/ Прочитано:

1.223

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: „Доколку долгот на Машинопромет е исплатен пред продажбата на деловите, понатамошната судска расправа е беспредметна“

Среда, 1 октомври 2014 –  Вчера во Основниот суд Скопје 1 со сведочењето на претставници од УЈП, сведоци на Обвинителството, во фаза на доказна постапка продолжи судењето за случајот „Претседавач“, каде првообвинет е претседавачот на Оштина Центар, Мирослав Шиповиќ.

Првиот сведок одговараше во врска со мислењето на УЈП, кое таа го изготвила по добиено барање од Управниот одбор на „Машинопромет“ за продажба на движни предмети попишани како отпад. Сведокот потврди дека барањето се однесувало на седумте движни предмети попишани во февруари 2008 година кои од страна на проценителска куќа биле проценети со вредност нула. Сведокот исто така посочи дека забележала дека во извештајот на проценителската куќа, кој е дел од предметот на Машинопромет во  УЈП, недостасува страницата на која со маркер биле обележани седумте попишани предмети, кои не се споменуваат на друго место во извештајот. Целокупниот материјал за предметот, како што наведе, го чувал обвинетиот Миле Клинчаров, даночен извршител во УЈП, но на барање бил доставуван до раководител и други колеги од УЈП.  

Вториот сведок, раководителка на Одделот за присилна наплата, говореше за точните износи на долговите кои ги имал АД „Машинопромет“ кон УЈП, за основите за тие долгови,  како и за решенијата за присилна наплата донесени од УЈП за „Машинопромет“. Претставничката на УЈП одговараше и на прашања на шестообвинетата, директорката на Одделението за големи даночни обврзници во Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Јанева-Димова, за причините за кои во ноември 2012 година е донесено решение за запирање на постапката за присилна наплата од долгот од 800 илјади денари на „Машинопромет“. Обвинетата целеше кон тоа дека долгот бил исплатен претходно, но грешката при уплатата на парите од страна на должниковите должници , била утврдена во ноември 2012 година, а долгот сигурно бил исплатен порано.  На прашање на обвинетата, дали доколку грешката била утврдена порано тоа би влијаело на однесувањето на „Машинопромет“, како должник, во смисла што ќе била укината забраната за продажба на резервните делови и тие ќе биле ослободени на располагање на „Машинопромет“, па ќе немало потреба за барање за одобрување на продажбата и ќе немало потреба да се изготвува одобрение од страна на УЈП, сведокот одговори потврдно. 

За следното рочиште кое ќе се одржи 13 октомври, адвокатот Стерјо Зиков побара писмена информација од раководителката на Одделот за присилна наплата за тоа кога точно е исплатен долгот. Кон ова барање се приклучи и бранителот Драган Георгиев истакнувајќи дека тој датум е од  суштинско значење и ако се утврди дека долгот е исплатен во 2010 година, пред продажбата на резервните делови, тогаш понатамошната судска расправа е беспредметна.

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)