/ Прочитано:

1.641

СУДЕЊЕ „Ровер“: Oдбраната на Бошкоски смета дека обвинението не е докажано, побараа ослободителна пресуда

Четврток, 19 јуни 2013 – Тимот на одбраната на обвинетиот Љубе Бошкоски, во своите завршни зборови, побара ослободителна пресуда со оглед на тоа што, како што беше наведено на денешното рочиште, во текот на целиот судски процес не се прибавени какви било докази дека поранешниот министер за внатрешни работи на кој било начин пришол кон помагање на убиството на Марјан Тушевски и на Киро Јанев. Адвокатите на одбраната тврдат оти од исказот на заштитениот сведок не може да се утврди дали Бошкоски воопшто се сретнал со Орце Коруновски, кој според Обивинителниот акт, е нарачател на убиството, и не се докажало дека Бошкоски како министер успеал да координира и да им нареди на останатите припадници на МРВ да не преземаат мерки за спречување на убиството.

Адвокатот што ги застапува првите четворица обвинети на кои им се суди во отсуство, Гоце Штерјовски, побара ослободителна пресуда, образложувајќи дека Судот не ги искористил меѓунарoдните договори за да ги обезбеди и ги сослуша обвинетите, ниту пак биле прибавени докази за тоа дека тие биле во земјата на критичниот ден. Штерјовски истакна оти во самата постапка не се докажало тврдењето на Обвинителството дека првообвинетите навистина се сторители, што тогаш било само „мафијашка“ пресметка која сега, по толку време, се настојува да се докаже единствено врз основа на исказ на заштитен сведок.

Бранителот на обвинетиот Ивица Ристиќ, адвокатот Мартин Петров во завршниот збор на денешното рочиште, на Судот му пристапи со фотографски снимки на одредени лица за кои тврди дека биле присутни во неговата кафеана непосредно по извршувањето на убиството и дека таму оставиле пиштол. Сред ваквиот стек на околностите, Ристиќ го пријавил случајот во полицијата, поради што и очекувал да биде сведок во судскиот процесот, но наместо тоа, е обвинет и лежи в затвор веќе 11 месеци. Од овие причини, Петров побара Обвинителството да го повлече обвинението против неговиот клиент. Ристиќ настапи со истите аргумени, како својот бранител.

Адвокатот на семејството Тушевски, Ана Андоновска, во завршните зборови побара материјален надомест за претрпената душевна болка на семејството: се работи за 90 илјади евра за кои, според неа, доколку судот ги прогласи обвинетите за виновни, би требало да побара и надомест на претрпената штета.

Адвокат Донче Наков, во своите завршни зборови ја изнесе како проблематична поставеноста на Обвинителниот акт. Најнапред се осврна на отсуството на генералии за првообвинетите српски државјани за кои Судот ниту еднаш во текот на процесот не побарал доказ за нивното државјанство, ниту пак некој можел да провери дали тие лица воопшто се наоѓале на територијата на Република Македонија на денот на убиството. Според него, тврдејќи дека полицијата со умисла тогаш не сторила ништо за расчистување на убиството, Обвинителството потполно се побива себеси, со оглед на тоа што во Обвинителниот акт се наведени повеќе официјални документи и службени белешки од кои се увидува дека МВР работело на случајот. Наков подвлече дека Бошковски, како тогашен министер, во никој случај не можел да ја саботира работата на полицијата и да се стави над истражниот судија и над обвинителот, коишто еден час по убиството дошле на увид на местото на настанот. Тој заклучи дека ако постоело какво било ветување од страна на Љубе Бошковски, тоа би било врзано за други помагатели, со што каузалниот синџир значајно се развлекува, но изречно негира дека ветувањето, само по себе, е акт на помагање убиство.

Адвокат Драган Гоџо, пак, се осврна на тоа дека секој доказ што се прибавува во кривичната постапка мора да биде: релевентен, веродостоен и дозволен. Според него, присутните во судницата ниту еднаш немале можност да го видат пиштолот со кој е извршено убиството, туку се потпираат само на извештаите на Одделот за кримтехника. Понатаму, Гоџо подвлече дека Обвинението не дава никаква дистинкција кој од обвинетите воопшто пукал и во кое лице. Додатно, Гоџо предочи дека Обвинителниот акт е крајно нејасен во приодот кон објаснувањето на дејствијата на помагање што, наводно, ги извршил Љубе Бошкоски. Тој, исто така, му упати забелешка на Судот во врска со одбивањето на Судот да прифати службени белешки на одбраната како докази во судската постапка, со што било повредено правото на одбрана на обвинетите и упати критика за потегот на Судот да ја исклучи јавноста од сведочењето на заштитениот сведок „ФФ-15“, иако бил сослушуван според критериумите предвидени со закон за сослушување таков вид сведоци: со заматен лик, со дисторзиран глас и под псевдоним.

Сведочењето на заштитениот сведок беше критична точка и за Константин Кратовалиев, којшто во своите завршни зборови ја истакна контрадикторноста на исказите на заштитениот сведок со фактичката состојба. Според него „ФФ-15“ не само што никогаш не дошол пред куќата на Бошкоски на Водно, туку и воопшто не знаел каде е лоцирана, при што ја појасни географската поставеност на локациите што се споменуваат во Обвинителниот акт.

Адвокат Владимир Ракочевиќ, дел од одбраната на Љубе Бошковски, надоврзувајќи се на претходните изјави на адвокатите на одбраната, истакна дека тимот на одбраната воопшто не бил запознаен со изјавите на сведоците, што, во најмала рака, е противуставна судска постапка. За него, Обвинителниот акт бил дословно „неписмен“ и не содржел соодветно образложение, како што се бара според одредбите на ЗКП, алудирајќи на тоа дека од ниту еден збор во Обвинението не може да се заклучи кои се сторителите на кривичното дело. Ракочевиќ потцрта дека е залудно да се бара вина во какви било помагатели на убиство ако претходно не се поведе ригорозна форензична постапка за утврдување на вината на сторителите на тоа кривично дело.

Денешното рочиште го затвори адвокат Антонио Апостолски, кој за својот штитеник, обвинетиот Никола Негриевски, рече дека со оглед на тоа што немало умисла за помагање убиство, во секој поглед изостанува одговорноста на Негриевски.

Судското рочиште продолжува утре, 20 јуни 2013 година, во 10:30 часот, кога својот завршен збор ќе го даде ексминистерот Љубе Бошкоски.