадници на полициската единица „Алфи“.