/ Прочитано:

2.125

СУДЕЊЕ „Калдрма“: Обвинет – Сум имал понуди возачот да сака да плати пола-пола, но никогаш не сум наплатил така

Среда, 25 јули 2012 – Неочекувано за сите, судскиот процес по овој предмет галопира со невиден интензитет. Денеска исказ дадоа 33 обвинети, а вчера 37 обвинети од вкупно 86. Како и на изминатите две рочишта, така и на ова, поголемиот дел од обвинетите негираат дека сториле кривично дело. Други пак, во истрага признале дека им давале пари на претпоставените, денеска тврдат дека парите биле за честење во кафеана. Повторно со забелешки на бројот на смени наведени во обвинителниот акт. Велат дека не е возможно еден човек да работел по 24, 36 или 48 часа без да го замени колега.

>> Дознајте што се случуваше на вчерашното рочиште.

Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите  обвинети. Поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни  фискални сметки и парите оделе во приватни џебови.

 >> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука.


Тек на рочиштето

15:10 – Денеска своја одбрана дадоа 33 обвинети. На утрешното рочиште закажано за 09:45 часот, се очекува да се изјаснат уште 16 обвинети. 

15:00 – За  еден час пред судскиот совет одбрана дадоа уште 10 обвинети. Сите имаа забелешки на бројот на смените и колегите што се наведени во обвинението дека работеле во иста смена, а според нив тоа не било така. За ова да го докажат ќе предложеле докази во доказната постапка.

14:15 – Обвинетиот Александар Тодоров со контрадикторни изјави. Во истрага рекол дека на обвинетата Менка Славевска и дал пари на рака, во судница го негираше тоа со објаснување дека пари оставал во кабината, а не му е познато кој ги земал и на кого ги предавал. Доплнително во истрага рекол дека пари му давал и на обвинетиот Тони Јовановски, денеска тврди дека не му дал 200 евра, туку дека за 200 евра се честеле јадење и пиење. Овој одговор предизвика смеа во судницата, не остана рамнодушен ниту судијата. 

14:00 – Обвинетата Лидија Лазова рече дека обвинението во целост е неосновано и не било точно дека станала припадник на група. Вели дека никогаш не барала да ја преместуваат на друга патарина, а со колегите немала контакт. Лазова наведе дека поради тоа што нејзиниот сопруг е вработен како контролор во ЈП „Македонија пат“, редовно го пријавувала прометот и ги евидентирала возилата кои што не платиле. Не работела по 2 или 3 смени, не била во иста смена со дел од обвинетите и како што вели не присвојувала пари за себе од дневните промети. 

13:50 – Обвинетите Нухи Кадрија, Тони Јакимовски и Џабир Асени останаа на исказот даден во истрага. Според исказот негирале дека извршиле кривично дело. Денеска, на кратко се пожалија за смените наведени во обвинителниот акт. 

13:20 – Обвинетиот Бранко Давитковски негираше дека е дел од злосторничко здружување. Вели дека ниту припаѓал, ниту знаел дека постои некаква група. Според неговите зборови тој бил чесен и совесен инкасант кој никогаш не бил опоменат ниту казнет од контролорите кои што им вршеле надзор на работата. Ја презеде одговорноста на кабината во која што работел само за неговата смена, потоа што се случувало во кабината и дали некој бил организиран, не му е познато.  „Никогаш не сум издавал лажни фискални сметки, сум имал понуди возачот да сака да плати пола-пола, но никогаш не сум наплатил така, ниту пак во иднина ќе го сторам тоа“, рече Давитковски. Оваа реченица на обвинетиот предизвика гласно смеење кај обвинетите и кај адвокатите, само судскиот совет остана рамнодушен, обидувајќи се да ја смири вревата во судницата.

13:15 – Двајцата обвинети Витомир Димовски и Неџати Пајазити, останаа на исказите дадени во истрага.  И двајцата, работните смени ги нарекоа лажни. Според нив, не се совпаѓал ниту бројот на лица што се наведени во обвинението дека работеле со нив во смена. 

