/ Прочитано:

2.338

(ФОТО) СУДЕЊЕ „Монструм“: Судскиот совет го сослушува заштитениот сведок Е1

Среда, 18 декември 2013 / 15:23 – Зад затворени врати за јавноста, во Основниот суд Скопје 1 почна сослушувањето на заштитениот сведок Е1 за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кое се случи во април, минатата година. Судскиот совет ја исклучи јавноста согласно законските прописи откако претходно за оваа одлука се консултираше со странките во постапката. 

„Очекуваме да се потврдат нашите наводи кои ги посочуваме уште од самиот почеток на истрагата, а тоа е дека има многу контрадикторности во овој случај. Согласно ЗКП, и одбраната и обвинетите ќе имаат право да му поставуваат прашања на сведокот. Не можам да кажам во кој правец ќе се движи сведочењето, односно дали ќе биде во полза на одбраната или обвинителството. Во истрага слушнавме што рече заштитениот сведок, меѓутоа не знаеме дали денеска ќе каже нешто поразлично“, изјави адвокатот Алмир Алиспaиќ пред почетокот на рочиштето.

Сведокот Е1 ја презема својата улога во постапката откако во истражна постапка, сега обвинетиот Хаки Азири се откажа од статусот заштитен сведок. Поради контрадикторноста на исказите, во текот на судскиот процес беше пуштена видео-снимка од истражната постапка каде тој јасно ја потврдува неговата улога. Тој во својот исказ пред истражниот судија вели дека ги земал обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои сега се во бегство, од обиколницата близу Железарското езеро. Тој во оваа своја изјава исто така потврдува дека му признале дека убиле човек. Подоцна во текот на постапката, Азири во улога на обвинет изнесе сосема различна верзија. Тврдеше дека бил психички малтретиран од припадници на МВР, се плашел за својот живот, па затоа пред истражен судија ја раскажал приказната, која како што рече му ја монтирала полицијата.