/ Прочитано:

1.703

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Проговорија првите сведоци, но за јавноста немаше место во судница

Понеделник, 22 септември 2014 – Судскиот процес за исчезнувањето на аретфактите од Музејот на Македонија и денеска продолжи во претесната судница на Основниот суд Скопје 1 покрај интересот на јавноста за следење на судењето, кое инаку се води по новиот ЗКП. Поради недостатокот на просторни услови, најголемиот дел од новинарите и овојпат беа приморани да го напуштат рочиштето на кое проговорија првите сведоци.

На стартот на денешното рочиште, Весела Честоева,  директорка  на НУ Археолошки музеј на Македонија, и Мирјана Нинчовска, актуелна директорка на Музејот на Македонија предјавија оштетно побарување без соодветна оцена од причина, како што истакнаа, што вредноста на исчезнатите археолошки предмети не може да се искаже во парични средства.

„Бараме доколку овие 162 предмети се пронајдат да бидат вратени на Археолошкиот музеј на Македонија“, рече Честоева.

Сите седуммината обвинети, кои минатиот пат преку своите бранители ги дадоа воведните говори, денеска одговорија негативно на прашањето на судијката Моника Бахчованска – дали се чувствуваат виновни.

По ова следуваше распит на сведоци. Прва во улога на сведок на прашањата на обвинителството и одбраната одговараше директорката на Музејот на Македонија, Нинчовска. Таа го објасни правниот статус на Музејот на Македонија, како и на предметите и збирките кои се предмет на примопредавање на Археолошкиот музеј. Појасни дека исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија било констатирано на 5 ноември 2013 година при што бил доставено известување до програмскиот директор, првообвинетиот Златко Видески. По ова, како што рече, следувало пломбирање на просториите каде се чуваат археолошките предмети од страна надлежните органи.

Честоева, пак, зборуваше за постапката на преземање на дел од вработените од Музејот на Македонија во Археолошкиот музеј, меѓу кои најголемиот дел од обвинетите, како и за правните акти на Археолошкиот музеј, за кои рече дека во најголема мера се идентични со оние на Музејот на Македонија. Според нејзините зборови, преземењето на предметите во Арехолошкиот музеј воопшто не ни почнало пред пријавата на кражбата.

„Целокупниот музејски материјал во кои спаѓа и нумизматички материјал врз основа на судска наредба е депониран во новиот Археолошки музеј во периодот од 26 декември 2013 до март или април 2014 година“, рече Честоева.

Во текот на вкрстеното испрашување од страна на одбраната, на прашање дали  Археолошкиот музеј има изготвено Правилник за чување на стари монети, Честоева одговори дека е Музејот се’ уште не е отворен и дека постапката за изработка е во тек.

Иако, како што рече, во моментов се користат археолошките материјали депонирани во новиот Музеј за подготовка новата поставка, Правилник за постапување и ракување со археолошки предмети  се’ уште не е донесен, но се формирани Комисии кои работат врз основа на договор во кои се вметнати делови од Правилникот на Музејот на Македонија.

Најдолго траеше распитот на Мила Шурбановска, кустос-археолог во Археолошкиот музеј, од чија збирка според Обвинителството биле одземени 11 златни обетки кои датираат од IV век.

Шурбановска наведе дека првпат утврдила дека недостасуваат предмети од нејзината збирка на крајот на месец октомври, 2013 година, кога заедно со конзерватори и ракувачот на депото, обвинетата Софка Кушовска-Сафитли, се упатиле во депото бидејќи одредени предмети требале да се конзервираат.

„По отворањето на кутиите забележав дека одредени предмети се поместени од кутија во кутија. Со конзерваторите се договоривме во однос на она кое сакав да го работат и тие си заминаа без приотоа да земат ништо. Истиот ден, што конзерваторите заминаа, јас и Сафка направивме проверка при што констатирав дека недостасуваат единаесет златни обетки“, истакна Шурбановска појаснувајќи дека никој без присуство на ракувачот на депото не смее да биде сам во оваа просторија.

На 31 октомври 2013 година, како што рече сведокот, обвинетата Кушовска-Сафитли и се јавила при што и соопштила дека ги нашла обетките, односно дека истите биле залепени на на кутии обложени со леплива трака, но се испоставило дека не се работи за истите обетки.

„На 1 ноември Софка дојде кај мене во канцеларија,  со себе ги носеше обетките. Тука беше и Горан Санев, колегата со кога ја делам канцеларијата. Ги погледнавме и двајцата обетките, но утврдивме дека не се работи за слични обетки, но не за тие кои недостасуваат. Софка ми рече дека не знае што се случило. Му се јавив на програмскиот директор Златко Видески, кој беше на терен тој период, и се договоривме да се видиме. Кога Златко ги погледна обетките кои Софка ми ги донесе, веднаш рече дека тоа се обетки од неговата збирка. После ова, Златко вршеше проверка и го извести директорот Дарко Кржовски. Потоа беше направен попис на мојата збирка, но не беше констатиран друг надоместок“, раскажа Шурбановска. Таа појасни дека од нејзината збирка, всушност недостасуваат три поединечни обетки и четири пара од  археолошки истражувања на Стоби и на Исар – Марвинци.

На прашањето на бранителот Светлана Савиќ – дали била член на Комисијата за попис на предмети од збирката на виш кустос-археолог Цоне Крстевски пред тој да замине во пензија од чија збирка, пак, според обвинението исто така недостасуваат предмети – одговори потврдно. 

Потврден одговор доби и адвокатот Димитар Дангов на прашањето – дали секогаш внесувањето и изнесувањето предметите се врши од страна кустосот. 

Според Обвинителството: Златко Видески, виш кустос и програмски директор во Музејот на Македонија, Софка Кушовска-Сафитли, ракувач во депо, Перо Јосифовски, екс-директорот на Музејот на Македонија, Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, членови на Комисија за откуп на музејски материјал  и златарот Часлав Кузмановиќ, единственото лице што не е вработено во музејските институции, се виновни за исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот што беше обелоденето во ноември минатата година.

Видески е обвинет за несовесно работење и за оттуѓување на културно наследство, Кушовска-Сафитли за несовесно работење, Јосифовски за злоупотреба на службената положба и оттуѓување на културното наследство, Кузмановиќ за оттуѓување на културно наследство, додека Кондијанов, Кржовски и Ежов одговораат за злоупотреба на службената положба.

Обвинетите се наоѓаат во притвор веќе 8 месеци. На денешното инсистирање на одбраната за укинување на приворот, судијката ги предупреди бранителите да не и вршат, како што рече, постојано притисок. Таа истовремено ги потсети дека имало луѓе кои поминувале во притвор и по 2 години.

Е.П. / pavlovskae@akademik.com.mk