/ Прочитано:

1.337

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Сведоци тврдат дека првообвинетиот не ги давал клучевите од депоата на надворешни соработници

Среда, 15 октомври 2014 – Со распит на сведоци на Обвинителството, главно колеги на обвинетите, денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи судскиот процес за исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија.

Најпрвин сведочеше Перо Арџанлиев, кустос ареохолог  вработен во  во Археолошкиот музеј на Македонија. Тој наведе дека на снимањето на документарниот филм кое се одвивало во Музејот на Македонија  на 16 октомври минатата година, односно непосредно пред да  биде обелоденето дека од музејските збирки недостасуваат археолошки предмети, присуствувал заедно со уште двајца кустоси и програмскиот директор – првообвинетиот Златко Видески. Како што посочи, бил присутен и на изнесувањето на предметите од депоата за потребите на снимањето, но и на венсувањето и притоа немало никакво нерегуларности. Арџанлиев, кој бил ангажиран на локалитетот Исар Марвинци, во ноември минатата година, кога е утврдена кражбата артефактите, бил од повикан програмскиот директор Видески кој му соопштил дека фалат златни предмети од ископувањата кај  Исар Марвинци што биле снимани за потребите на филмот. Тој исто така наведе дека ракувачот на депото, обвинетата Софка Кушовска – Сафитли, кога било утврдено дека фалат предмети, соопштила дека по снимањето на филмот нашла златен прстен, но дека го вратила во депото, по што тој ја прашал зошто не ги алармирала веднаш безбедносните служби. Сведокот не знаеше да каже каде се наоѓа списокот на предмети кои биле снимани.

Сведокот Злата Блажеска, археолог,  која од март до септември 2013 година работела на категоризација на материјалот од локалитетот Исар Марвинци наведе дека на овој проект била ангажирана заедно со уште една колешка од  Видески.  Истакна дека нивните работни обврски ги извршувале во работното депо кое секогаш било заклучено. На почеток, како што рече, им отворал ракувачот на депото Кушовска – Сафитли, а подоцна и Видески како програмски директор кој го контролирал нивното работење.

„Се евидентираше првото нашето влегување во депото, кога почнавме со проектот, и последниот ден кога завршивме. Во однос на предметите, секој предмет од Исар Марвинци се вадеше и се евидентираше компјутерски, а доколку немаше фотографија истиот се фотографираше “, појасни сведокот.

Таа додаде дека присуствувала и на снимањето на филмот и потврди дека бил составен список на археолошки предмети од Исар Марвинци кои биле снимани, како и тоа дека на снимањето бил присутни одговорниот арехолог Арџанлиев и програмскиот директор Видески. Иако, како што рече, не останала до крај на снимањето, истакна дека е сигурна дека предметите по завршување на снимањето биле уредно вратени во депото.

Во текот на вкрстеното испрашување од страна на одбраната, спротивно на  наводите на Обвинителството во актот, Блажеска наведе  дека Видески не го давал клучот на надворешните соработници, односно дека по барање тој го отклучувал и заклучувал  работното депо.

„Дел од предметите од златните предмети од Исар Марвинци беа во работното депо, а дел во депо трезорот. За ова знаевме само јас, мојата колешка со која работевме на проектот и Златко“, прецизираше сведокот и додаде дека првпат овие предмети биле изнесени за време на снимањето на филмот.

И овој сведок раскажа дека кога бил откриен настанот, биле повикани од Видески и им било кажано од Кушовска – Сафитли дека нашла прстен по снимањето кој го вратила во кутија.

„Потоа влеговме во депото и утврдивме дека фалат златните предметите Исар Марвинци кои беа снимани“, истакна Блажеска.

За време на снимањето на филмот, појасни сведокот, предметите не биле изнесувани и внесувани од страна на ракувачот на депото на Кушовска – Сафитли.

Сведокот Цоне Крстевски, археолог во пензија, од чија збирка исто така недостасуваат предмети, раскажа дека 35 години бил дел од музејските установи и дека збирката на која тој работел, на жалост, како што рече, често била селена. За депоата рече дека се простории за секоја осуда, односно дека воопшто не ги исполнуваат условите за кои се наменети. Пред да замине во пензија, како што рече, некои работи се средиле, па секое влегување во депоата се евидентирало, а бил ангажиран и ракувач на депо.

Крстевски истакна дека кога ја предал збирката која тој ја водел се’ било во ред.

„За сето ова, исчезнувањето на предметите од Музејот дознав од медиумите. Подоцна дознав дека и од мојата збирка фалеле златните предмети“, рече сведокот.

Главната расправа ќе продолжи на 20 октомври за кога меѓудругото е  предвидено во улога на сведоци на Обвинителството да проговорат тројца вештаци.

Предметот за исчезнувањето на 162 артефакти од  Музејот на Македонија, обелоденето во ноември 2013 година, се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. 

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk