/ Прочитано:

1.499

СУДЕЊЕ – MУХАМЕД АЛИ ЈАШАРИ: Одложен стартот на новото судење против првообвинетиот

Среда, 29 октомври 2014 – Повторно одложен стартот на новото судење против Петар Маневски, кој пред повеќе од една година во отсуство беше осуден на 13 години затвор за нанесување тешка телесна повреда со смртни последици на матурантот Мухамед Али Јашари. 

Средина:Петар Маневски, десно: адвокат Ристо Петров

Рочиштетото се одложи поради тоа што Судот не добил известување од затворската управа дека Маневски од притворскиот затвор пред десетина дена бил префрлен во КПУ Идризово. Имено, тој неодамна правосилно беше осуден на две години затвор во друг предмет, односно за кривичното дело „насилство“.

Пред речиси еден месец, рочиштето беше одложено на барање на адвокатот на Маневски, кој во исто време бил на друго судење.

Петар Маневски е обвинет за   нанесување тешка телесна повреда со смртни последици на матурантот Мухамед Али Јашари, што се случи пред три години. Судскиот процес се водеше против три лица кои според обвинението дошле во училишниот двор на ГУЦ Здравко Цветковски со цел физички да се пресметаат со ученикот Дарко Анчевски, другар на Јашари. Конфликтот заврши кобно за Јашари кој тргнал да го брани својот другар и добил од удар од камен во градите. Со месеци, очевидци на тепачката во судница раскажуваа што точно се случило во училишниот двор. Според експертите од судска медицина, Јашари немал вродена срцева аномалија туку имал т.н. капакасто срце кое престанало да чука под дејство на ударот од камен кој според обвинителството бил упатен  од првообвинетиот.

Бранителите тврдат дека  Маневски е невин и ќе се обидат тоа да го докаже во новата постапка. Обвинението нема промени, а одбраната најавува и нова реконструкција за да се расветли инцидентот.

Рочиште е одложено за 26 ноември во 10.30 часот.

Апелација, но и Врховниот суд РМ ја потврдија пресудатаизречена во мај минатата година, со која второбвинетиот Стефан Гелов беше осуден на четири месеци затвор за загрозување со опасно орудие при тепачка и караница. Постапката, согласно Законот за малолетничка правда беше запрена за малолетникот Доријан Тасев, обвинет за истото дело како и Гелов,  бидејќи тој веќе издржуваше казна во траење од две години за тешка кражба.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk