/ Прочитано:

2.011

Судење „Детонатор“: Од куршуми за изработка на ѓердани до 3000 евра за спортски тикети, обвинетите тврдат дека не правеле криминал туку вршеле услуги

Вторник, 18 септември 2012 – Куршуми за изработка на ѓердани, 3000 евра за спортски тикети, заеми на пријателска база, вака отприлика четворица обвинети се бранеа во судницата. Ги негираат наводите во обвинителниот акт, велат дека не се виновни. Оваа недела се очекува и останатите петторица обвинети да се изјаснат пред судот, по што следува доказната постапка.

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во првиот наврат во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

Тек на рочиштето

14:30  – Во многу тивка и мирна атмосфера денеска судијата го слушна исказот уште на четворица обвинети. Останаа уште 5 обвинети да се изјаснат пред судот, а се очекува тоа да се случи на наредното рочиште закажано за 20.09.2012 година во 10 и 30 часот. Потоа, се очекува да започне доказната постапка.

13:50 – Обвинетиот Ванчо Ќорпашев се изјасни за невин во однос на сите дела наведени во обвинението. Нејасно одговараше на прашањата на судијата. Како што раскажа, поседувал менувачница, но наводно тој пари на заем не давал, освен на пријатели, за кои на прашање на судијата рече дека не им ги знае имињата. Сакал да помогне, а тие секогаш му враќале повеќе отколку што треба, за да го почестат за услугата. Рече дека никогаш на никого не му се заканувал, ниту му барал камата. Во однос на оштетените лица од кои според обвинителството им барал камата, тој рече дека ниту еден од нив никогаш со свои очи не ги видел. Иако зборуваше нечујно и неразбирливо, судијката Весна Димишкова повеќе од половина час го испрашуваше за неговата поврзаност со парите. Обвинетиот внесе хумор во судницата кога праша зошто му го заплениле џипот, ја насмеа дури и обвинителката кога детално објасни како изгледа палката што полицијата му ја запленила, за потоа да одговори дека не знае како истата се нашла кај него. Освен за палката, не му беше јасно како и црниот тефтер испишан со имиња и парични суми се нашле кај него бидејќи не биле негови. 

13:00 – Како и претходните обвинети  и обвинетиот Милан Арсов ги негираше делата кои му се ставаат на товар. Вели дека не бил припадник на никаква група. На судот му ги објасни врските со обвинетите, тврди дека дел од нив воопшто не ги познава, некои од нив само на видување, а со дел од нив другарува уште од детството. Ја објасни и врската и со спорната штипска агенција за обезбедување „Титан“. Според неговиот исказ, Арсов летото во 2010 година ја отворил дискотеката „Тропикана“ во Кочани, а за нејзино обезбедување ја најмил агенцијата „Титан“. За услугите им плаќал на рака, но не потпишувал никакви фактури со агенцијата. На прашање на судијата, одговори дека не му е познато дали останатите обвинети имаат некаква врска со агенцијата. 


12:00 – Пауза до 12:45 часот. Како што најави судијката Весна Димишкова, по паузата испитани ќе бидат уште двајца обвинети.


11:20 – И обвинетиот Далибор Алексовски ги негираше наводите во обвинението. Вели дека не познава ниту еден од обвинетите, освен обвинетиот Симеон Михаилов кој е во бегство. Контрадикторен околу нивното познанство. Во истражна постапка кажал дека знае за набавката на покер апаратите, а денеска не знаеше ништо, ниту како ја дал таа изјава. Пари како што вели давал на заем и истите му биле враќани. Тврди дека оштетениот Драганчо Коцевски кој живее во Франција му дал 3000 евра за да уплаќа ливчиња во спортска кладилница во негово име.

10:55 Исказ даваше обвинетиот Тони Лесански. Ги отфри сите обвиненијата кои му се стваат на товар. Негира дека е дел од злосторничко здружување или дека правел договори за извршување на кривични дела. Дел од обвинетите ги познавал и е во роднински и пријателски врски со нив, за дел вели прв пат ги видел пред истражен судија. Како што наведува, со оштетениот Драганчо Стоименов (Стоименов е инаку лицето врз кои обвинетите согласно обвинителниот акт три пати извршиле обид за убиство) немал никакви тепачки и расправии. „Не го познавам, од таму немам причина да му се одмаздам или наштетам“, се изјасни Лесански.

По однос на оружјето што го нашла полицијата кај него дома, рече дека пиштолот го чувал како трофеј, а куршумите ги чувал за да изработува ѓердани од нив. Критичните денови како што вели бил во Виница со сопругата и децата.

10:50 – Со доцнење од 20 минути, старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.