/ Прочитано:

1.860

СУДЕЊЕ „Монструм“: По дополнителни проверки утврдено дека Демири и Исмаиловиќ веќе биле осудувани во Македонија

Среда, 16 октомври 2013 – Поради смена на еден од судиите поротници, судскиот процес денеска почна од почеток. Првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во Косово, не се неосудувани како што стои во обвинителниот акт, утврдила обвинителката Гордана Гешкоска по дополнителни проверки.

Поради смена на еден од судиите поротници, судскиот процес денеска почна од почеток. Смената на поротници, доаѓа со цел вклучување на адвокатот Ѓорги Настевски во одбраната, кој, пак, е во роднинска врска со поротникот, кој веќе не е дел од судскиот совет што постапува по овој предмет.

Инаку на денешниот претрес се узна дека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во Косово, не се неосудувани како што стои во обвинителниот акт. Според обвинителката Гордана Гешкоска која вршела дополнителни проверки се утврдило дека Африм Исмаиловиќ има пресуда од 1 година и 10 месеци затвор за затајување, додека Алил Демири еднаш бил осуден за недозволено држење оружје на 1 година и 2 месеци и еднаш условна казна за насилство.

Гешкоска побара од судот овие судски предмети да се прибават и откако ќе се направи увид ќе бидат јасни и причините поради кои Обвинителството ги бара.

Прифатено беше барањето на адвокатот Насер Рауфи да се изврши допоолнително вештачење на земјата на калниците на возилото Опел омега со кое Обвинителството тврди дека Демири и Исмаиловиќ избегале од Смилковското езеро и го оставиле на местот Вражји Вир, упатувајќи се кон Косово. Барањето на одбраната е поради анализата на форензичарите, презентирана во фаза на доказната постапка, која покажала дека примероците од земја најдена на калниците од возилото се совпаѓаат со примероците од земја земени од местото на убиството.

Извесно е дека судскиот процес повторно ќе биде вратен на почеток доколку неодамна уапсениот Сами Љута биде присоединет кон актуелното обвинение. Нов почеток се очекува и со екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ, кои пак со првостепена пресуда на косовскиот суд беа осудени на две и две и пол години затвор за нелегално поседување на оружје.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје, моментно се чека на нивната екстрадиција – им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смилковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука.