/ Прочитано:

1.934

Судење „Ровер“: Судењето повторно одложено поради влошената здравствена состојба на Љубе Бошковски

Вторник, 18 декември 2012 – Судењето повторно се одложи поради здравствената состојба на обвинетиот Љубе Бошковски кој иако се жалеше на изнемоштеност, сепак се појави во судницата по наредба на судот. Со жестока реторика на судскиот совет му појасни дека се чувствува како немоќно лице на кое му се прави класично изживување. Судијата повеќе од 40 минути одлучуваше дали да го одржи главниот претрес, на крајот донесе одлука рочиштето да се одложи. На првите две рочишта кои поминаа во многу бурна атмосфера, Бошковски тврдеше дека во судницата е донесен за отстрел, а случајот „Ровер“ го нарече полициско-обвинителски монтиран процес.

Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се обвинети за убиство и помагање на убиство извршени врз Маријан Тушевски и на Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ кои се товарат дека се директни извршители на убиството се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на 6-то обвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, во најмен стан претстојувале отприлика еден месец. Најголемиот дел од останатите обвинети во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР се товарат дека знаеле информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е 7-мо обвинет, се товари за помагање на убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа му ветил дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука  .

Тек на рочиштето

11:00 – Судскиот совет се повлече, одлучуваа повеќе од 40 минути, на крај донесоа одлука рочиштето да биде одложено за петок (21.12.2012) во 09:30 часот. 

10:40 – Откако обвинетиот Бошковски се појави пред судијата беше запрашан како се чувствува.

„Ова го чувствувам како изживување врз немоќно лице. Не ми е јасно зошто толку обвинителката и вие брзате да ми се суди, вчера примав терапија и инфузија, зар треба тука како египетскиот претседател да доаѓам расчинет со инфузии? Ќе дојдам секако ако сум осуден на смрт. Ви тврдам на излегување од затворот ги сретнав лекарите ги прашав зошто денес ме носат на судење кога вчера ми рекоа дека треба да одмарам неколку дена, тие ми креваат раменици, ми рекоа така им било наредено“.

Откако судијата го праша за името на лекарот кој тврдел дека добил наредба, Бошковски негираше да го открие идентитетот.

Одбраната на Бошковски, адвокатите Дончо Наков и Владимир Ракочевиќ побараа искажувањето на Бошковски да влезе во записник и стручно лице да ја утврди здравстената состојба на обвинетиот.

Адвокатот Димитар Савевски кој го брани обвинетиот Сашко Јовановски побара од судскиот совет доколку е неизвесно дали ќе се подобри здравствената состојба на Бошковски, тој да се издвои од постапката бидејќи дел од обвинетите се во притвор и ова претставува итна постапка. Судијата одговори дека ќе се чека до петок, па потоа ќе се донесе одлука.

10:30 – Рочиштето започна со задоцнување од околу 1 час. Судијата ги извести присутните во судницата дека се чека спроведувањето на обвинетиот Љубе Бошковски кој треба да биде донесен од КП „Идризово“.