/ Прочитано:

1.375

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Бошкоски тврди дека првообвинетиот е починат, а второобвинетиот бил в затвор кога се случило убиството

Среда, 27 август 2014 – Кој е Предраг Чубрило? Дали е од БиХ, дали е од Србија до денеска не е утврдено. Јас дознав дека првообвинетиот Предраг Чубрило, кој доби доживотна казна затвор, е починат. Имаме информација дека второобвинетиот бил во затвор во времето на извршувањето на дејствието опишано во обвинителниот акт. Трето или четвртообвинетиот бил во прекуокеанска земја во тој период… – информираше Љубе Бошкоски  на денешното второ рочиште од повтореното судење за случајот „Ровер“. Тој побара од Судот овие информации да се проверат, а истовремено од одбраната беше побарано на заштитениот сведок да му се одземе овој статус и тој да биде сослушан како обичен сведок.

Во Основниот суд Скопје 1 денеска продолжи повтореното судење за случајот Ровер“, откако Апелација април годинава ја укина првостепената пресуда со која Љубе Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев како нејасна и неразбирлива.

Иако судскиот процес требаше да продолжи со сослушување на сведоци, пред Судот се појави само сестрата на Тушевски во улога на оштетена, бидејќи некои од сведоците биле неуредно поканети, додека сведокот Ангел Георгив, кој е предложен од одбраната, бил на служен пат. Сестрата на Тушевски се приклучи кон кривичниот прогон, додека отштетното побарување посочи дека ќе го прецизира во текот на постапката.

По ова, Судот донесе решение да се пристапи кон изнесување на предлозите на странките во постапката, при што обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова истакна дека обвинителството нема предлог за изведување на нови докази. 

Одбраната, пак, побара: на заштитениот сведок да му се одземе овој статус, сите сведоци поради промената на судскиот совет да се сослушаат повторно, како и гаранција од Судот дека нема да има измени и прецизирања на обвинителниот акт во текот на постапката која започна со потполно истoтото обвинение според кое десетмина обвинети се товарат  за убиството на  Тушевски  и Јанев извршено пред 13 години, од кои тројца се наведуваат како директни извршители на двојното убиство, а останатите како помагачи. 

„Во решението на Апелација пишува дека пресудата е нејасна и по оценка незаконита.  Оваа постапка почна со истото нејасно обвинение. Со оглед дека до денес нема интервенција во обвинителниот акт, предлагам Судот да им даде гаранција на обвинетите дека нема да има измена и оттука нема да се изведуваат нови докази. Доколку би имало, предлагам Судот да го задолжи обвинителот тоа да го стори веднаш“, рече Драган Гоџо, бранител на Бошкоски. 

Бошкоски: Ќе осудите мртви луѓе, луѓе кои тогаш не биле на овој континет или биле в затвор?

Поранешниот минстер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој според  обвинението, како министер дал „зелено светло“ за извршување на убиството исто така се произнесе со предлог за прибирање на податоци за идентитетот на првите четворица обвинети, кои во отсуство беа осудени на доживотна казна затвор. Според неговите информации овие лица не биле во земјава кога се случило убиството. 

„Кој е Предраг Чубрило? Дали е од БиХ, дали е од Србија до денеска не е утврдено. Јас дознав дека првообвинетиот Предраг Чубрило, кој доби доживотна казна затвор, e починат. Имаме информација дека второобвинетиот бил во затвор во времето на извршувањето на дејствието опишано во обвинителниот акт. Трето или четвртообвинетиот бил во прекуокеанска земја во тој период. Ќе осудите мртви луѓе, луѓе кои не биле тогаш на овој континет или биле в затвор?“, запраша тој.

Бошкоски потенцираше дека Судот овие информации преку МВР може експресно да ги провери и оттука наведе дека е вчудоневиден како и после толку време се’ уште тоа не е сторено, притоа нарекувајќи го судскиот процес циркузијада, а судот институција на која и е потребна комплетна реформа.

Обвинителството единствено не се спротивстави на предлогот на Бошкоски, но застапникот на обвинението Раичевиќ-Вучкова порача дека овие наводи и изворот, одбраната треба да ги предаде ОЈО со цел истите да се проверат, бидејќи, како што рече, се многу битни за постапката. Во однос на барањето за заштитениот сведок да му се одземе статусот побара аргументи дека нема да му се случи ништо и да кажат поради кои причини го бараат тоа.

„Се заблагодарувам на Обвинителството што го прифати мојот предлог, но според моите сознанија теретот на докажување е на Јавното обвинителство. Ние имаме договори кои се ратификувани  во Собрание, кои јас како министер за внатрешни работи сум ги потпишувал, и овие работи се решаваат на државно ниво. Јас немам можност да го решам ова бидејќи мојот кабинет во Идризово не ми е соодветно опремен, опремете го и јас ќе го направам тоа“, подвлече Бошкоски.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk