/ Прочитано:

1.319

СУДЕЊЕ „Детонатор“: Апсурдно е меѓусебно скараните обвинети да се злосторничка група, смета одбраната

Среда, 8 мај 2013 – Иако се очекуваше денеска да се сослушаат сведоци, се изведуваа писмени докази кои се наоѓаат во списите на предметот. Меѓу нив е писмената медицинска документација приложена од оштетениот Драганчо Стоименов, но и сите кривични пријави против него и против обвинетите. Одбраната констатираше дека нелогично е обвинетите да се здружена група која сакала да го ликвидираат оштетениот, а од пријавите се гледа дека тие меѓусебно имаат нарушени односи. 

Ново обвинение и уште еден обвинителен предлог

Новото обвинение ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, додека со новиот обвинителен предлог се опфатени две нови лица од Виница. Во предлогот стои дека првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и двете лица од Виница,  Марија Ќорпашева и Столе Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство. Според обвинителниот предлог, обвинетите ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и решетки за 14 лица, двајца од обвинетите се уште се во бегство. Се уште се истражува дали штипската и кочанската полиција е поврзана со групата од акцијата „Детонатор“.

Тек на рочиштето

12:45 – Судскиот процес продолжува на 16.05.2013 во 10:30 часот со изведување на останатите писмени докази.

11:20 – Судскиот совет почна да ги чита писмените докази кои се дел од списите на предметот, предложени од одбраната и од обвинителството. Во списите стои медицинската документација од оштетениот Драганчо Стоименов, 3 лекарски извештаи потпишани од специјалист за хирургија, тековната состојба на агенцијата за обезбедување „Титан груп“ и неколку нотарски акти со договори за заем потпишани од оштетените кои земале позајмица од обвинетите од Виница. Како доказ на одбраната на брачниот пар Ќорпашеви приложена е и документација која прикажува дека тие подигнале 18.000 евра од трансакциска сметка за да дадат заем на сведокот кој минатиот пат тврдеше дека лажно му наместиле долг.

>> Конфузен сведок го раскажа своето патешествие со позајмицата од обвинетите

Во продолжение се обелодени дека одбраната на обвинетите Горан Божиновски, Жан Железарски и Јорданчо Михајловски  поднеле до судот кривичните пријави против оштениот Драганчо Стоименов во однос на нивните запалени возила во Кочани. Тие се сомневаат дека можни сторители на запалувањето на возилата се оштетениот Драганчо Стоименов и лицето Анѓел Георгиев од село Оризари.

Во списите на предметот стојат и кривични пријави поднесени против обвинетите од страна на оштетениот Стоименов, но и пријави против оштетениот од страна на обвинетите. Одбраната реагираше за кривичните пријави што првообвинетиот, пак, јги поднел против обвинетите од Кочани, оттука според нив е апсурдно на обвинетите да им се суди како злосторничка група што се обидела да го ликвидира оштетениот Стоименов кога тие меѓусебно очигледно имаат нарушени односи.

11:10 – Рочиштето почна со задоцнување од 40 минути. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.