/ Прочитано:

1.493

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Поранешниот секретар на ХДЗ тврди дека имало сомнителни работи во партијата

Понеделник, 18 јуни 2012 – Иван Јарњак е поранешниот секретар на ХДЗ, кој од осомничен во истрагата, заврши на клупата за сведоци и тоа како клучен сведок на обвинителството. Јарњак за коj се предвидени 3 дена за сведочење и кој тврди дека постоеле сомнителни работи во ХДЗ, целата вина за постоењето на истите им ја препиша на екс-премиерот на Хрватска – Иво Санадер, поранешниот благајник на ХДЗ – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек и сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ.

Иван Јарњак - поранешен секретар на ХДЗ (фото: STA)

Со сведочењето на поранешниот секретар на ХДЗ, продолжи ова историско судење за Хрватска. Иван Јарњак во денешниот исказ даден пред Жупанискиот суд во Загреб наведе дека за сомнителните работи на ХДЗ дознал најпрво од  неговиот возач. Наводно возачот му рекол дека партијата вршела исплаќања на некои личности. Потоа, како што раскажува, се упатил кај сметководителот на ХДЗ, Бранка Павошевиќ која му објаснила дека  Санадер секој месец и доставувал список со имиња на личности на кои треба да им се исплати апанажа. Според Јарњак, на Павошевиќ  и било речено од страна Санадер дека овие пари ќе ги обезбеди тогашниот благајник на ХДЗ – Младен Баришиќ. Јарњак во својот исказ додаде дека подоцна дознал дека пари се идзвојуваат и за телевизиите „Осиек“ и „З1“. Според него на секоја партија и е во прилог да има влијание врз медиумите, но не смее да биде  косопственик на медиум што преку овие постапки упатувало на тоа.

Дека навистина нешто не е во ред со финансиите на ХДЗ, вели дека сфатил кога ја видел телефонската сметка на партијата која изнесувала 120 000 куни за еден месец (приближно 16 000 евра). Според Јарњак во оваа сметка влегувала и телефонската сметка на ќерката на Санадер, Петра. Наводно тој му кажал на Санадер дека партијата не може да ги издржи тие големи трошоци, но екс-премиерот му рекол тој да не се грижи за тоа.

Како пример за сомнителни трансакции, Јарњак во текот на сведочењето ги наведе БМВ-то што Санадер му го купил на Роберт Јежиќ (инаку крунски сведок на обвинителството во случајот ИНА – МОЛ што исто така се води против Санадер), финансиските средства поврзани со изградбата на Арена Загреб и сл.

Во врска со финансирањето на кампањата на ХДЗ, Јарњак наведе дека истата тогаш ја водел Ратко Мачек, тогашниот портпарол на ХДЗ. Според него имало сомнителни дејствија и за време на кампањата. Во прилог на ова тврдење Јарњак рече дека 5.2 милиони куни  (приближно 690 000 евра) биле префрлени од сметката на ХДЗ на фирмата на извесен Сертиќ, за услуги кои оваа фирма ги вршела во текот на кампањата, а немало никаков договор. Во продолжение на сведочењето, а поврзано со кампањата спомнати беа и имињата на познатите хрватски пејачи за кои се претпоставува дека биле исплаќани од  црниот фонд на ХДЗ. Обвинителството посебно се фокусираше на наводот дека на пејачот Марко Перковиќ Томпсон му биле исплатени половина милион евра за да не настапува за други политички партии, но Јарњак рече дека тој податок не му е познат.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.