/ Прочитано:

1.630

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: Според сведок на ОЈО, досега не е утврдено неовластено постапување од страна на обвинетите

Понеделник, 13 октомври 2014 – Конфузно продолжение на судењето за случајот „Претседавач“ каде 12 лица, меѓу кои претседавачот на Општина центар Мирослав Шиповиќ, им се суди за наводни злоупотреби во компанијата „Машинопромет“ во периодот од 2008 до 2011 година.  Имено, преставничка на УЈП, повикана во улога на сведок на Обвинителството на околност – наведената штета во обвинението во висина од  17.000.003,00 денари на име на даночен долг – не знаеше да одговори на суштински прашања поврзани со предметот, па наведе дека ќе се произнесе на следното рочиште. Сепак, таа посочи дека при внатрешната контрола на организационите единици поврзана со должникот на УЈП – „Машинопромет“, која трае веќе една година, досега не е утврдено неовластено постапување од страна на обвинетите во овој предмет кои се вработени во УЈП.

Сведокот која е ангажирана во Единицата за професионални стандарди при УЈП појасни дека таа и нејзина колешка во ноември 2013 година добиле налог од директорот Управата да се изврши контрола на сите постапувања во врска со даночниот долг на АД „Машинопромет“. Како што рече, веднаш постапиле кон внатрешна контрола на сите организациони едници и истата се’ уште трае.

Според нејзините зборови од 2010 година се извршени повеќе уплати од страна на должниковите должници кој се однесуваат на главен долг од ДДВ во висина од околу милион денари, меѓутоа дека истите не биле прокнижени на даночните картици на Друштвото поради софтверски проблем.

„Дали ова значи дека „Машинопромет“ е оштетен по основа на пресметана камата и трошкови за износ кој е уплатен од должниковите должници, а не е прокнижен поради софтверски проблем во УЈП“, праша адвокатот Драган Георгиев. Сведокот одговори дека за ова прашање ќе се произнесе на следниот претрес. Сведокот исто така не знаеше да одговори колку вкупно средства досега се наплатени од даночниот должник „Машинопромет“. 

Таа наведе дека до денес се преземени сите средства за наплата на долг од Машинопромет, но не знаеше да одговори од кој период потекнуваат долговите на Друштвото, дали од претходното раководство или од раководството во чиј состав биле обвинетите во овој предмет. 

На прашањето на одбраната – дали до денес е утврдено било какво невластено постапување кое излегува надвор од рамките на Законот за даночна постапка од страна на обвинетите, кои се вработени во УЈП – сведокот одговори:

„Уште трае внатрешната контрола, но досега Единицата за професионални стандарди нема утврдено неовластено постапување од нивна страна“, рече сведокот.

Сведокот рече дека на следното рочиште, 6 ноември, ќе се произнесе и по однос на тоа дали Буџетот на РМ претрпел штета на име даночен долг од должникот „Машинопромет“. Во обвинението е наведено дека „обвинетите на име на даночен долг нанеле штета во висина од 17.000.003,00 денари“. 

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари, а на име на даночен долг нанеле  штета во износ 17.000.003,00 денари.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)