/ Прочитано:

3.354

(ФОТО) СУДЕЊЕ „Керозин“: Семејството Пецови ги отфлија обвинувањата, тврдат дека не се злосторничка група

Понеделник, 5 август 2013 – Со доцнење од цели два часа, старт на судскиот процес за акцијата „Керозин”: 16 лица се обвинети дека организирано во група, преку неготинската фирмата „Алма – комерц“, испорачувале помалку нафта отколку што било предвидено со тендерите кои оваа фирма ги добивала. Исказ денеска дадоа семејството Пецови, сопственици на „Алма комерц“,  ги отфрлија кривичните дела што им се ставаат на товар, истакнувајќи дека тие не се злосторничка група.

Обвинението, освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Тие се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп.

Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

Се калкулира со бројка од 160 оштетени јавни институции, меѓу кои Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи, градиники. Според наводите на МВР, Буџетот бил оштететен за   речиси два и пол милиони евра.

Tек на рочиштето

16:55 Судскиот процес продолжува утре, 06.08.13 во 11:30 часот, предвидено е исказ да дадат останатите обвинети. 

15:20 – Слично како и неговите родители и Љупчо Пецов, сопственик и управител „Алма – шпедиција“ ги отфли обвинувањата.

„Од досегашниот тек на постапката, се докажа дека не  сум извршител на кривични дела“, изјави третообвинетиот.

Тврди дека немал никакви ингеренции во книговодствената евиденција, па оттука, како што рече,  не бил сторител на кривичното дело фалсификување на исправа.

Побара од судот да му биде укината мерката притвор, со цел да обезбеди адекватна одбрана.


15:15 – Пауза од 5 минути. Адвокатот на петте возачи на цистерните, Мирослав Вујиќ за време на кратката пауза за новинарите изјави дека неговите клиенти неоправдано се држат во притвор веќе девет месеци. Тие според него не знаеле ништо, само ги возеле цистерните со нафта.


14:05 – По Ангел, пред судскиот совет зборуваше неговата сопруга и второобвинета Мариче Пецова, која според обвинителството била задолжена за изработката на лажните фактури и исто така  е еден од организаторите. И Пецова негираше било какво кривично дело.

„Не сум се здружила со мојот син и со мојот сопруг, никој од моето семејство не учествувал во злосторничка група“, рече таа.

Обвинетата тврди дека во семејната фирма секогаш се работело според законот. Објасни дека две години не работела во фирмата бидејќи, како што рече, боледувала од тешка болест.

12:00 – Главниот претрес почна со исказот на првообвинетиот Ангел Пецов, сопственик на фирмата „Алма – комерц“, според обвинителството – организатор на групата.

Пецов, кој во истрага се бранел со молчење, ги отфрли кривичните дела што му се ставаат на товар.

„Не верувам дека постои човек кој би формирал семејство со намера од него да создаде банда и злосторничко здружување. Ние не сме злосторничка група“, истакна тој.

Првообвинетиот неколку часа го објаснуваше работењето на фирмата „Алма – комерц“ ДООЕЛ Неготино, но и фирмата„ ОИЛ Интернејшенел“ која исто така била во негова сопственост, а според обвинителството била формирана да  учествува во постапките за јавни набавки. Дециден е дека преку неговата фирма и другите наведени правни субјекти во обвинителниот акт, не биле сторени кривични дела.

„Фирмата која учествуваше на јавниот повик не е отворена со цел да се изиграат правните прописи“, рече Пецов.

Оправдувајќи ја економската исплатливост во однос на ниските цени на нафатата кои биле нудени на тендерите, рече дека за одредени економско-стратешки цели биле спремни „да работат и на нула“.

Според него, не се основани ниту тврдењата дека до јавните институции биле доставувани помали количини нафта од договореното, а како што истакна, тоа го докажувало и вештачењето.

„Ќе се докаже дека ние уредно сме ги извршувале обврските кон нашите клиенти“, порача првообвинетиот.

11:50 – Обвинителот накратко го предочи обвинението образложено на 100 страници. Обвинетите кои веќе го минуваат деветтиот месец во притвор се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување исправа, перење пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување и давање и примање поткуп.

11:45 – Поради доцнење на спроводот на обвинетиот, рочиштето стартуваше со доцнење од два часа, условите за одржување на главен претрес се исполнети.

10:05 – Судскиот совет утврди дека еден од обвинетите не спроведен од притвор, одредена е пауза од половина час.

09:25 – Пред скопскиот Кривичен суд забележливо е присуството на роднини и пријатели на обвинетите, невладини организации, како и новинари од повеќе медиумски куќи.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)