/ Прочитано:

1.561

СУДЕЊЕ „МОНСТРУМ“: Две години од масакрот кај Смилковци — судскиот процес во завршна фаза

Четврток, 17 април 2014 – По цели две години од грозоморното убиство на четирите млади момчиња од Радишани и рибарот од Црешево што се случи кај Смилковското езеро на Велики Четврток, судскиот процес е во завршна фаза. Она што останува неизвесно е дали косовските власти до пресудата ќе ги  екстрадираат двајцата првообвинети кои се во притвор во Приштина и им се суди во отсуство. Пред два месеци косовското Министерство за правда побара дополнителни докази за утврдување на сомнението за делото тероризам, но се’ уште не е одговорено на барањето за екстрадиција. Според одбраната, дополнително доставените докази не се доволни за да се спроведе екстрадицијата.  На денешното продолжение од судењето, односно на 36-то рочиште беа сослушани двајца сведоци на одбраната. Иако се очекуваше едниот сведок да го потврди алибито на петтообвинетиот Сејди Рами тоа не се случи, па обвинетиот приговараше на исказот. Обвинителството побара за следното рочиште, во улога на сведоци да се обезбедат двете лица кои се поврзуваат со регистарските таблички на возилото „Опел омега“ со кое според Обвинителството се превезувале обвинетите, а кои всушност му припаѓаат на возило од марката „Мерцедес“. 

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се обвинети за тероризам. Според Обвинителството тие на  на 12.04.2012, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје, моментно се чека на нивната екстрадиција – им се суди во отсуство. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство. 

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

09:45 – Пред почетокот на денешното рочиште судот одржа брифинг за новинарите, на кој информираше дека по цели две години предметот се наоѓа во завршна фаза и по завршување на доказната постапка предвидено е да бидат закажани и завршни зборови.

„Досега беа одржани 35 рочишта на кои беа сослушани оштетените, како и 5 сведоци предложени од јавниот обвинител, 1 сведок по предлог на судот и над 20 сведоци предложени од одбраната. Во судот исказ дадоа и 6 вештациод Бирото за судски вештачења“, истакна Паула Божиносвки, портпарол на Судот. 

Од судот додаваат дека во текот на постапката се презентирани и голем број материјални докази меѓу кои и транскрипти од телефонските разговори прибавени со посебни истражни мерки, како и  дека е сослушан еден загрозен сведок. 

Во врска со барањето за екстрадиција на прво и второобвинетиот Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, од Основниот суд Скопје 1 велат дека ја доставиле целата документација до Министерството за правда кое е надлежно за спроведување на постапката, која подоцна, пак, е доставена до косовските власти.

„Исто така на барањето од Министерството за правда на Р.Косово се доставени докази за да се утврди основаното сомнение за делото тероризам. Основен суд Скопје 1 – Скопје на 14.02.2014 год. согласно Законот за меѓународна правна соработка во прилог ги достави следниве докази: две вештачење на микро траги на земја, вештачење на траги од биолошко потекло и уште две други вештачења, сите изготвени од Одделот за криминалистичка техника“, рече Божиновски.  

Судот во Приштина се уште се нема изјаснето по испратените докази. Доколку екстрадицијата е побрза од пресудата во Скопје, тогаш процесот ќе стартува отпочеток. 

Тек на рочиштето

10:35 – Судот утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети. На самиот почеток, Обвинителството приговараше на предлогот на одбраната – стручното лице повикано во улога на сведок од Секторот за корпоративна безбедност при Т-Мобиле Македонија да врши вештачење и наместо тоа укажа дека најдобро е ова лице само да одговара на прашањата на странките во постапката поврзани со начинот на функционирање на базните станици на мобилните оператори. На овој предлог одбраната не се противеше, а Судот го прифати. Прифатен беше и предлогот на одбраната да се изведат транскрипти од телефонските разговори на обвинетиот Сами Љута. 

11:20 – Главниот претрес продолжи со распит на сведоците на одбраната. Иако повикани три лица во улога на сведоци, едно од нив не се појави на денешното рочиште бидејќи бил недостапeн за органите на прогонот. 

Прв денеска сведочеше познаник на обвинетиот Сејди Рами од скопското село Арачиново. Сведокот беше прашуван од одбраната во врска со критичниот ден 12 април 2012 година, односно движењата на Рами на тој ден. Како што рече, на критичниот ден некаде после 12 часот напладне  заедно со обвинетиот отишол кај извесен Маријан, односно во неговиот дом лоциран кај нова железничка со цел со ова лице да извршат размена на возила. Рами, како човек кој му ги сервисирал возилата, како што наведе, дошол со него за да провери во каква состојба било возилото кое имал намера да го земе. Според сведокот, после ова се упатиле во неговиот дом во Арачиново, по што го однел обвинетиот дома. Сето ова, како што наведе, се одвивало преку ден.

Сведокот тврдеше дека освен Рами, другите обвинети не ги познава. Како што расакажа,  за убиствата дознал утредента во интернет кафе кое се наоѓа во Арачиново од разговори меѓу присутните таму. Запрашан дали на на 12.04.2012 телефонски контактирал со обвинетиот Рами, одговори дека не знае и дека не го користи истиот број, откако по критичниот настан му бил одземен од полицијата каде бил викнат на распит.

На исказот на сведокот, приговараше обвинетиот Сејди Рами бидејќи тој не го потврди неговото алиби со тоа што наведе дека размената на возилата се случувало преку ден, а не навечер како што тврди обвинетиот. За потсетување, петкратното убиство, според обвинителството биле извршено на 12.04.2012 во временски интервал меѓу 19.40 и 19.50 минути од обвинетите Алил Демири, Африм Исмаилови и Агим Исмаиловиќ (директни извршители), додека Рами пред и по настанот бил во контакт со лица кои како логистика за брзо и ефективно извршување на убиството биле на самото место на убиството, при што по настанот се упатил кон фармата на обвинетиот Фејзи Азири.

„Не е точно дека бевме да се пазариме кај Маријан преку ден, тоа се случи некаде околу 22 часот и тоа може да се утврди од телефонските повици“, потенцираше обвинетиот Рами.

12:05 – Вториот сведок за денеска беше стручно лице од Секторот за корпоративна безбедност при Т-Мобиле Македонија. Тој објасни како фунционираат базните станици кои ги поставуваат мобилните оператори. Судот му предочи листа на телфонски броеви при што тој посочи дека само за два броја има базни станици.

На прашање на обвинителката Гордана Гешкоска дали доколку се отиде на Смилковското езеро и се изврши мерење на телфонски повик оттаму ќе може да се утврди која ќелија ги прикажува тие повици, сведокот одговори потврдно.

Запрашан од обвинетиот Фејзи Азири дали може да се утврди локацијата на  телефонот во време кога нема влезни и озлезни повици, сведокот одговори дека не може. За лоцирање, пак, преку интернет сообраќај на телефон, рече дека конкретно во неговата компанија не постојат такви можности.


12:40 – Пауза до 13:00 часот.

За време на паузата, изјава за новинарите дадоа бранителите на обвинетите. Според одбраната, не се исполнети сите барања за екстрадиција на првообвинетите и затоа косовските власти не го сториле тоа до сега.

„Не се презентирани доволно докази од нашето Министерство за правда за Министерството за правда на Република Косово ја реализира таа екстрадиција. Моите сознанија се такви дека недостигаат докази за да се изврши екстрадицијата“, изјави адвокатот Насер Рауфи додавајќи дека на одржаните рочишта не се докажало дека обвинетите се виновниците.


13:05 – По паузата, судијата Ивица Стефаноски, кој го води овој предмет, ги запраша странките во постапката дали имаат други предлози во однос на сведоци и докази со цел да се утврди работниот план за следните рочишта.

Обвинителството побара да се изврши увид во регистрационото досие на возилото „Мерцедес“ чии регистерски таблички беа најдени на возилото „Опел Омега“ со кое според Обвинителството по извршувањето на петкратното убиство обвинетите се дале во бегство, а подоцна е најдено кај местото Вражји Вир. Застапникот на обвинението исто така побара како сведоци да се повикаат две лица, од кое едното било поранешен сопственик на овој Мерцедес, а на името на другото лице ова возило е регистрирано подоцна. Судот го прифати овој предлог. За потсетување, вешто лице на едно од претходните рочишта наведе дека регистерските таблички на „Опел омегата“ се оригинални, но му припаѓаат на возило Мерцедес, чиј сопственик е од Арачиново, и кој последен пат го регистрирал во 2005 година во Македонија. Сепак вештакот не даде прецизен одговор околу сопствеништвото, но наведе дека движењето на сопствеништвото може да се утврди преку Интерпол.

Прифатен беше и предлогот на одбраната за прибавување на информации од Царинската управа врска со сопствеништвото над „Опел Омегата“, за која вештакот претходно истакна дека ја нема во Регистар на моторни возила регистрирани во РМ.

Судот по барање на одбраната исто така укажа дека ќе направи напори за обезбедување на сведокот кој денеска не се појави на суд бидејќи е недостапен за органите на прогон.

13:35 –  Судот донесе решение главниот претрес да продолжи на 28.04.2014 во 11:00 часот со распит на предложените сведоци од Обвинителството.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)