/ Прочитано:

1.577

СУДЕЊЕ ПОЖАР – „ПОШТА“: Две години затвор за Арменд Фазлиу

Петок, 14 март 2014 – Основен суд Скопје 1 го осуди на две години затвор шефот на кабинетот на директорот на АД „Македонска пошта“, Арменд Фазлиу, кој се товари за тешко дело против општата сигурност на луѓето и имотот, односно за предизвикување на пожарот кој лани изби во оваа државна компанија и за среќа заврши без човечки жртви, но предзвика поголема имотна штета.

Обвинителството во завршни зборови побара обвинетиот да се прогласи за виновен и да му биде изречена соодветна кривична санкција за да се исполнат целите на казнувањето, со оглед на тоа што, според обвинителот, вештачењето покажало дека човечки фактор е причината за избувнувањето на пожарот. Одбраната, пак, го спореше вештачењето укажувајќи на тоа дека станува збор за неисправна електрична инсталација и дека обвинетиот е невин. Судскиот совет ценејќи ги, како што наведе, олеснителните околности – обвинетиот не е осудуван и отежителните околности – предизвикувањето на голема материјална штета, како и материјалните и вербалните докази, донесе одлука обвинетиот да се прогласи за виновен. Обвинетиот останува на слобода до правосилноста на пресудата.

Инаку, за  тешко дело против општата сигурност на луѓето и имотот, предвидена е затворска казна од една до десет години.

Според истрагата, причина за пожарот, кој се случи на 15 јануари минатата година во дирекцијата на АД „Македонска пошта“, е човечки фактор. Пожарот, според обвинителството избувнал во 16.25 часот во канцеларија на обвинетиот од зажарено тело. Одбраната, пак тврди дека причината е електрична инсталација.

Генералниот директор Рафиз Алити на „Пошта“, вујко на обвинетиот, се откажа од кривичниот прогон и од материјални побарувања од Фазлиу. Штетата од 100.000 евра, како што истакна Алити, ќе ја покрие осигурителната компанија „Кроациа осигурување“, со што ќе се откаже од делот од премијата. Наспроти ова тврдење, неодамна ревизорите открија дека Осигурителната компанија не ја исплатила штетата, а постои можност таа воопшто да не биде исплатена бидејќи објектот не бил навремено осигуран, туку подоцна била склучена полиса со ретроактивно дејство. Инаку, во оваа сума, на име шета, не е влезено уништувањето на муралот на сликарот Борко Лазески, чија вредност треба дополнително да се утврди. Освен муралот во пожарот, целосно изгоре инвентарот во фоајето, покривот и канцелариите на вториот кат од зградата.

Тек на рочиштето

10:50 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.

10:55 – Судењето продолжи со изведување на материјални докази, меѓу кои записници од од извршен увид на местото на настанот, како и фотографии и од безбеденосните камери поставени во АД „Македонска пошта“. Според фотографиите, Фазлиу го напуштил работното место во 16:13 часот, односно десетина минути пред избувнувањето на пожарот. Неколку минути подоцна, меѓу другото, на фотографиите исто така се забележуваат сведокот, кој работел како обезбедување, и една од хигиеничарките како трчаат кон ходникот каде се наоѓаат канцелариите.  На една слика се гледа и лице со ПП апарат.


12:20 – Пауза од 10 минути.


12:30 – Откако заврши доказната постапка, застапникот на обвинението пристапи кон давање на завршниот збор.

Обвинителот остана во целост на обвинителниот акт, наведувајќи дека се докажало дека обвинетиот сторил тешко дело против општата сигурност на луѓето и имотот.

„Имено, од изведените вербални и материјални докази на главните претреси, како и од сеопфатната анализа предочена во обвинителниот акт во целост се потврдија наводите и се виде јасна хронологија на времето и местото на сторување на кривичното дело, односно дејствијата кои ја опфаќаат правната квалификација“, истакна застапникот на обвинението.

Тој се повика на вештачењето, според кое, како што рече, неспорно произлегува дека жариштето е во канцеларијата на обвинетиот, број 11, и пожарот е последица на зажарено тело – отворен пламен. Оттука, како што наведе обвинителот, се елиминира можноста дека пожарот е резултат на електричен уред или електрична инсталација.

„Во критичниот период едниствено обвинетиот бил присутен и ја користел канцеларијата бр.11 , а пожарот е регистриран по неговото заминување. На ваквата фактичка состојба се наодврзуваат и искази на сведоци кои се децидни дека само обвинетиот ја користел канцеларијата, дека е пушач и дека во канцеларијата се пушело и имало пепелник“, посочи обвинителот додавајќи дека се неспорни и тврдењата дека во канцеларијата имало канти со моторно масло.

Оттука, според застапникот на обвинението, произлегува дека пожарот е настанат како последица на човечки фактор.

„Предлагам обвинетиот да биде прогласен за виновен и да му биде изречена адекватна кривична санкција со што ќе бидат постигнати целите на казнувањето во секоја смисла“, повлече застапникот на обвинителниот акт.

12:45 – Бранителот на обвинетиот, адвокатот Маријан Андреев во својот завршен збор истакна дека се изведени докази кои укажуваат дека обвинетиот е невин.

„Наспроти наводите на Обвинителството, сосема спртивни факти се искажани од сведоците. Постои нелогичност и контрадикторност во обвинението. Доколку ОЈО смета дека причина за пожарот е догорче од цигара тоа треба јасно да го истакне во обвинителниот акт“, рече бранителот.

„Точно е дека Арменд е пушач.  Но не е точно дека пушел во канцеларијата. Пепелникот во канцеларијата е украсен. Сведокот кој кажа дека 2-3 пати пушеле во канцеларија, не зборуваше за критичниот период туку некогаш порано, после долги состаноци“, додаде тој.

Според одбраната и вештаците се нејасни и контрадикторни. Според Андреев, во недостиг на докази не се анализирани каблите, односно електричните уреди во канцеларијата.

Бранителот се осврна и на мострите од моторно масло, кои според Обвинителството се наоѓале во канцеларијата на обвинетиот.

„Не постои ниту материјален, ниту вербален доказ дека имало моторно масло во канцеларијата. Доколку имало масло, според вештачењето, на ламинатот ќе имало круг. Мострите на 10.08.2012 биле предадени во магацин. Не може да се одлучува за постоење на кривична одговорност кога нема материјален доказ“, потенцираше Андреев додавајќи дека преку релевантни докази се утврдило дека Фазлиу е невин.

Бранителот на обвинетиот на крајот на завршниот збор потенцираше дека судот не се произнел по писмениот предлог за изведување на ново вештачење, па по кратка консултација, судскиот совет донесе решение да се реотвори претресот и судењето да почне одново.

13:20 – По почнувањето на судењето одново, обвинетиот се произнесе дека останува на одбраната дадена претходно без да додаде ништо ново. Беа прочитани исказите на сведоците, вештаците, а на предлогот на одбраната за ново вештачење обвинителот во целост се противеше. Судот донесе решение да не се прифати предлогот на одбраната со образложение дека е ирелевантно во оваа фаза на постапката, кога сите докази од местото на настанот се отстранети, да се врши вештачење. Судскиот совет во предвид го зеде и одлговлекувањето на постапката, како и зголемувањето на трошоците доколку би се дозволил овој предлог на одбраната.

13:30 – Бранителот и Обвинителството останаа на завршните зборови од претходно, додека Фазлиу немаше ништо да додаде освен тоа дека е, како што рече  -„апсолутно невин“.

13:35 – Судскиот совет донесе одлука со која го прогласи обвинетиот за виновен и му изрече затворска казна од две години. Судијката, како што истакна, при донесувањето на одлуката, советот ги ценел олеснителните околности – обвинетиот не е осудуван и отежителните околности – предизвикувањето на голема материјална штета, како и материјалните и вербалните докази.

Обвинетиот, кој се бранеше од слобода, останува на слобода до правосилноста на пресудата.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)