13:00 – Обвинетиот Зоран Митевски ги негираше обвинувањата на обвинителството. Петнаесетина минути објаснуваше дека смените се невозможни, никој не може да издржи по 24 часа да работи, сумата за која што го теретат била нереална бидејќи има голем број на несовесни возачи кои поминуваат патарина без да платат. Конкретно, според неговиот исказ наплатната станица „Миладиновци“ не работела неколку месеци и никој од надлежните не преземал ништо иако сите биле известени за состојбата на патарината. 

12:50 – Обвинетиот Нусрет Реџепов на судот му појасни дека 200 денари земал дневно. Спротивно на што кажал во истрага, односно дека парите ги земал за куќата што ја градел, денеска вели дека ги земал кога им доцнела платата. Исказот на Реџепов ја вжешти ситуацијата во судница кога проговори за парите што му ги давал на третообвинетиот Марковски. Реџепов објасни дека Марковски му вршел притисок и му се заканувал дека доколку не му даде пари, повторно ќе биде вратен да работи како инкансант. На овие зборови реагираше Марковски, бараше обвинетиот да објасни, каде и колку пари му барал. За разлика од Марковски кој тврди дека парите му ги барал за да купат тренерки за фудбалскиот тим на ЈП „Македонија пат“, Реџепов вели дека дал 6000 денари, а никогаш не добил ниту патики, ниту тренерки и никогаш не бил дел од фудбалскиот тим бидејќи не игра фудбал. 

12:40 – Обвинетиот Тони Чамински во целост го негираше обвинението. Вели дека за своето три годишно работење не побарал да биде прераспределен на некоја патарина, ниту некој побарал пари од него. Имаше замерки за бројот на смените и за колегите што ги пишува во обвинението, наведе дека никогаш не работел на смена со нив. Чамински објасни дека инкасантите работат во тешки услови, со расипани компјутери и тастатури, искршени рампи. Поради тоа многупати им поминувале возила без да платат, а тие биле немоќни да го спречат тоа. Од доказите што ги пронашла полицијата во неговиот дом, меѓу кои два мобилни телефони, тој тврди дека едниот му припаѓа нему, а другиот наводно никогаш го немал видено, ниту користено. 


12:00 – Пауза до 12:30 часот.


11:50 – По Трифунова, следеа уште 4-ца обвинети  кои останаа на исказот даден во истрага. Сите обвинети имаа забелешки на бројот на смените наведени во обвинителниот акт . Ги отфлија обвиненијата за кои се товарат.

11:35 – Обвинетата Маргарита Трифунова во својот исказ наведе дека возилата ослободени од плаќање на патарина уредно ги запишувала во посебна графа, но според неа на патарината на Стоби поминувале многу возила што не сакале да платат, а таа не можела да ги прочита нивните регистрации. „Не е возможно да сум била по 24 , 36 и 48 часа на работа без некој колега да ме смени, а тоа го пишува во обвинението, додаде Трифунова.

11: 20 – Обвинетиот  Тони Ристов, остана на исказот даден во истрага со дополнение дека според него не било возможно да пропуштил 86 возила и ниту пак да има толку голем број на работни смени. Вели дека дента на приведувањето, не биле пронајдени пари во него , а според обвинението би било логично да му нашле пари.

11:13 – Обвинетиот Леонид Пеев, не се сложува со обвинението, вели дека не учествувал во група. „Немам дадено, ниту земено пари. Во обвинението има измислени смени и измислени лица што работеле со мене во кабина“, се обрати тој во судот. Додаде дека никогаш не останувал повеќе од 12 часа на работа.

11:00 – Обвинетиот Андреја Петровски контрадикторен. Првиот пат, во текот истрагата изјавил дека му дал 10 000 денари на второобвинетиот (заменик раководителот на Секторот за наплата) за да го прераспредели на наплатна станица Романовце. Оваа цена наводно била договорена преку третообвинетиот Александар Марковски. Во вториот исказ, исто така даден во истрага ги негирал признанијата, а денеска пред судот рече дека парите биле дадени по основа на долг.

10:25 – Првите 3-ца обвинети кои го отворија денешното рочиште останаа на исказот даден во истрага. Обвинетите имаа само дополнение околу бројот на смените и лицата кои што се наведени во обвинението дека работеле со нив во кабина, негираат дека ги познаваат или работеле со тие лица.

10:22 – Зaпочна рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.