/ Прочитано:

1.627

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Љубе Бошкоски бара обвинителката да биде обвинета за малтретирање, изживување и понижување на немоќни лица

Понеделник, 14 јули 2014 – Цитирајќи делови од Библијата и од делото на Достоевски „Браќата Карамазови“, Љубе Бошковски денеска во Основниот суд Скопје 1 ја даде својата одбраната на повтореното судење за случајот „Ровер“. Бошкоски кој е обвинет за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев и кој со првостепната пресуда што Апелација ја укина како нејасна неразбирлива беше осуден на 12 години затвор, рече дека ќе бара обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова да биде обвинета за малтретирање, изживување и понижување на немоќни лица. Поранешниот министер за внатрешни работи направи вистинско шоу во судница кога на шега рече „дека е време да направи едно селфи“ и го зеде мобилниот телефон на неговиот бранител во моментот кога судијата им дозволи на фоторепортерите и снимателите да направат инсерти. 

Денеска во Основниот суд Скопје 1 започна повтореното судење за случајот Ровер“, откако Апелација пред повеќе од два месеци ја укина првостепената пресуда како нејасна и неразбирлива.

Застапникот на обвинението Лидија Раичевиќ-Вучкова остана на истиот обвинителниот акт според кој десетмина обвинети се товарат  за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев извршено пред 13 години. Од нив, тројца се наведуваат како директни извршители на двојното убиство, а останатите како помагачи. 

Обвинетите и на денешниот главен претрес повторија дека не се виновни. Сите останаа на исказите дадени во претходната постапка, а Бошкоски даде дополнување истакнувајќи дека обвинетите се тие кои сега ќе покренат обвинение против обвинителката.

„Не само што јас не знам за што сум обвинет, туку тоа не му е јасно ниту на Апелациониот суд, кој посочи дека за предметот нема ниту докази, ниту умисла. Станува збор за „многу талентирана обвинителка“ која никој не ја разбира. Затоа не таа, туку ние ќе покренеме обвинение против неа, бидејќи ове е најголемото злосторсто што ни се случило. Две години, без докази, не држат затворени и не малтретираат“, рече Бошкоски.

Поранешниот министер за внатрешни работи, кој според првостепната пресуда  му дал „зелено светло“ на Орце Коруновски за убиството на Тушевски притоа ветувајќи му дека нема да поведе истрага за убиството и ќе им помогне на извршителите да избегаат, се повика на одлуката на Апелациониот суд Скопје 1 во која се вели:

„Првостепениот суд ќе треба со сигурност да го утврди субјективниот однос на обвинетите, како и конкретно да се утврди за секој обвинет кој какво дејство презел со конкретен опис на преземените дејствија на помагање на секој од обвинетите.“

„Бесрамно е по ваква одлука на повисокиот суд обвинителката во судница да стане и да каже дека останува на обвинението. Ова го чувствувам како закана за мене, но немам намера да вратам со закана, туку ќе барам обвинителката да биде обвинета за малтретирање, изживување и понижување на немоќни лица“, рече Бошкоски.

Тој  цитираше и делови од Библијата, бидејќи како што рече и владејачката партија се претставувала како демохристијанска, па можеби ќе го разберела.

„Св. Павле рекол: И за најголемото зло немојте да судите без најмалку два- три сведоци. Со ова ова сакам да ја инспирирам обвинителката да најде уште два- три заштитени сведоци, за да направи поубава конструкција“, истакна Бошкоски.

Бошкоски, меѓу другото, побара прекинување на процесот за сите обвинети, односно ако некој треба да одговара, да биде само тој. Побара од Судот доколку може, да не присуствува на судењата бидејќи и онака, како што рече: „судот ќе донесе одлука надвор од судницата“.

На прашање на Судот дали ги познава оштетените во случајот, одговори тоа биле скопски уличари и криминалци кои имале полза тие да го знаат него како министер за внатрешни работи, а не тој нив.

По завршувањето на денешниот распит на обвинетите во случајот „Ровер“, обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова изјави дека ги смета за оправдани критиките кои кон неа ги упати Бошкоски.

„Очекувам правично и многу побрзо судење. Критиките од обвинетите допираат до мене, но се оправдани бидејќи сум свесна во која ситуација се наоѓаат. Разликата е голема, јас сум јавен обвинител, а тие се обвинети лица. Не очекувам нови докази за случајот“, истакна Раичевиќ-Вучкова. 

Судскиот процес ќе продолжи на 27 август со распит на сведоци.

Сопрвостепената пресуда која беше изречена пред точно една година во отсуство како директни извршители на двојното убиство на доживотен затвор беа осудени тројцата српски државјани: Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ. Четвртообвинетиот, Вук Вукичевиќ, кој исто така е во бегство, според пресудата им помогнал на извршителите на убиството преку илегален премин да ја напуштат земјата и исто така беше осуден на доживотна затворска казна. Шестообвинетиот Ивица Ристиќ доби 8 години затвор – бидејќи согласно пресудата знаел за планот за убиството, но не презел ништо. Некогашниот шеф на обезбедување на Бошкоски, Зоран Трајковски беше осуден на 10 години затвор бидејќи од исказите на сведоците произлегло дека не постапил согласно својата службена должност. Службениците на МВР, обвинетите Никола Негриевски и Гоце Митровски беа осудени на шестгодишна затворска казна бидејќи судскиот совет на чело со судијата Илија Трпков утврдил дека тие не постапиле според нивната службена должност за да се расветли двојното убиство. 

Апелациониот суд Скопје  ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење под образложение дека Судот не успеал да ја докаже умислата на помагачите на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев. На повтореното судење, судскиот совет ќе треба да ги спроведе упатствата на второстепениот суд, односно да обезбеди докази и да ја утврди умислата кај обвинетите.

Инаку, и по укинувањето на првостепената пресуда, Aпелација одлучи обвинетите да останат во притвор. Љубе Бошкоски, пак, моментно  ја отслужува петгодишната затворската казна за случајот „Кампања“.

Законскиот рок од две години притворените да се држат во притвор истекува на 20 октомври годинава. 

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)