/ Прочитано:

1.943

СУДЕЊЕ „Ликвидација“: Построги казни за обвинетите, побара Обвинителството во завршниот збор

Понеделник, 7 октомври 2013 – Построги казни за обвинетите, поради тоа што најголемиот дел од нив, професионално го познаваат законот и кривичните дела, побара обвинителката Лиле Стефанова во својот завршен збор. Според неа, токму предметот „Ореше“ е воден надвор од судската зграда со многу поткупувања, ургенции и интриги од страна на обвинетите. Одбраната побара ослободителни пресуди, бранителите сметаат дека обвинението е паушално, односно нема докази кои го поткрепуваат. „На влезот во еден озлогласен затвор во Истанбул пишува „Овде Алах нема“, од вас и од оваа пресуда зависи дали на влезот во овој суд ќе пишува ‘Овде правда нема’“, му порача на судскиот совет, адвокатот Александар Тортевски.

Судии, адвокати, обвинител, новинар заедно на клупата на обвинети – ова е предмет кој поради специфичната структура на обвинети несомнено ќе остане запишан во аналите на македонското судство. Осуммина обвинети се товарат за: „примање поткуп“, „злоупотреба на службената положба и овластување“, „неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица“,  „противзаконито посредување“, дело кое инаку не постои како такво во Кривичниот законик бидејќи е преименувано во „примање награда за противзаконито влијание“ и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

14:40 – Покрај инсистирањето на обвинетите денеска да се финишира со завршните зборови, судскиот совет одлучи судењето сепак да продолжи в четврток, 10 октомври, во 9:30 часот. 

13:55 – Бранителот на пензионираниот врховен судија Борис Лазаров, адвокатот Јован Јоанидис во најголема мера се држеше до фактот што во Кривичниот законик (КЗ) моментно не постои делото противзаконско посредување за кое е обвинет и неговиот клиент.

„Нема криично дело, нема казна без предвиденост во законот“, посочи во завршниот збор, Јоанидис. 

Според него, Основното јавно обвинителство е над законот бидејќи, како што рече, пропишува нови законски одредби.

„Обвинителот  Ивица и Ефремов и Борис Лазаров се немаат никогаш во животот ниту видено, ниту сретнато. Никогаш не го видел, а според обвинението посредувал кај него, како е ова можно?! Уште во обвинителниот акт стои дека Борис се ангажирал целосно за да влијае за укинување на притвор, а не е наведено со кое дејствие е сторено тоа“, рече бранителот.

Повикувајќи се на примери за дела кои веќе не постојат во КЗ и не се суди за нив, Јоанидис побара ослободителна пресуда за својот клиент, истакнувајќи дека во дејствијата на Лазаров нема елементи на кривично дело. 

13:25 –   „На влезот во еден озлогласен затвор во Истанбул пишува „Овде Алах нема“, од вас и од оваа пресуда зависи дали на влезот во овој суд ќе пишува „Овде правда нема““, му порача на судскиот совет, адвокатот Александар Тортевски, кој го застапува петтообвинетиот – обвинителот Ивица Ефремов.

Тортевски во својот завршен збор им се обрати и на поротниците кои ја претставуваат волјата на граѓаните и апелираше да донесат праведна одлука, што предизвика кавга меѓу него и вториот судија Ѓоко Ристов. Според судијата, на овој начин бранителот се обидува да влијае на одлучувањето на поротниците. Тој го предупреди адвокатот да се осврен на доказите.  

„Јавното обвинителство бара да го осудите Ивица зошто спиел во соба кај што имало оружје. Истиот обвинител во завршниот збор кажа дека пиштолите најдени во сефот биле подмачкани, а се спротистави на барањето за вештачење. Дали Ефремов, зошто бил во близина на пиштолите треба да иде во затвор 5 години?!“, потенцираше Тортевски во однос на делото недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали, кое му се става на товар на неговиот клиент.  

Бранителот додаде дека во истата куќа, каде се наоѓал сефот во кој имало оружје, живеат и другите членови на семејството.

„Зошто Ивица, а не неговата мајка, неговиот брат, неговата сопруга?!“, рече бранителот.

Во однос на делото противзаконско посредување, одбраната смета дека обвинителот не го ценел исказот на еден од сведоците, кој според нив го докажува спротивното.

Завршниот збор на Тортевски, во целост го потврди и другиот бранител на Ефремов, додавајќи само дека обвинителниот акт е збир од паушални обвинувања и поради тоа треба да се донесе ослободителна пресуда.

12:50 – Според адвокатот Филип Медарски, неговиот клиент, новинарот Томислав Кежаровски, не само што не го открил идентитетот на заштитениот сведок во „Ореше“, делото за кое е обвинет, туку дека дал и погрешна насока за лицето за кое пишувал во текстовите објавени во весникот „Репортер 92“.

„Оценката дали обвинетиот Томислав Кежаровски е сторител на делото за кое се терети во голема мера ќе зависи од анализата на двата изведени докази и текстовите објавени во „Репортер 92“. Притоа судот ќе треба во ваквата анализа да утврди дали обвинетиот го открил идентитетот во „Ореше“. Во првиот текст се изнесени следниве податоци: дека лицето има големо криминално досие и дека се наоѓа во затворот „Скопје“. Во вториот дека се работи за лице именувано како „ Златко штипјанецот“ Со тоа не е откриен идентитетот на заштитениот сведок, бидејќи Златко воопшто не е од Штип, туку е дадена погрешна насока за идентитетот на сведокот“, рече Медарски.

„Доколку навистина со овие текстови е откриен идентитетот, зошто на ова лице му се дава статус на заштитен сведок многу подоцна, во 2010 година?!“, додаде бранителот.

Според одбраната, идентитетот на сведокот бил пробиен уште пред објавувањето на текстовите на Кежаровски, а оценката дека  можела да му биде загрозена безбедноста на сведокот поради текстовите на новинарот е паушална.

Судот, како што посочи адвокатот, при одлучувањето мора да има предви уште еден аспект, а тоа е дека осудата на новинарот би значела прекршувањето на слободата на изразување заштитена со членот 10 од ЕКЧП и членот 16 од Уставот на РМ.

Медарски се повика на праксата на Хашкиот трибунал каде казните за откривање на идентитет на заштитен сведок со целосни генералии во новинарски текст биле најчесто парични, а само во еден случај има затворска казна од три месеци.

„Судот ќе мора да ја има предвид и праксата на Судот за човекови права во Стразбур. Секаква осуда на обвинетиот Томислав Кежаровски ќе значи директна повреда на слободата на изразување. Не се докажа дека Кежаровски е сторител на кривичното дело за кое се товари“, подвлече бранителот во својот завршен збор.

12:35 – По паузата, претресот продолжи со завршниот збор на бранителот Љубомир Михајловски, кој го застапува третообвинетиот, поранешниот истражен судија Валентин Зафиров.

Според бранителот, внесениот телефонски број во записникот од сослушувањето на загрозениот сведок во „Ореше“, тогашниот истражен судија Зафиров го внел по инсистирање на самиот сведок.  Како што наведе адвокатот, ваквото кривично дело – неовластено оддавање на информации, не може да биде сторено со умисла, ако на судијата не му биле доставени информации дека сведокот бил во Програмата за заштитени сведоци. Адвокатот Михајловски потенцираше дека Зафиров на сведокот му дал статус на загрозен сведок, а го постави и прашањето околу логичноста намерно да се открие идентитетот на заштитен сведок. Одбраната смета дека на тогашниот заштитен сведок во „Ореше“ – Златко Арсовски, ниту му бил откриен идентитетот, ниту пак му била загрозена безбедноста.

За одбраната, не е докажано ниту второто кривично дело – противзаконско посредување, кое му се става на товар на Зафиров.

