/ Прочитано:

1.201

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Рочиштето кулминираше со прашањето за притворот на обвинетите, завршни зборови следниот месец

Понеделник, 13 октомври 2014 – Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, седмообвинет во случајот „Ровер“, и денешното рочиште го помина во холот на Судот поради недолично однесување. Обвинетиот Ивица Ристиќ, пак, тврдеше дека мора итно на операција, но, како што наведе, тоа не му било дозволено од Судот. Бранителите уверуваа дека законскиот рок за држење во притвор на обвинетите истекол вчера… – вака отприлика изгледаше продолжението од повтореното судење за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во 2001 година.

На стартот на денешното рочиште од повтореното судење за случајот „Ровер“ најпрвин пред судот беше повикан последниот сведок, односно еден од инспекторите кој на првичното судење беше обвинет, но поради немање доволно докази, обвинението против него и против уште тројца други во фаза завршни зборови беше отфрлено.

Во моментот кога сведокот пристапи кон пултот, Бошкоски, кој веќе неколку рочишта по ред го бојкотира процесот, на судијата Илија Трпков револтирано почна да му вика дека не сака да седи на судењето. По ова беше донесено решение за негово отстранување од судница поради недолично однесување. 

Според Бошкоски, Судот и Обвинителството не ги исполниле ветувањата и не ја запазиле правната постапка за проверка на сознанијата што тој ги сподели на едно од минатите рочишта: дека првообвинетиот Предраг Чубрило е починат, а дека останатите двајца српски државјани на кои им се суди во отсуство, пак, воопшто не биле во државата кога се случило двојното убиство. Според неговите информации, за време на убиството – едниот бил в затвор, а другиот надвор од Европа. Образложението на Судот е  дека добиле информација од Интерпол дека Чубрило не поминува низ евиденцијата на починати.

По отстранувањето на Бошкоски од судница, обвинетиот  Ивица Ристиќ, кој на минатото рочиште поради влошена здравствена состојба со Итна медицинска помош од судница беше однесен во болница, бараше одложување на судењето.  Според Ристиќ, кој денеска на рочиштето присуствуваше во придружба на лекар, судијата наредил да не го оперираат додека не заврши судењето, иако итна операција му била закажана за 3-ти овој месец. Лекарот кој беше во негова придружба, пак, посочи дека обвинетиот не бил во критична состојба и може да го следи процесот што предизвика револт кај обвинетиот. По ова, лекарот не сакаше да седне до обвинетиот, бидејќи, како што рече, не се чувствувал безбеден, па седна на другиот крај од судницата.

Сведокот во однос на двојното убиство рече дека таа ноќ бил на смена, но не ги видел ниту убиените, ниту убијците.

Револт кај одбраната предизвика и тоа што судијата не го прифати предлогот на бранителот Димитар Савовски да се сослуша уште еден сведок со образложение дека Судот направил напори, но не успеал да го обезбеди сведокот.

Денешното рочиште кулминираше со прашањето околу притворот на обвинетите. Според бранителите, обвинетите се држат во заложништво, бидејќи, како што посочија, вчера истекол законскиот рок од две години за нивно држење во притвор, односно две години од покренување на обвинителниот акт. Според Судот, пак, овој рок истекува на 22 октомври. По барање на одбраната, Кривичниот совет на Судот денеска ќе одлучува во однос на ова прашање. Бошкоски, кој првично беше казнет со 12 години затвор, не може да излезе од затоа што ја издржува затворската казна за случајот „Кампања“.

Судскиот процес ќе продолжи на 5 ноември со завршни зборови.

Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Обвинетите се  товарат за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец во јули 2001 година.  Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk