/ Прочитано:

2.353

СУДЕЊЕ Метастаза: Според првообвинетиот Јосимовски обвинението го пишувал поет

Понеделник, 7 мај 2012 – Бранителите денеска финишираа со давање на завршните зборови. Нарекувајки го обвинението поезија, а заштитениот сведок фингиран, завршни зборови даде и првообвинетиот Сашо Јосимовски. Во рочиштата кои следуваат се очекува завршни зборови да дадат и останатите обвинети.

Првообвинетиот Сашо Јосимовски (фото: Војкан Миленковиќ)

Во обвинението за предметот за случајот Метастаза, околу  30 доктори и службеници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се обвинети дека создале злосторничка група и ја злоупотребиле својата функција со цел примање на мито при издавање на инвалидски пензии.

 >> Предметот за случајот „Метастаза“ проследете го тука.


Тек на рочиштето

13:10 – Рочиштето заврши. Следнoто рочиште е закажано за 09.05.12г.  во 9:30.

12:10 – Завршни зборови даваше првообвинетиот Сашо Јосимовски. Според него човек не мора да е Анштајн за да види дека нешто не чини во предметот Метастаза. „Не верувај на тоа што ти го кажуваат, верувај на тоа што ќе го видиш“, му порача тој на судот. Консултирал три експерти по криминално право, сите му одговориле дека обвинението е апсурдно. 

„Се грижам за здравствената состојба на своите пациенти според лекарската етика и досега сум имал само пофалби. Обвинението го пишувал поет. Хартијата трпи се. Ниту еден од сведоците на обвинителството не ме познава освен две медицински сесетри што сум работел со нив. Медицинските документи кои ги сретнувале на шалтер биле со мој печат. Тоа е точно, се гледа мојот потпис, но сите ме препорачуваат. Една од нив веднаш по сведочењето е вработена, а претходно беше 4 години волонтер. Никого не сум организирал. Сѐ ќе прифатам, но не можам да прифатам дека сум злосторниик. Загрозениот сведок беше фингиран на крајот за да може да опстане обвинението. Снимките не содржат правно релевантни факти и не докажуваат вина. Со доктор Дамјановски имавме 7 разговори, а не 50-тина, рече Јосимовски.  Тој заврши со парафразирање на зборовите на Џек Николсон од филмот „A Few Good Men“.


11:07 – Бранителите ги дадоа завршните зборови, на ред се обвинетите. Пауза до 12:00 часот.


10:45 –  Бранителот на 36-то обвинетата Сафета Заховиќ, адвокатот Љубомир Михајловски, според член 368 од ЗКП побара пресуда со која обвинетaта ќе биде ослободена.

10:35 – Адвокатот Ненад Јанаќијевиќ, бранителот на обвинетата Славица Милошевиќ наведе дека обвинителството не ја докажало вината.

10:20 – Бранителот на 32-ро обвинетиот  Миливој Арсовски, адвокатот Горан Колев рече дека неговиот клиент не сторил кривично дело и дека обвинението е неосновано и недокажано. Побара oслободителна пресуда.

10:15 – По Димов, завршни зборови даваше адвокатот Љупчо Веселиновски, бранител на обвинетата 33-то обвинетата Дивна Трпевска. „Не се докажа дека обвинетата ги ивршила дејствијата“, наведе бранителот. Веселиновски побара од судот да ги земе предвид олеснителните околности за Трпевска, нејзината семејна и материјална состојба.

09:35 – Старт на рочиштето. Прв денеска завршни зборови изнесе адвокатот Милан Димов, бранител на 30-то обвинетата Валентина Димовска и 31-во обвинетиот Милан Зафировски. „Не се докажа дека постоела група, ниту пак свест, сакање и волја за пристапување кон неа. Не се докажа дека делеле пари, не постои штета, не се докажа медицинската документација дека не е вистинска“, рече Димов во завршните зборови и побара ослободителна пресуда за обвинетите.