„Обвинетиот Валентин Зафиров не ги сторил кривичните дела што му се ставаат на товар, а тоа се гледа и од одбраната. Во недостиг на релевантни докази, обвинителството се обиде преку една широка палета на разговори прибавени со посебни истражни мерки да ги потврди делата кои му се ставаат на товар на мојот клиент Валентин Зафиров. Сметам дека на еднопаушално обвинение логично е да се дадат и паушални завршни зборови и поради тоа барам судот да го ослободи од обвинение мојот клиент“, рече адвокатот Михајловски.


12:00 – Пауза до 12:30 часот.


11:30 – Во однос на второобвинетиот Сабедин Џини-Хофман, неговиот бранител Борче Стојанов истакна дека неговиот клиент е невин.

Бранителот му порача на судскиот совет посебно внимание да обрне на исказот на сведокот Сашко Арсовски.

Според Стојанов, во обвинението не се образложени дејствијата во давата наврати кога неговиот клиент наводно земал поткуп.

„Обвинението за мојот клиент е напишано во 16 реда. Хофман не е виновен и не ги презел дејствијата за кои се товари во обвинителниот акт. Доколку обвинетиот го сторил она за што се терети, ќе баравме помала казна, а не ослободителна пресуда“, истакна адвокатот.

11:05 – Адвокатот Коста Нојков, кој го брани првообвинетиот – судијата Иле Танев, побара ослободителна пресуда за својот клиент.

„Пред некој ден прочитав една анкета која вели дека довербата во судството е разнишана, но јас упорно верувам во независноста на судската власт. Денес судот има тешка задача, а тоа е да донесе праведна одлука за предметот со уште поинтересно име – „Ликвидација““, истакна бранителот додавајќи дека на обвинетите им е повредена прзумпцијата на невиност уште при самото апсење со објавувањето во јавноста на полициските снимки од приведувањето.

Според Нојков, не  е докажано дека Танев е сторител на кривичното дело „противзаконско посредување“, а како што рече, истото „не ни постои во Кривичниот законик“.

„За да се подигне обвинение за вакви сериозни кривични дела, треба да се има и сериозни докази. Сметам дека обвинителниот акт не е поткрепен со докази“, рече бранителот на Танев во својот завршен збор.

Нојков, меѓу другото, наведе дека ПИМ мерките се незаконски спроведени.

10:25 – Најпрвин обвинителката Лиле Стефанова го прецизираше обвинителниот акт, а потоа пристапи кон изнесување на својот завршен збор.

„Обвинението се однесува на седум точки, од кои шест се однесуваат на случајот „Ореше“, во кој се инволвирани обвинетите. Предметот е воден надвор од судската зграда со многу поткупувања, ургенции, интриги и разврски“, потенцираше Стефанова.

Во најголем дел, завршниот збор на Обвинителството се темелеше на посебните истражни мерки. Според обвинителката, одбраната е контрадикторна со доказите.  Искоментирана беше и изјавата на еден од бранители дадена за новинарите. 

„Еден од адвокатите рече дека овде му се суди на на судството. Тоа не е точно, овде им се суди на Иле Танев, Сабедин Џини-Хофман, Валентин Зафиров, Томислав Кежаровски, Ивица Ефремов, Борис Николовски, Сашко Лазаров и Јане Павловски“, истакна обвинителката.

Стефанова исто така заборуваше за делото противзаконско посредување за кое  беше жестоко критикувана од одбраната, бидејќи ова дело веќе не постои во Кривичниот законик (КЗ), а им се става на товар на најголемиот дел од обвинетите. Според нејзиното појаснување, обвинетите се товарат за противзаконско посредување бидејќи во времето на извршување на дејствијата наведени во обвинителниот акт делото било предвидено.

Обвинителството остана на своите позиции дека обвинетите не докажале дека не ги сториле делата што им се ставаат на товар и побара од судот да изрече повисоки казни имајќи го предвид нивното образование и работни позиции.

„Обвинетите се судии, обвинители и адвокати кои го познаваат законот и кривичните дела и затоа сметам дека треба да им се одредaт построги казна“, заклучи обвинителството во својот завршен збор.

10:20 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.

(Е. П.)