/ Прочитано:

1.498

СУДЕЊЕ „Монструм“: Табличките на Опел омегата се од Мерцедес регистриран во 2005, сопственикот на Опелот сè уште непознат

Четврток, 6 февруари 2014 – Двајца вештаци денеска во Кривичниот суд зборуваа за примероците земја земени од местото кај Смилковското езеро и местото Вражји вир, каде беше пронајдена Опел омегата и за потеклото и сопственичката структура на возилото.Македонските регистерски таблички на „Опел омегата“ се оригинални, но му припаѓаат на возилото Мерцедес, чиј сопственик кој е од Арачиново, последен пат го регистрирал во 2005 година во Македонија, посочија вештаците. Во меѓувреме, одбраната на обвинетите, адвокатот Насер Рауфи тврди дека се понеизвесна е екстрадицијата на двајцата обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, откако досието „Монструм“ отпатува во судот во Приштина.   

На денешниот главен претрес двајца вештаци зборуваа за примероците земја земени од местото кај Смилковското езеро и местото Вражји вир, каде беше пронајдена Опел омегата и за потеклото и сопственичката структура на возилото.

Вештакот зборуваше дека при изготвувањето на вештачењето користел компаративна метода и лабораториска анализа на примероците земја што ги земал од местото Вражји вир каде беше пронајдено возилото Опел омега, примероците од внатрешноста на возилото и местото околу Смилковското езеро. Уште еднаш вештакот потврди дека земјата  која се наоѓа на патосниците на „Опел омегата“ и калниците се совпаѓа со земјата околу Смилковското езеро.

Одбраната бараше детални одговори околу компаративниот метод за утврдување на хемиските елементи во примероците на земјата која се вештачела.

Осмен за хемиските елементи, составот и структурата на примероците од земја, се зборуваше и за потеклото и идентификациониот број на „Опел омегата“ и потеклото на регистерските таблички „SK 499 MT“ што беа ставени на возилото во моментот на неговото пронаоѓање. Од она што го зборуваше вештакот во судница, македонските регистерски таблички се оригинални, но му припаѓаат на возило „Мерцедес 123“, чиј последен сопственик кој е арачиновец, го регистрирал во 2005 година. Исто така вештакот посочи дека и идентификациониот број и идентификационата картичка на „Опел омегата“ се оригинални ставени од производителот во 1994 година. Сепак вештакот не даде прецизен одговор кој е последен сопственик на ова возило, туку посочи дека возилото не е регистрирано во Македонија, а преку Интерпол може да се пронајде движењето на сопственичката структура на возилото.

Освен народно кажано, шасијата на возилото, вештакот рече дека го вештачел и дисплејот, седиштата, километражата, и производството на возилото.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се седуммината обвинети за тероризам поради петкратното убиство кај Смилковското езеро што се случи на 12 април 2012 година. По 20 дена, полицијата ги уапси обвинетите, а обвинителството потврди дека постојат цврсти докази за убиството. Обвинетите сакале да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, стои во обвинението.

Македонските власти чекаат на екстрадицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кој во моментов се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Приштина.