/ Прочитано:

1.919

СУДЕЊЕ „ФАЛАНГА 2“: Одбраната ги спори вештаците

Среда, 14 мај 2014 –  Прашањата поврзани со археолошките предмети и икони опфатени со обвинението за случајот „Фаланга 2“ денеска останаа неодговорени бидејќи одбраната го спореше својството на стручните лица, повикани во улога на  вештаци.

Ниту д-р Викторија Поповска-Коробар, историчар на уметност чија специјалност е иконописот, ниту д-р Марјан Јованов, доцент на Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје на денешното рочиште не ги образложија своите стручни наоди во однос на предметите опфатени со обвинителниот акт.

Одбрана го спореше фактот што тие не поседуваат лиценца за вештачење издадена од Министерството за правда.

„Со оглед на тежината на оваа постапка и со оглед дека обвинетите се веќе 13 месеци во притвор инситираме ова вештачење да се даде на лица кои поседуваат лиценца и се евидентирани во Регистарот на вештаци“, истакна бранителот Душко Јанковиќ .

Обвинителството, пак, посочи дека конкретно во областа на иконографијата нема регистрирани вешти лица.

Стручните лица наведоа дека по увидот во предметите можат да зборуваат за потеклото, нивната автентичност…, но секако дека не и да толкуваат закони.

„Која е дејноста на регистрираните судски вештаци ако тие не се ангажираат?! Познавањето на законите и подзаконските акти беше критериум за станување на судски вештак“, рече првообвинетиот Илче Бојчевски.

Судот на следното рочиште, закажано за 21 мај во 10.00 часот ќе се произнесе по предлогот на одбраната во однос на ангажирање на лиценцирани вештаци. Судскиот совет исто така ќе се произнесе по предлогот на  одбраната повторно да се повика клучниот сведок на Обвинителството, Иле Николов,  кој наведе дека купувал и препродавал артефакти, но посочи и дел од обвинетите како членови на криминална мрежа со артефакти. Ова барање, одбраната го покрепи со фактот што исказот на овој сведок беше даден пред пред претходниот судечки судија Вангелина Маркудова, која во текот на процесот беше избрана за уставен судија, а не пред актуелниот Огнен Ставрев.

Инаку процесот, кој стартуваше во август минатата годимна,  се наоѓа во завршна фаза, предвидени се уште два претреси за изведување на доказите прибавени со посебни истражни мерки, по што би се пристапило кон изнесување на завршниот збор. Според распоредот на закажаните рочишта, првостепена пресуда се очекува најрано во јули, годинава. 

Најголемиот дел од обвинетите во „Фаланга 2“ се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале. Претпоследен на списокот на 15-мината обвинети е ексдиректорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, но тој се товари за злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството, Кузман незаконски издал Согласност да се вршат ископувања кај местото Драмски Рид во околината на Делчево и кај Велес.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)